Овој изблик на триумфализам и еуфорија за резултатите од референдумот што ја гледам вчера и денес, присутна и на форумов, ме потсеќа на еуфоријата на Грците после нивниот референдум за мерките за штедење во 2015 година, кога мислеа дека изразот на нивната национална гордост некако ја мења математиката на Еврозоната.
На крај, добија само потешки услови на програмата за штедење и шамарање, за да нема дилеми кој е кој. Сите знаеме што се случи потоа.
Целава работа премногу се комплицира уште од самиот почеток. И тука лежи главната одговорност на двете најголеми политички партии, првенствено на владејачката, што доволно не ја поедноставија, каква што вистински е. Ова е договорот што го добиваме, не договорот што го избираме. Нема подобро испреговаран договор, нема повеќе преговарање за договор, ова е финалната понуда и се сведува на take it or leave it. Нема некоја иднина во која Македонија ќе има подобра преговарачка позиција и ќе добие подобар договор, затоа што нема веројатна иднина во која Грција ќе има полоша преговарачка позиција наспроти оние кои го дизајнираа целиов преговарачки процес. Ниту, оние кои го дизајнираа овој процес, (тука нормално мислам на Западот/меѓународната заедница) имаат намера, трпение и интерес за да го одолговлекуваат повеќе. И не знам колку пати треба тоа да ни биде повторено од сите високи политички функциониери од Западот, за да ни стане доволно јасно. Тука си ја посраа работата сдсмовците, што кампањата за референдумот си ја претворија во реклама за влезници во Дизниленд, вакви фондови ќе имало, онакви фондови ќе имало, такво здравство. Сите знаеме дека ЕУ и Нато се морковот, ама не можеш да го маскираш стапот со нив. Мењањето на името беше централен предмет на референдумот и за него требаше да се збори искрено и да се има муда да се излезе отворено и да се каже што е на маса и кои ни се опциите, особено што ЕУ и Нато во прашањето послужија единствено за да се зголеми влогот за македонската етничка заедница. Луѓето, генерално, немаат концентрација за приказна што завршува со големи бенефити во иднина, нив ги интересираат шоковите денес и утре.
Од друга страна, овие глупости што Вмро ги пласира дека ако македонската страна не го прифати овој договорот, они во иднина ќе испреговараат подобар и дека ќе се вратат на старите позиции во спорот за решение со двојна формула, подеднакво одмагаат. Детско продавање на магла е тоа, доколку договорот не помине од наша страна преговорите се практично завршени. Секој следен договор ќе биде можен само со скоро комплетно прифаќање на условите на Грција, кој најверојатно го бришат зборот Македонија од името. Тоа значи дека општоприфатената агенда за евроатлантски интеграции е ќорсокак, екстремно тешко остварлива. Во превод, Грција победува, ги држи сите карти во раката, не само во однос на нашите релации со Западот туку и со останатите кои мислиме дека ни се алтернативи.
Тешко е сега да се анализира кои се реалните исходи на целава ситуација во иднина. Сигурно е дека со сите сили и оружја, власта ќе се обиде да го протурка договорот во Собрание и да добие доволно пратенции од Вмро за 2/3 мнозинство. Јасно е пренесено денес и од САД и од ЕУ што очекуваат понатаму. Ама, не знам тоа колку е реално. Доколку се отиде со опцијата за предвремени парламентарни избори, тогаш почнува вистинскиот хаос. А ако целиот овој процес на крај заврши неуспешно, тек тогаш земаме залет по удолница. Гледам дека луѓето најчесто се потсмеваат на ризиците со кои државата се соочува, иако не знам зошто. Менување на унитарниот карактер, барања за автономија на Албанците и не се најстрашната можност, тие може да се случат и во интегрирана Македонија, има многу полоши модерни болести за една држава што немаат финална фаза, туку траат ad infinitum. Македонија во последните години е на раб да се здобие со failed state статусот и тоа ќе остане реален ризик дури и со влез во ЕУ и Нато. Не знам колку на долг рок имаме институционален, економски, социјален и демографски капацитет за да го преживееме идниот глобалниот поредок, кој полека добива облик. Тогаш прашањето станува, не да се чуваш од империјалисти, туку да најдеш некој кој ќе ти ја плаќа сметката. Најголемиот ризик, за одоговлкувањето со пристапување во некој голем, реален за нас блок, е да влеземе во категоријата на експеримент-држава како Босна, која никој нема да сака да ја има како товар.
Во секој случај, да не си во кожа на вмровците во моментов. Како и да се свртат изгледаат како заебани. Или алиенација на традиционалното гласачко ткиво или да добијат репутација на анти-западна политичка опција во Македонија. Мицко уште поцрвен ќе стане во фацата.