Интересна статија од весникот Нова Македонија поврзана со животот после смртта!
Чудни искуства на Македонци што ја допреле смртта
Разиграни бои, пријатни звуци во заднината, опуштеност, лебдење, безгрижност, симпатија дури и за лицата што никогаш не ти биле драги. Вака Д.Б. од Скопје ја опишува својата состојба додека била во клиничка смрт.
- Бев во паралелен, поинаков, прекрасен свет. Не сакав да се вратам назад - раскажува Д.Б.
Секој поинаку ја доживеал клиничката смрт. Секој на свој, само нему својствен начин го доживеал тоа искуство, кое многумина го третираат како живот по смртта. Интересот за комата е голем колку за тие што излегле од неа, толку и кај докторите. Истражувањата за тоа што му се случува на човекот додека е во кома и што сè ќе му помине пред очи ја копка напредната медицина. Неодамна големо истражување за доживувањата на пациентите започнаа и британските научници, а тие се интерес на сè повеќе истражувачи во светот. Кај нас, најголем дел од лекарите комата ја објаснуваат строго во рамките на медицинската логика и искуства. Велат дека се работи за невообичаена состојба на мозокот во која се враќа сеќавање на работи кои се тајно закопани во потсвеста, или пак пациентот несвесно ги измислува за да го пополни просторот на несеќавање. Друг дел лекари, пак, се резервирани и велат дека сепак не би сакале толку лесно да судат за искуствата што пациентите ги раскажуваат со неверојатна уверливост.
Лебдев над телото
Своето искуство за краткиот престој во животот по смртта ни го раскажа четириесетгодишен маж од Скопје, кој едвај останал жив по тешка сообраќајна несреќа.
- И лекарите во скопската Градска болница се чудеа како преживеав. Велеа дека сум феномен. Доволно е да ви кажам дека имав и отворената голема рана во едното белодробно крило, кое беше речиси целосно уништено и девет скршени ребра. Дваесет дена ме држеа во вештачка кома за да можам да преживеам. Имав многу чудно доживување додека бев во принудна кома, но тешко можам да го објаснам и тоа што се случи пред да добијам лекарска нега - раскажува поранешен пациент.
Во неверојатна болка ја изгубил свеста додека го носеле во болница.
- Пред да влеземе во болницата почувствував дека организмот се предава. Потоа на кратко се изгубив и како да се најдов во друга димензија. Болката повеќе не постоеше, а јас почувствував како да се одвојувам од телото и лебдам над него. Не можам да проценам колку време бев во оваа состојба. Ми беше лесно, слушав убави звуци, како шумолења од заднината, а чувствував и многу пријатно струење околу себе. Не можам со зборови да ви опишам колкав мир чувствував. Тогаш ми прелета мислата дека имам семејство. Наеднаш како да паднав во сопственото тело и се освестив во болницата - раскажува нашиот соговорник.
При вештачката кома, вели дека му се јавила претскажувачка моќ. Додава дека видел пад на хеликоптер, кој потоа, неколку месеци откако излегол од болница се случил.
- И сега често ми поминуваат слики и мисли низ главата, а потоа тоа се случува. Не сакам јавно да зборувам за моето искуство, зашто ќе ме гледаат како чудак. Знам само дека има многу луѓе во земјава што го искусиле истото, а некои и се дружат меѓу себе. Откако излегов од болница, дознав дека жена ми е бремена. Убеден сум дека се вратив меѓу живите поради моето дете - вели нашиот соговорник.
Лекарите што работат ургентна медицина раскажуваат дека некои од луѓето што умираат велат дека разговараат со мртви.
- Еве ја баба ти, седи до мене. Ме чека, чедо, не плачи, нема да бидам сам. Со овие зборови и се обрати пациент на смртна постела на внуката што седеше до него - ни раскажа лекар од Клиниката за токсикологија при Клиничкиот центар во Скопје, која работи како ургентен центар за интерна медицина.
Директорот на оваа клиника, д-р Андон Чибишев, вели дека се изнаслушал приказни од пациенти по кома.
- Неверојатно е колку убедливо звучат. Еден од нив ми раскажа дека кога паднал во кома, прво бил опкружен со мрак. Потоа, вели, како да огреала јасна светлина и дошле две жени облечени во бели долги фустани. Го зеле за рака и го однеле на огромна ливада, на која лицата на сите присутни изгледале пресреќно. Вели дека се вратил откако жените му кажале дека не е за таму и дека мора да оди назад - вели д-р Чибишев.
Записи во мозокот?
Проф. д-р Спасе Јовковски од Клиниката за неврохирургија, на која лежат пациенти во кома, вели дека со неа, како по правило се случува амнезија.
- Пациентот не може да се сеќава на ништо. Основниот елемент е несеќавање. Сето она што некои го раскажуваат е нивна несвесно смислена лага за да ги пополнат дупките во меморијата - вели д-р Јовковски.
Проф. д-р Методија Чепреганов вели дека во состојба на клиничка смрт, која всушност е тешка кома, пациентот се сеќава на работи кои се врежани во неговата меморија, а тој не е свесен за тоа.
- Тоа се веќе слушнати работи и запишани некаде во мозокот. Ние и кога испитуваме епилепсија, допираме со инструменти центри од мозокот со што се возбудуваат енграми или трагови. Тогаш пациентот го доживува сето она што таму било складирано, запаметено. Тоа значи дека кога мозокот ќе биде во возбудена состојба, го враќа во сеќавање она што е запаметено. Клиничката смрт го ставила мозокот во нефункција, но работи мозочното стебло. Тогаш нема воздух околу мозочната кора и се возбудуваат сите енграми. Така пациентот на прво место го доживува она што му е најмногу енграмирано и најдоживеано. Она што го раскажуваат е ставено во мозокот, во кортексот. Сите ние слушаме приказни и ги складираме. Најлогично е во момент на кома тие да се повикаат - објаснува д-р Чепреганов.
Сепак, без оглед на сè, многу стручњаци низ светот овие работи ги третираат како мистерија која тешко може да се разјасни, иако, студијата што британските и американските лекари ја подготвуваат можеби ќе даде некои одговори. Но, за нив ќе треба да почекаме уште две и пол години.
Британските научници ја испитуваат комата
На 19 септември минатата година, Би-би-си објави дека британски и американски научници ќе започнат истражување во кое ќе се обидат да ги соберат искуствата од 1.500 луѓе што имале клиничка смрт, а кои тврдат дека доживеале нешто што може да се опише како живот по смртта. Истовремено, Би-би-си објави и повик до своите гледачи и читатели, ако самите имале такво искуство, да го презентираат, и еве дел од тоа што оваа светска компанија доби како повратен одговор:
Џејн Бракнел, Беркшир, Велика Британија:
- Пред неколку години паднав од вртелешка. Следните 15 минути ми недостигаат во меморијата, но бев свесен на јасна светлина и прекрасна синило, поубави од сè што сум видел дотогаш. Бев опкружен со дрвја во реалноста, но светлината беше неверојатна, и што е уште поинтересно немаше никаков звук, ниту мисла во мојата глава. Сè што сакав беше да бидам во светлината. Тогаш сфатив дека светлината всушност беше некоја личност, за која јас верувам оти е мојот ангел-чувар. Ангелот беше толку висок што, буквално кажано, можеше да го допре небото. Постојано ми повторуваше: Не ја допирај главата. Не ја допирај главата. Јас го сторив тоа и одеднаш болката и реалноста се вратија и станав свесен за сè што се случуваше. Бев многу тажен затоа што светлината ја снема и затоа што се покажа дека ангелот-чувар, во реалноста, всушност е една жена што застанала да ми помогне. Таа не беше толку висока.
Бетси Кромер, Бостон, САД:
- Ми се случи сообраќајна несреќа и директен судир на два автомобили. Ја изгубив свеста. Ме одвеле во болница, каде што сум имала 14-минутен застој на срцето. Се сеќавам дека нејасно се гледав себеси како шетам низ поле со мојот покоен брат Џејмс. Одеднаш почувствував како се будам и доживеав екстремна болка, која помина низ целото мое тело. Сега сум целосно закрепната, но сеќавањето за тоа сè уште го носам во мојата меморија.
Гери Вилијамс, Лондон, В. Британија:
- Во текот на операцијата на која бев подложен ми дале антибиотик на кој сум алергичен. Се сеќавам дека мојата душа полека се искачи кон таванот на болницата оставајќи го телото. Моите сестри беа на двете страни од креветот, молејќи ги лекарите да сторат нешто. Додека мојата душа продолжи да оди нагоре, еден од лекарите ми даде инјекција. Тогаш тоа за што јас верувам дека беше мојата душа, почна да се враќа назад. Следниот ден им го опишав ова на лекарите и тие ми потврдија дека сум имал искуство по смртта.
Џерард Мулхоланд, Париз, Франција:
- Неколку дена пред да почине, мојата сопруга имаше застој на работата на срцето, од што потоа накратко закрепна. Ми кажа дека таа била горе на таванот гледајќи го медицинскиот тим како се обидува да ја спаси. Тогаш сфатила дека не напушта, мене и нашата ќерка, и направила огромен напор да се врати и да остане со нас. Но, ми рече, ако истото се случи повторно, можеби нема да има сила да се врати. Три дена подоцна, почина.
Роб Бурнемоут, Дорсет, Велика Британија:
- Во раните осумдесетти години бев изложен на јаглерод моноксид. Бев одведен во болницата Винчестер каде животот ми беше спасен. Во меѓувреме, минував низ темен тунел со прекрасни светла и цвеќиња на крајот и со прекрасна музика. Не се грижев за тоа што го оставам светот. Одеднаш престанав да одам низ тунелот и слушнав американски глас како вреска нешто што би требало да значи: Нема да умреш кучкин сине - уште не е твоето време. Интересно, кога се разбудив, лекарот беше изненаден од моето прашање: Дали сите ангели имаат американски акцент?
Лари Хофмсан, Њутоин, САД:
- Имав срцев удар. Мојата сопруга се јави на 911. Тие пристигнаа, ме сместија во амбулантното возило и ме однесоа до ургентната служба. Моето сеќавање ми вели дека приближно на една милја од нашиот дом заспав и почнав да сонувам. Беше многу пријатно. Имаше група на луѓе кои разговараат интересно и пријатно. Не препознавав никого, но имаше виолетова боја насекаде. Се разбудив веднаш по пристигнувањето во ургентниот центар. Се изненадив кога видов дека кошулата ми е скината и дека на градите имам контактни перничиња. Ми одговорија дека сум бил безживотен. Не можам да опишам низ што поминав, но тоа што го искусив ме остава со чувство на смиреност и со веројатно помал страв од умирањето.
Мајл Леџ, Канбера, Австралија:
- Пред неколку години, додека патував низ руралниот дел на Лаос, паднав од работ на една височина и буквално треснав со главата и грбот на каменестата почва. Се сеќавам дека јасно можев да го видам тилот на мојот сопатник, кој беше надвиснат над мене. Исто така, се сеќавам дека му се налутив зашто изгледаше дека не прави кој знае што за да ми помогне. Тогаш ги отворив очите и од нормален агол го видов неговото лице кое беше над моето.
Ширли Леартхарт, Хастингс, Велика Британија:
- Десет години работев како медицинска сестра во одделот за интензивна нега и за тоа време сум разговарала со многу пациенти за нивните после смртни искуства. Сите опишуваат дека минувале низ светол тунел и дека искусиле апсолутен мир и спокојство. Следно нешто на што се сеќаваат е дека биле истуркани назад низ тунелот до нивните тела. Една жена ми објасни дека откако се вратила во телото, била преплашена неколку минути затоа што можела да го види медицинскиот персонал и добила впечаток дека тие мислат оти веќе е мртва.
Извор -
http://www.novamakedonija.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=2&tabid=2&fCat=1&EditionID=379&top=1&ArticleID=23326