Факт е дека на територијата на која денес се наоѓа државата Израел, пред 1947 била британски мандат и имала само 10% еврејско население.
Сѐ останато е доселено од Европа, Русија, САД... (и денес постојат специјализирани програми за млади еврејски двојки и семејства, каде ѝм се даваат стотици илјади долари и новоизградени домови, за да од Америка се преселат во окупираниот Западен Брег.) Со други зборови, се работи за добропознатата практика на доселување на население на новоосвоени територии, заради постепено етничко чистење (како што османлиите правеле со башибозукот во западните делови на Македонија, или Србите во Вардарска Бановина.)
Ако одиме векови наназад, пред исламската инвазија на Левант, израелските територии како дел од Источното Римско Царство, се населени од Христијани и Евреи (Сасанидската персиска империја масакрира 90.000 Христијани во Ерусалим за време на инвазијата од 614 година.) Со освојување на овие територии од Калифатот во 636, започнува исламизацијата, преку доселување и конвертирање. Џамијата Ал-Акса и Куполата на Карпата се изградени на рушевините на Соломоновиот храм, храмот над сите храмови (за разлика, Османлиите само со доградување минариња го пренамениле/осквернавиле Храмот на Светата Мудрост Божја во Цариград).
Уште поназад, пред римјанските освојувања, на територијата на денешната држава Израел постојат повеќе кралства, од кои две (Јудеа и Израел) се израелитски, а третото (Едом) се претпоставува дека е на наследниците на Исав (кој од Стариот Завет знаеме е постариот син на Исак, кој го продава своето првородено право на Јаков.)
И сега ако гледаме од историска перспектива, ќе речеме „Епа кој бил прв“ ама тоа нема да го реши проблемот.
По таа аналогија, словенските племиња кои ја населиле Македонија во 6ти век се окупатори на територија која претходно била на домородните Македонци и Пајонци. Англо-саксонците се окупатори на Британија, која била чисто келтска земја... секој е окупатор на некоја територија и другиот ја гледа за света должноста да ги набрка од кај што дошле.
Религиите одат до крајности кога кажуваат кое чие е. Фактичката ситуација на теренот говори нешто друго, а тоа е дека со време Евреите биле незначително малцинство на тие простори, но и дека Исламот не е само религија, туку и политички, правен и банкарски систем. Алах не е само бог, туку и законодавец, а Мухамед како негов последен пророк, е најсовршениот човек кој одел по земјата и пример како секој човек треба да се однесува (да, се работи за истиот оној кој со армии окупирал територии, кој во своите доцни години се оженил за седумгодишно дете а бракот го консумирал кога она имала 9 и чии следбеници обезглавуваат кафири заради карикатури со наводно неговиот лик.)
Како што тој ги испокршил идолите во Ќаба, така должност на секој муслиман е да ги уништи идолите на денешницата (меѓу нив и гласачкото право и избор на лидери на слободни избори). Муслиман искажува верност само спрема друг муслиман, никогаш нема да поздрави кафир со „Ас саламу алијкум- Алејкуму салам“ ниту ќе прими храна од него, тој сака сѐ што му е мило на Алах и мрази сѐ што Алах мрази (принцип познат како Al-Wala wal-Bara). Се одрекува и од сопсвеното семејство, ако тоа не ги следи исламските практики, а ќе прифати за брат друг муслиман од другиот крај на светот, кој никогаш не го знаел претходно, само дека е посветен во религијата.
За Евреите, пак, бог нема да се јави сѐ додека џамијата и куполата не бидат срамнети со земја, а на местото се изгради Трет Соломонов Храм.
Во таква консталација, како да се очекува помирување меѓу засегнатите страни? Ова не е конфликт од 1948, овој конфликт е стар 5000 години, кога Авраам (Ибрахим), наговорен од жена му Сараа, ја набркува во пустината нивната слугинка Агар, со која го имал Исмаил, затоа што Сараа родила на стари години и не сакала Исак да го дели наследството со син на слугинка. Исламската религија е создадена на оваа старозаветна приказна, а муслиманските Арапи се сметаат за наследници на Исмаил. И затоа се многу гневни и си го бараат тоа “што ѝм припаѓа а неправедно ѝм било одземено“.
Од европска перспектива, пак, Израел е последната европска тврдина. Кога ќе падне Израел, ќе падне и Европа.