Дк,
Пред неколку години скрив одредена сума на пари во спална, проблемот е во тоа што заборавив каде ги ставив. Пред некој ден ги барав, не можев да ги најдам. Сакам да верувам дека се многу добро скриени!
Претходниве две недели ми беа многу нервозни, немаше некоја посебна причина. Сакав да бидам повеќе сам, со што е можно помалку контакт со народ. Имам вакви периоди во годината, посебно при нагла промена на времето, каде и така нискиот притисок дополнително ми паѓа, ме прави помрзлив, ме тера на дремење и спиење. Книга, ладно кафе и филм. Тоа ми е и редовна рутина во мојот асоцијален живот, ама при овие периоди тоа знае да интензивира.
Се издував и до викендичка, тропав ореви, тоа што беше останато, берев калинки. Не е никаква физичка активност, ама е промена од канцеларијата, бирото и компјутерот. Ме заморува и брзиот живот, епопејата дома-работа-дома. Па и работната атмосфера. Новото актуелно прашање на дневна расправија е на колку степени треба да дува климата. А актуелното дневно-политичкото прашање е дали парите во ѕид имаат изолациона моќ!
Пред некој ден со саати потонав во судоку. Мозочна авантура. Логичен предизвик. Порано тука прибегнував кога сакав малку да се смирам, да го пуштам мозокот на пасење, веројатно ми останал како условен рефлекс. Немам време да потонам во мислите, целокупната концентрација ми е насочена кон новонастанатиот проблем. И некое атмосферско музиче во позадина. Не ја ни перцепирам, ама нека си врти.
Следниот личен мрзлив предизвик ми е да изгледам неколку филмски франшизи, завршив со Петок 13ти, продолжив со Star Trek. Барем да ги поминам филмовите до 90тите. Сега ќе се дружам малку со нив, до следно читање!