Почитувана спортска јавност во Битола,
Во изминатите денови, како и вие, така и навивачката група Чкембари имаше увид во првичните контакти помеѓу странски инвеститор и нашиот фудбалски клуб ФК Пелистер.
Сите одамна сме свесни дека без приватен капитал тешко може да се зборува за вистински развој на клубот. Јасно е и дека актуелната поставеност и начинот на функционирање не ги задоволуваат ниту апетитите на битолчани, ниту нудат перспектива за подобра иднина на клубот.
Ние сме за влез на приватен капитал и за партнер во клубот, но не по секоја цена.
Свесни сме дека станува збор за преддоговор и дека истиот е преведен со помош на ChatGPT, меѓутоа она што сериозно загрижува е фактот дека во истиот се предвидени обврски исклучиво од наша страна. Апелираме, без приложени банкарски гаранции и без конкретна финансиска уплата, да не се преземаат никакви обврски – ниту во делот на реклама, ниту во делот на преименување или менување на било што поврзано со клубот.
За жал, бројни се примерите во македонскиот фудбал каде наводни странски, најчесто турски инвеститори, влегувале во клубови, а тие приказни завршувале неславно и со тешки последици. Токму поради тоа, апелираме на двојна претпазливост.
Доколку некогаш дојде до реализација на ваква соработка, таа мора да биде јасно дефинирана, со цврсти и правно издржани клаузули, со прецизни временски рокови за уплати и со механизми за целосна заштита на клубот.
Пелистер е македонски фудбалски клуб, кој игра во Битола и го носи својот препознатлив зелено-бел амблем.
Така и треба да остане.
