Црногорскиот пример ќе ја направи Европа компликувана
До 2020 година во Европа би можело да има дури 21 нова држава, пишува „Тајмс”
Дали прогласувањето независна Црна Гора ќе биде почеток на создавање многу нови држави во Европа: славење во Подгорица
ЛОНДОН - Примерот на Црна Гора и нејзиното излегување од досегашната државна заедница со Србија и најавата дека во септември референдумот за отцепување од Молдавија ќе организира и тамошната енклава Приднестровје, го натера лондонски „Тајмс” да предупреди дека повиците за слобода може да ја направат Европа покомпликувана од кога било досега, ако сите што сонуваат за своја независна држава решат да го направат тоа. Весникот вели дека во тој случај, до 2020 година на континентот би можело да има дури 21 нова држава, кои би се додале на сегашните 18 „нови” земји создадени по падот на комунизмот, што е огромна мешаница во однос на ситуацијата од 1989 година, кога во Европа имаше вкупно 27 држави. Од Баските во Шпанија до Курдите во Турција има десетици мали и поголеми малцинства кои мислат дека во сопствените енклави и „зафрлени агли” на континентот, може да создадат сопствени држави, онака како што тоа пред извесно време им појде од рака на Црногорците.
На Балканот најблиску до независност е Косово за чиј конечен статус веќе се водат преговори. Таквиот развој на работите веднаш има свои одгласи во Босна, каде што локалните Срби сега и јавно бараат нивната Република Српска да се оддели од Босна, додека тамошните Хрвати порачуваат дека во тој случај тие би сакале да се присоединат кон „нивната” Хрватска.
На уште поголема мешаница би се случил во реонот на Кавказ, каде што Русија со воена сила се обидува по секоја цена да ја задржи Чеченија во своите граници. Грузија пак има проблеми со дури два свои реона - Абхазија и Јужна Осетија кои настојуваат трајно да ги раскинат врските со Тбилиси, а с` уште нема никакво решение за судбината на Нагорно Карабах на која претендира Азербејџан, а која е дел од Ерменија.
Британија не е никаков исклучок од тоа, посебно кога станува збор за ситуацијата во и околу Северна Ирска, која е дел од ирскиот остров, но е под британска управа. Во поинаква ситуација е Велс, но таму с` повеќе се инсистира на враќањето на нивниот велшки јазик и на подигнување на локалното Собрание, кое има само „советодавна функција”, во парламент, по углед на шкотскиот, кој има и законодавна улога.
Во другиот дел на Западна Европа, Валонците и Фламанците би ја „растуриле” Белгија и би си направиле свои држави ако се има предвид колку малку се сакаат, Јужен Тирол, како го нарекуваат Австријците или Алто Адиџо, како што оваа област ја нарекуваат во Италија, е стара тема за повремените „караници” на двете земји. Во таа низа „Тајмс” ги става и случаите на Корзика и на Сардинија, каде што постои забележително сепаратистичко движење, во однос на централната француска власт. Сето тоа завршува во Шпанија, каде што Еускаде (земјата на Баските) с` повеќе личи на држава во држава, а на тоа од неодамна му се приклучува Каталонија, додека Андалузија претендира да ги следи нивните чекори.