Полицијата го откри човекот кој се закануваше дека ќе пука со калашников по новинарите на А1. Се работи за 56 годишниот Илија Митрески од Охрид, кој воопшто не се ни обидел да го сокрие својот вистински идентитет при испраќањето на пораките, утврдиле по проверките експертите на Одделот за компјутерски криминал.
„Кај Митрески кој живеел сам и е корисник на инвалидска пензија, со судска наредба е извршен претрес, а при претресот не е пронајдено никакво оружје или експлозиви со кои би можел да ги оствари заканите“, стои во соопштението од МВР.
При претресот, на охриѓанецот му бил одземен компјутерот, а бил и повикан на разговор во полициска станица.
Таму Митрески потврдил дека заканите се негови, но се правдал дека ги испраќал оти бил револтиран од ставовите на телевизијата, без намера да ги оствари.
Од полицијата информираат дека против него досега не биле поднесувани кривични пријави, а дали и каква пријава ќе добие за овој случај ќе одлучат по консултациите со обвинителството.
Митрески заканите дека ќе пука по новинарите, така предвидувајќи ја последната ноќ и крајот за сите во А1, ги упати пред 2 дена.
„Убијци македонски во прва средба со вас или ваш новинар ќе бидете убивани, го достигнавте врвот на Ал Каеда“.
„Ова е вашето последно почивалиште“.
„Гасна комора за А1“.
Овие и сличните на нив закани почнаа да стигаат до А1 по симулациите на преговорите за името што телевизијата ги организираше во Охрид минатиот викенд.
Освен по електронска пошта, ширењето на говор на омраза кон телевизијата со обвинувања за наводни предавства, деновиве се појавија и во контактните емисии на некои локални телевизии, како и на блоговите на некои водители.