ДК,
Во темата контроверзно мислење пишував за мојот папагал од детството, оној кој го учев да збори, а притоа тој вид на папагали немаат способност да научат да зборуваат. Попатно имам уште неколку приказни поврзани со моите домашни миленици.
Имав златна рипка, живееше со еден мал аквариум. Имаше некое безвезе име, не дека знаат да се прозиваат, колку да го има. Голди. Голди умре. Водата и се направи ко боза, и имаше и текстура и густина, па ајде купивме филтер и земавме нови две рипчиња. Филтерот беше поголем од аквариумот, рипките не се ни гледаа.
После почнав со мачките. Пред неколку години ми дојде мачор кој сакаше да ми биде мачор. Беше млад, бебе, неколку месеци, прво пискаше под тераса, па се запитоми. Си реков, ај ќе го чувам, кај две, таму и три, барем ќе брани територија. Порасна. Прв бега кога ќе дојде некој мачор. Метак. Испарува. Го нема. Па пуштил еден глас ко канаринец, стакло пука кога ќе писне. Мислам дека намерно доаѓаат мачорите, не за храната, туку да го истепаат.
Имам и природно глуп џукац, главата му е како перископ, само нешто гледа, само нешто слуша. Генерално гледа да направи штета, баш тоа што не треба да го прави, го прави. Има цел тревник, не, он сака да сере во цвеќето! И го исуши! Сега сере во тревата! Цревото го направи систем капка по капка, кебето го скина, спие на даска. Му викаш дојди, тој ќе седне. Му викаш мирен, почнува да ти рипа, а претходно убаво ќе се натопи во некој вир. Лае се додека некој не влезе во дворот, откако ќе влезе, слободен премин. Тоа е.
Доколку дозволуваат условите, убаво е да се има некое животинче, на некое друго суштество да се отвори домот. Да се сподели љубовта и среќата. Сите ги чувам од бебиња, две ги чувам од цуцла.
До следно читање!