Максималистички ставови на Грција во однос на разликите за спорот околу името на Македонија. За разлика од имиџот на новата влада и премиер, кој остава впечаток на попрагматичен политичар, ставовите на официјална Атина се видливо поригидни.
На последните одвоени средби на преговара- чите Адамантиос Василакис и Зоран Јолевски со медијаторот Метју Нимиц, кои се одржаа пред неколку дена грчкиот преговарач, по налог на заменикот министер за надворешни работи Друцас, а со одобрение на премиерот Јоргос Папандреу, ги изнесол следниве грчки ставови по однос на билатералниот спор околу името:
1. Во поглед на името на земјата Грција не прифаќа ништо друго освен име со географска одредница, која мора да стои пред самиот збор Македонија. Целта е истиот да биде модифициран. Одреденицата не може да стои пред Република, ниту позади зборот Македонија, ниту спакуван во заграда. Предпочита таа одредница да е “Северна” иако би можела да биде и “Горна” или да се размисли за “Нова”.
2. Обемот на употреба на новото официјално име на државата треба да биде за целокупна употреба – ерга омнес – и меѓународна, и билатерлна, и внатрешна во Република Македонија. На сите лични документи: пасоши, лични карти, изводи од матичната книга на родените, венчаници, здравствени книшки, свидетелства, студентски индекси, но и на сите документи кои се дел од внатрешниот правен или трговски промет писма или документи од минстерствата, документите од општините, сообраќајни дозволи, царински формулари, извозни декларации, катастарски дозволи, да биде применето новото име на државата.
3. Во знак на добра волја, Грција би можела да се согласи на употреба на сегашното уставно име само во неформалната комуникација во земјата (на пр.: во медиумите, во уметничкото изразување, во политичките говори, и сл.)
4. За придавката “macedonian” која за Грција е спорна и несоодветна, се бара одвојување на прашањето во три сегменти: придавка што ќе ја определи нацијата, придавка што ќе го определи идентитетот на етникумот и придавка што ќе го определи јазикот. (Северно, горно или ново македонци, и северно, горно или ново македонски јазик, нација етникум).
5. За меѓународната и домашната комерцијална употреба на името или неговиот код, Грција ќе инсистира на конечната Спогодба да се вклучат и прашањето за промена на интернет кодот “МК”, за валутниот код “МКД”, како и за употреба на кодот “МКД”, во трговскиот, спортскиот, сообраќајниот и други видови меѓународен промет. Согласно новото официјално име, Грција ќе бара измена на комерцијалната уптореба на “Made in Macedonia” или “Macedonian product”.
6. За градовите и областите во Грција, бара целосна замена на употребата на македонските топоними со грчки – Едеса наместо Воден, Тесалоники наместо Солун, Флорина наместо Лерин, и нивна целосна примена во учебниците, мапите, официјалните документи, метеролошката прогноза…
7. Грција посакува промена на Уставот на Република Македонија, но нема да инсистира на тоа ако сите наведени позиции можат да бидат опфатени и применети во правниот систем на земјата преку посебни закони и подзаконски акти.
8. Ако Република Македонија сака преку референдум да го прифати конечното решение, Грција нема да се противи на тоа.
Доколу Македонија се сложи со поставените услови, тогаш официјална Атина предлага редоследно да се започне рализацијата на процесот:
1. Нимиц, пред декември, да даде официјална изајва дека двете страни се согласиле ново име за севкупна употреба да биде Република Северна Македонија или Република Горна Македонија.
2. Грција на Европскиот совет нема да ја блокира одлуката за отпочнување на пристапните преговори за членство на земјите во ЕУ.
3. Во јануараи и февруари 2010 г. би се договориле сите посочени прашања во форма на пи- шан договор, а потоа и ќе се донесе резолуцијата на Советот за Безбдност на ОН.
4. Пристапните преговори Грција ќе дозволи да започнат откако ќе се договорат сите елементи кои се предмет на интерес на официјална Атина, а во контекст на спорот.
5. Имплементацијата на целиот пакет од страна на Република Македонија ќе мора да заврши пред почетокот на преговорите со ЕУ.
Видувањето на Нимиц е дека досега не бил во потешка ситуација сите години откако е посредник во спорот и дека не гледа можност за напредок во процесот. Со последните ставови на Грција, позициите на двете страни се оддалечуваат наместо да се приближуваат. Дипломатските кругови, а особено оние кои одблиску го следат процесот, ова го третираат како обид на Грција да избегне конкретни преговори пред Самитот на ЕУ, со цел да си ги подобри позициите за понатаму откако ќе го попречи доделувањето на датумот за почетокот на преговори за Македонија.
http://novvecer.piksel.mk/makedonija/miruvanje-na-pregovorite-do-konechna-sudska-odluka/