Долго време одбегнував да пишувам на оваа тема бидејќи можеше да биде перципирано како обична предизборна реторика, а не преку искреноста на самиот став.
Па и јас сум разочаран, друштво. Да, разочаран сум од многу работи кои се случија и не се случија во политиката овие четири години, но најмногу сум разочаран од тоа како, преку ноќ, ситуацијата се претвори од „заедничка битка во која гинеме сите ако треба“, во „ваш проблем“ (на тие кои решивме битката да ја продолжиме во институциите).
Овде не говорам за тие кои суштински критикуваа. Ниту за тие кои не беа задоволни од СДСМ, па одлучија својот глас да го дадат на некој друг или сами да се вклучат во битката. Секоја чест на нив, особено на храброста на последниве. Исто така, овде не говорам ниту за тие кои очигледно се продадоа за свој интерес, како одредени несуетни новинари и испрдоците слични на нив.
Овде говорам за оние од нас кои дозволија нивната индивидуална разочараност, иако искрена, да биде посилна од интересот на општеството и интересот на државата. За оние кои одбраа да не учествуваат во изборниот процес и да повикуваат на негласање.
Никогаш не ја сфатив целта на таквиот став. Од една страна, поентата на граѓанскиот активизам е граѓанско учество во политичките процеси, а изборите во демократските општества се најелементарниот политички процес на директно граѓанско учество. Уште повеќе, Шарената револуција беше директно преземање на одговорноста за случувањата во државата од страна на самите граѓани.
Доколку, и покрај ова, повторно не сакате да гласате – тоа си е ваше прво. Ама, организирано повикување на други граѓани да не учествуваат во процесите поради тоа што вам не ви се допаѓа играта или играчите – тоа е еднакво недемократски и деструктивно како и #Бојкотирам. Дури и резултатите од тоа ќе бидат слични – нужни политички компромиси со субјекти на кои демократијата не им е високо на листата на приоритети.
Од друга страна, какво беше очекувањето со негласањето? Дека со казнување, пред сѐ, на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги земе предвид интересите на „разочараниот дел од граѓанското општество“ и дека ќе ви ја реализира жедта за правда? Дека ДУИ ќе ги вклучи граѓаните во политичките процеси? Или дека сега, робеспјер-фашизоидниот ќе ве тргне од листата на „сороспии“ кои сака да ги стрела?
Без разлика на позитивните очекувања и довербата со која влеговме во коалицијата, овие четири години коалицирањето со ДУИ беше многу тешко. Сега ќе биде уште потешко, а цената за тоа ќе биде уште повисока. А замислете, со еден или два пратеника повеќе – ДУИ можеше да замине во историјата, заедно со Мицкоски. Ама ако, ќе почекаме некоја наредна можност.
Честитки за СДСМ и коалицијата – навистина одличен резултат, имајќи ги предвид сите околности и уверен сум дека ќе покажат дека можат уште подобро и уште повеќе.
П.С. Честитки и до Апасиев – со мала напомена – неговите амбиции не завршуваат со два пратеника. Тој нема да запре додека целата држава не му е под малото, фашистичко стапало.