ВМРО-ДПМНЕ ја повика јавната обвинителка Вилма Русковска веднаш да отвори истрага, по допрен глас за легализацијата на дивоградба која станала фабрика за марихуана во Петралинци, општина Босилово.
Портапаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски вели дека сосопственици на дивоградбата се поранешниот пратеник на СДСМ Драган Ѓорѓиев и партискиот поддржувач Атанас Јанушев, двајцата од Ново Село. Градоначалникот на Босилово е Зоран Зимбаков кадар на СДСМ, претседател на Советот на Босилово е Ѓорѓи Аризанов експретседател на ОО СДСМ во Босилово. Геодетот кој што го изработил елаборат е Сребре Нечовски, експретседател на ОО СДСМ Могила. Тој што го воведе нарко-бизнисот во Македонија за што Ѓоргиев експратеникот доби лиценци е Зоран Заев, рече Стоилковски.
– Мора да нагласам дека експратеникот Драган Ѓоргиев од Ново Село и Зоран Заев од Струмица добро се познаваат, барем најмалку три години како пратеници во македонскиот парламент, во истиот состав 2002-2006 година. Градоначалникот на општина Босилово, Зимбаков, на први јуни, 2018 година, врз основа на Одлука на Советот од 31 мај, значи само ден претходно, потпишува и издава решение за легализација на бесправен објект, со намена Г2-6, објекти од лесна и незагадувачка индустрија на КП бр. 275 во КО Петралинци. Објект со вкупна внатрешна површина од над 575 метри квадратни – деловен и помошен простор. Во решението што го потпишува е наведено дека сосопствениците, експратеникот Ѓорѓиев и Јанушев поднеле барањето за легализација на објектот, со уредно запишан број архивиран со датум од 16 април 2016 година. Имотот е купен во февруари 2018 година, од еден сопственик, а се работи за земјоделско земјиште „нива“ од трета категорија. Во купопродажниот договор ниту се споменува објект, ниту дека има објект за кој што е поведена постапка за легализација. Имотот според катастарскиот извод од 14 март 2018 година е плодно земјиште – нива. А за да се реализира легализацијата, стојат потпишани изјави од Ѓоргиев и Јанушев дека градбата – предмет на легализација била изградена во 2010 година. Геодетскиот елаборат, потребен за легализација е потпишан од Сребре Нечовски од Агенција за недвижности и Биро за геодетски работи ДООЕЛ НОВА 2006-Битола , е издаден 15 мај 2018 година, а во него се наведени сета квадратура и сите содржини на објектот: граден од бетон и тула, а запишани се канцеларија, алатница, просторија за обработка, менза, магацин, соблекувална итн. И за сето тоа има нацрт, мапа, мерни податоци. Се што е потребно за да се заврши легализацијата на едно дивоизграден објект – објасни Стоилковски.
Тој додава дека сателитските снимки од 2018 година покажуваат дека легализираниот објект не постоел во периодот на негова легализација. Според снимките, по купувањето на нивата почнало расчистување на теренот во март 2018 година, односно кога бил направен купопродажниот договор на 23 февруари не постоел никаков објект. Објектот се појавил дури во март-април 2019 година.
– Постои можност за злосторничко здружување- урбанистички сектор на мафијата во кои се вклучени блиски на Заев, експратеници на СДСМ, советничка група на СДСМ, општински урбанисти, градоначалник, класичен криминал и мафијашко однесување. Постои можност за двојно книговодство, за чувани бројчиња во архивските книги за легализација на непостоечки објекти. Барање за легализација поднесено од 2016 година, кога воопшто барателите не го поседувале имотот и со кој што се стекнуваат дури две години подоцна. Постои можност на ваков начин, преку криминална легализација да се изиграни повеќе закони. Постои сериозна можност и индиција за злоупотреба на службената положба и овластување на геодетското биро од Битола, за можна изработка на елаборат за легализација на непостоечки и неизграден објект. Постои сериозна можност и индиција за злоупотреба на службената положба и овластување од страна на општинските урбанисти, советници и секако градоначалникот на Босилово Зимбаков. И секако постои сериозна индиција за постоење злосторничко здружување за изигрување на законите, нанесување штета на буџетот, со цел остварување на профит – предупредува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој го повика ЈО да одговори: Дали зад легализацијата на цела една фабрика среде нива, во атарот на село Петралинци, општина Босилово, се крие злосторничко здружување со една цел избегнување на вадење на сите потребни документи, за кои што треба време, за да се стигне на време за да се добие лиценца за нарко бизнис?
Сите документи потребни на ЈО за истрага, за можна криминална легализација на дивоградба, за КП бр. 275 во КО Петралинци, каде што е сместена фабриката за марихуана „КАНАБИС-ПРО“ ДОО увоз извоз, може да се најдат во архивот на општина Босилово, во Катастарот, кај геодетската фирма од Битола „НОВА 2006“, а најпотребната алатка е Гугл мапс-про, која што е признаена за водење на катастарски книги.