Интересно како денешниов дил помеѓу Трамп и Јункер по европскиве медиуми се пренесува како голема победа на ЕУ.
Многу малку се спомнува за тој мал детал, изјавите на двајцата за “заложбите’ за нов трговски договор кој ќе донесе нула тарифни и нетарифни бариери за индустриски производи (со исклучок на автомобилската индустрија), услужен сектор, хемиска индустрија, фармацевстки и медицински производи и заеднички обид за реформирање на СТО. Уште помалку некој спомнува, за заложбите Европа да купува повеќе течен природен гас од САД, кој одеднаш стана исплатлив за европската економија.

Образложението е дека, тој иден договор би бил нешто слично на TTIP, од кој Трамп претходно се откажа. Исто е, ама не е исто. Прилично сум сигурен дека условите ќе бидат многу поразлични од претходно и дека нема да бидат поповолни за ЕУ. Односно, да парафразирам, нема да бидат поволни за
некои членки на ЕУ. Преговарањето нема смисла ако двете страни завршат на почетната дефиниција. Boasting е убава работа, ама ќе видиме, веројатно брзо, што значи оваа победа на ЕУ.
Симптоматично е што, Јункер и цела ЕУ како попчиња потрчаа на преговори во моментот кога Трамп им се закани со зголемени царини за европската/германската автомобилска индустрија. Да не испадне дека, некој од европските пријатели ќе биде жртвуван за возврат?
Иако, сигурно и Трамп влечеше потези под притисоци од внатрешната политичка ситуација во САД. Ама со него не си на сигурно, ништо чудно да се врати на Твитер за некој месец, со нови теории.
Полека но сигурно, ќе ја отворат Европа како паштета. Европскиот потрошувачки пазар е златната кокошка во глобалната економија. Геостратешката економски игра на САД и Кина ќе се одвива во нивниот двор, а трошоците од нивниот натпревар и двете страни ќе ги екстернализираат на ЕУ и нивната кревка структура. Треба да побрзаат, тоа единство со кое се фалат треба да прерасне во единствен глас, единствен човек и единствена институција која изразува моќ со своите зборови. Во спротивно, ќе ја растргнат на сите страни.