Во однос на епидемиите, еден од нумеричките показатели за кои многу се зборува во јавноста е
репродуктивниот број (R0),
кој поедноставено кажано е просечен број на новозаразени од еден заразен. И тоа навистина е еден прекрасен и многу важен број за еден епидемиолог, бидејќи знаејќи го истиот можеме да утврдиме колку заразна е некоја инфективна болест, да следиме како се одвива текот на епидемијата, колку ефективни се мерките кои се преземаат за да таа се сузбие, а и да пресметаме колкав процент од популацијата треба да стекне колективен имунитет (најпожелно со вакцинација). Секако, тоа не е единствен број од кој зависи една епидемија, но е еден од поважните.
Во состојба кога не би правеле ништо и би оставиле вирусот да тече независно, се пресметува дека во просек R0 на SARS-CoV-2 корона вирусот би бил 2-3, т.е. еден заразен би заразувал уште двајца-тројца, додека не се заразат најмалку 60-80% од популацијата. Но колкав ќе биде R0 во некоја земја зависи во голем дел од тоа кои мерки се преземени за да тој опадне и од однесувањето на граѓаните.
Верувам дека повеќето постојано слушаат во јавноста дека целта на сите оние кои ја менаџираат кризата е да тој R0 се сведе под 1 и дека тогаш епидемијата би почнала да стивнува. Ако го преведеме тоа народно, да се сведе R0 на 0.7 значи дека во просек од 10 заразени седуммина би заразиле уште по еден човек а тројца не би заразиле никој. И со текот на времето како што заразените ќе се опоравуваат или умираат, вкупниот број на индивидуи кои би можеле да заразат други ќе опаѓа и епидемијата ќе стивнува додека и последниот човек не се опорави или почине.
Но, она што ми се чини не е комуницирано со јавноста е дека R0 не е статичен број и дека тој варира со текот на времето и однесувањето на популацијата. Сведувањето на R0 под 1 не е доволно за да епидемијата запре, туку тоа мора и да се одржува додека таа не престане. Во спротивно епидемијата повторно ќе заземе замав.
График 1. Временски-зависен репродуктивен број (R0) во Македонија. Точките и линиите го покажуваат движењето на проценетиот R0 во тек на време. Бледо-сините сенки ги покажуваат интервалите на доверба, т.е. покажуваат од каде до каде може да е вистинскиот R0 и ја одразуваат несигурноста во проценетиот R0.
Врз основа на временски-зависниот R0, мерките кои се преземени во Македонија за сузбивање на коронавирусот несомнено имале масовен ефект врз овој бран на епидемијата (види график 1). Чинат многу економски и социјално и влијаат врз менталното и физичкото здравје, но несомнено е дека дале ефект.
За целиов овој период, од пријавата на првиот случај (26-ти февруари) до 7 мај, просечниот проценет R0 во Македонија не бил поголем од 1.2. Со други зборови, во просек од 10 заразени осуммина заразувале по еден човек а двајца заразувале по двајца.
Во изминативе три недели можеме со сигурност да кажеме дека R0 е под 1 и проценувам дека во просек е 0.7, но е нестабилен. Очигледен е ефектот на Велигден по кој репродуктивниот број се покачил, но останал сепак под 1 (со одредена доза на несигурност), за да пак се стабилизира под 1 и повторно да порасне по 1-ви мај, со уште поголема несигурност дали е под 1.
Дали ќе остане под 1, зависи исклучиво од однесувањето на секој еден граѓанин во однос на следењето на препораките. Ме загрижува многу одлуката на верските заедници да ги отворат храмовите и ме загрижува дека во финалните моменти на борбата граѓаните ќе се собираат во големи групи, без физичка дистанца меѓу нив.
Ја разбирам истоштеноста на граѓаните, потребата за социјализирање и за духовно исполнување. Но она што мора да го разберат граѓаните е дека со стратегијата која ја спроведува Македонија, исклучително битно е да се истрае во оваа битка.
Во спротивно, голем дел од она што е правено во изминативе два месеци ќе биде залудно потрошено и народот повторно ќе се врати на почеток да војува битка против нов бран на епидемијата.
Пандемијата ќе трае еден долг период, најмалку година-две. И мора да се навикнеме на тоа и да бидеме самосвесни и одговорни. Кога властите ќе ги подигнат мерките за сузбивање на епидемијата, веќе треба да сме навикнати и да смениме некои секојдневни животни навики на подолг период, доколку сакаме да ги заштитиме најранливите граѓани.
Сѐ зависи од секој еден од нас од ден на ден. Доколку секој свесно и дисциплинирано би ги следел препораките, би немало потреба да се воведуваат драконски, авторитарни мерки на контрола и животот би бил полесен за сите. Враќањето на слободата ќе зависи од нас самите.
Епидемиологијата не е само наука за епидемиите. Зборот епидемиологија е кованица од три грчки збора, епи (врз), демос (луѓе) и логос (збор, разум). Тоа е комплексна медицинска наука која во голем дел се базира на математика и користи плејада на нумерички показатели, математички модели и...
doktori.com.mk