Не е целта со повратот на ДДВ да се вратат парите кај граѓаните. Тоа според мене е само ефтин ПР кој може да упали кај некои кои не ги разбираат работите.
Друга е целта што директно сака да ја постигне власта.
Прво, на сите ни е јасно дека има сива економија и дека со ова ќе се поттикне прво луѓето да бараат фискална сметка, па макар и за мастики. Со тоа би го полнеле буџетот за износ кој не би се наплатил ДДВ со недавање на фискални сметки. Просто е. На 100 денари сметка за која не би се издала фискална (а со оваа мерка очекувањата се дека купувачот би побарал фискална) за ДДВ треба се 18 денари (ако сите производи се даночат со 18%), а повратот е 2.7 денари. Значи на овој начин би се наполнил буџетот за 15.3 денари за сметка за која на пр. не би се издала фискална сметка. Од тоа што го гледам, очекуваат позитивна разлика од приходи и повратот кај граѓаните со намалување на сивата економија преку оваа мерка. Првиот директен ефект е тој кој го очекуваат. Јас искрено и се сомневам дека ќе успеат во тоа, но тоа си е нивна одговорноста. За пофалба е борбата против сивата економија, но не со вакви манипулации од типот дека ги враќаме парите на граѓаните.
Другата директна цел е да се поттикне потрошувачката. Ќе почне некоја еуфорија меѓу народот овој период со оваа “мамка“ и ќе се зголеми потрошувачката и на тој начин ќе се стимулира раст на БДП. Со влезот во наредната година, пред се изборна година, ќе се презентираат бројките за раст на БДП и ќе има обид за сеење на магла со тој раст на БДП кој пред се би бил резултат на зголемена потрошувачка (ако продолжат со олку ниско темпо инвестициите и извозот). Здрав раст на БДП е оној чиј мотор се растот на инвестициите и извозот, а не оној чиј се раководи исклучиво на потрошувачка како резултат на владина пропаганда. Тоа е балон кој наредната година ќе пукне и ќе имаме пад на БДП доколку инвестициите и извозот продолжат со слично темпо.
За крај, повратот на ДДВ како мерка за враќањето на парите кај граѓаните е само една манипулација. Просечна месечна потрошувачка кошница во едно 4члено семејство Македонија изнесува околу 33.000 денари. Доколку се пазарат производи со 18% ДДВ од тој износ оди 5.940 за ДДВ, а повратот од ДДВ би бил 891 ден месечно. За 12 месеци повратот на ДДВ е околу 10.692 денари за едно 4члено семејство. Со груба математика износот е толкав, а ако одиме подлабоко ќе биде и понизок повратот на ДДВ затоа што добар дел производи се и со 5% ДДВ, а и во повратот на ДДВ се исклучени одредени плаќања. А и искрено, ќе треба фискалните да се пазат како...На бензинска пумпа сигурно дека ќе оди некој по фискална сметка во ек на метеж...
Доколку некој реално сака да враќа пари кај граѓаните, прво ќе го намали данокот, второ ќе ги зголеми платите, трето ќе ги зголеми пензиите, стипендиите и социјалната помош, четврто ќе се обезбеди квалитетна бизнис клима за инвестирање со/без државна помош, петто ќе се обезбедат квалитетни јавни услуги од кои бенефит ќе имаат граѓаните...