https://gorankovachev.wordpress.com/2018/06/29/17-прашања-и-одговори-во-врска-со-догово/
17 ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ ВО ВРСКА СО ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО (Прв дел)
Posted on 29/06/2018
...
11. Дали ќе мораме да ги рушиме спомениците од античката македонска историја? НЕ!
Меѓутоа, се прифаќа обврска во рок од 6 месеци да се преземат корективни дејствија со цел да се означи дека истите упатуваат на античката елинска историја и цивилизација и претствуваат составен дел на историското или културното наследство на Првата страна (член 8, став 2). Се поставува прашањето: „Кој ќе утврдува кои споменици го исполнуваат овој услов или не?“
Имено, т.н. „елински“ карактер на Македонија, како што некои сакаат да го претстават и како што го прифаќаат потписниците на овој договор не е апсолутен научен факт туку доминантна историска теорија од почетокот на 19 до средината на 20 век. Како научна хипотеза, тоа не значи дека е таа точна ами е подложна на научен предизвик. Така, во втората половина од 20 век, со проучување на новооткриените историски извори на современиците од античкиот период (Демостен, Аријан, Плутарх), сè повеќе доминира теоријата за посебниот, неелински карактер на античка Македонија и античките Македонци (Eugene Borza, Ernst Badian, Nicholas Hammond и други). Сетете се само колку „научни факти“ од минатото биле побиени или оспорени со текот на времето и развојот на научната мисла (геоцентричниот систем, атомот како најситна честичка, теоријата на релативитетот, потеклото на човекот и слично). Повторувам, никаков договор не смее да има монопол врз научната мисла!
Патем, се поставува прашањето зошто еден договор што ни се „продава“ како билет за иднината е максимално обременет со историска семантика и тоа исклучиво во полза на Првата страна?!
12. Дали ќе смееме да го употребуваме симболот на Сонцето од Кутлеш? НЕ!
Повторно се прифаќа обврска во рок од 6 месеци од влегувањето во сила на договорот да се отстрани Сонцето од Кутлеш од сите јавни места и јавна употреба кај Втората страна (член 8, став 3). Со тоа ќе мора да се реконструираат плоштадите во Виница, Битола, влезот на ТЦ Буњаковец во Скопје, а на секаков начин ќе се обесхрабрува и приватната употреба на симболот на митинзи, спортски натпревари и приватни субјекти и објекти. Како ќе изгледа тоа „обесхрабрување“ – останува да видиме!
Интересно е што во овој став е направен и еден синтаксички превид на начин што се користи формулацијата „симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме“. Знаеме дека знамето на државата Република Македонија од осамостојувањето на 8.9.1991 година па сè до 11.8.1992 година беше со симболот „црвена петокрака ѕвезда со жолт раб“. Така, не е познато дали и овој симбол ќе мора да се отстранува од јавните места и јавна употреба?!
13. Дали ќе смееме да ги употребуваме македонските топоними за местата во Егејскиот дел на Македонија? ДЕЛУМНО!
Двете страни се обврзуваат дека согласно препораките од ОН за стандардизација на географските имиња ќе даваат приоритет на ендонимите (домашните) во однос на егзонимите (странските) топоними (член 8, став 5). Според тоа, за очекување е дека кај нас во духот на договорот ќе се дава приоритет на користење на грчките ендоними во официјалната комуникација (сообраќај, медиуми, образование, деловно работење). Во сите овие области Солун ќе стане Тесалоники, Лерин-Флорина, Воден-Едесса, Кукуш-Килкис, Мачуково-Евзони, Негочани-Ники, Баница-Кариес, Кутлеш-Вергина, Сехово-Идомени... Впрочем, бевме сведоци дека ретко кој домашен медиум го користеше македонскиот топоним за Нивици (грч. Псеридес), за местото на потпишување на договорот.
За приватните субјекти не постои забрана за користење на македонската топонимија, а веројатно истата ќе се задржи и во историски контекст.
14. Дали ќе бидеме примени во НАТО? МОЖЕБИ!
Со Декларацијата од Самитот на НАТО во Букурешт (2008 г.) кога од страна на Грција беше прекршена Привремената спогодба и беше вложено вето на членството на Македонија во НАТО јасно беше ставено до знаење дека „Република Македонија ги исполни демократските, економските и одбранбените стандарди на НАТО преку своето ригорозно учество во Акцискиот план за членство.“ Со тоа, НАТО потврди дека сме ги исполниле СИТЕ услови за прием во Организацијата.
За жал, влезот на Македонија во НАТО не зависи само од исполнување на условите туку и од добрата волја на сите земјите-членки на НАТО, односно приемот е возможен единствено со консензус. Тоа значи дека во секој момент некоја друга земја-членка (за тоа како што следиме веќе има некои најави) може да го блокира приемот на Македонија во НАТО, како што тоа веќе го (на)прави Грција.
На крај, Првата страна се обврзува дека ќе ги ратификува договорот за името и договорот за прием во НАТО само откако Втората страна ќе ги реализира уставните измени до крајот на 2018 година, т.е. ќе го смени името (член 1, став 4, алинеи е и ф). Меѓутоа, не постои никава гаранција дека Грција ќе ја почитува оваа обврска. Практично (и многу веројатно) може да се случи Македонија да го смени името, а грчкиот парламент да не го ратификува договорот за името (за што исто така веќе има сериозни најави), а со тоа автоматски да не го ратификува и договорот за членство во НАТО! Што ќе се случи понатаму е веќе одговорено кај прашањето број 1.
15. Дали ако бидеме примени во НАТО ќе бидеме побезбедна и постабилна држава? ДЕЛУМНО!
НАТО пактот е дизајниран да биде гарант на надворешната стабилност на земјите-членки. Земајќи предвид дека Македонија е членка на програмата за соработка на НАТО „Партнерство за мир“, окружена е со три земји-членки на НАТО, една земја-протекторат на НАТО и една земја-член на истата програма, на 5/6 од нашата граница има војска на НАТО и од 2008 година има потпишано Декларација за стратегиско партнерство и соработка со САД со која најмоќната држава на светот ја гарантира безбедноста на Македонија, за Македонија НЕ постои надворешна воена опасност од трета страна.
НАТО пактот НЕ ја гарантира внатрешната стабилност на земјите-членки и истата ја третира како внатрешно прашање. Сетете се само дека освен општите политички повици, НАТО не реагираше при внатрешните проблеми кај некои од земјите-членки (обидот за пуч во Турција, уставната криза во Белгија, референдумот во Шкотска, немирите во Каталонија, кризата во Северна Ирска итн.)
Исто така, НАТО е декларативно неутрален при појава на недоразбирања помеѓу самите земји-членки. Сведоци сме на споровите (некои од нив дури на граница на воен судир) помеѓу Грција и Турција за островите во Егејското Море, Хрватска и Словенија за Пиранскиот Залив, Грција и Албанија за морската граница, Шпанија и Велика Британија за Гибралтар, Велика Британија и Ирска за Северна Ирска, мигрантската криза итн.
Во секој случај безбедноста и стабилноста најмногу зависат од внатрешното општествено уредување и пристапот кон решавање на проблемите.
16. Дали ќе бидеме примени во Европската унија? МОЖЕБИ!
Одговорот е ист како и за 14 прашање. Не постои поголем доказ за ова тврдење од она што се случи на состанокот на Советот на министри на ЕУ одржан на 26.7.2018 година. И покрај сите силни ветувања дека ако веднаш се потпише и ратификува договорот, на „Северна Македонија“ автоматски ќе ѝ се додели датум за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, тоа не се случи токму поради немањето на внатрешен консензус во рамките на самата Унија по ова прашање. Македонија доби ново ветување завиткано во дипломатска обланда дека: „се отвора патот за старт на преговори со ЕУ во јуни 2019 година, но само ако се исполни целосно договорот за името, се спроведат итните реформски приоритети и се добие нов позитивен извештај од ЕК, како и одлука на советот на ЕУ“ или народски кажано, здравје Боже идната година ова време ако биде умна можеби ќе добие датум за почеток на преговорите. Оваа семантика ја слушаме веќе 13 години, а најверојатно ќе ја слушаме уште најмалку толку!
17. Дали ова е добар договор? НЕ!
Овој договор е многу полош од Привремената спогодба онаква каква што е со сите свои маани и недостатоци. Со Привремената спогодба никогаш не беше прифатена референцата ниту каква било промена на уставното име или придавките и секогаш се повикуваме на принципот на самоопределување и самоидентификување согласно меѓународното право. Привремената спогодба е како да добиете прекар (референца) од другарите во маалото кој вам баш и не ви е по волја (не го прифаќате) и иако сите на шега ве викаат така вие сепак си имате сопствено име и презиме (идентитет) кое е запишано во вашиот извод, со гордост го носите и го користите секаде, секогаш и во секаква ситуација. Со овој договор ние сами се прекрстуваме и прекарот ни станува име и презиме за идентификација. На тој начин, со еден „стокхолмски синдром“ им помагаме на ОН да се ослободат од понтијпилатовската одговорност за преседанот што го направија со Привремената спогодба и „да си ги измијат рацете“ од целиот случај.
Понатаму, не е предвидена никаква излезна стратегија за тоа, што доколку ние го испочитуваме договорот и го смениме името преку промена на Уставот, а Грција одлучи да не го испочитува и не го ратификува истиот? Како ќе се врати стариот (сегашен) Устав? Преземена е обврска за промена на името со промена на Уставот најдоцна до крајот на 2018 година, но не е предвидена точна временска рамка за ратификација на договорот од Првата страна, односно во договорот стои обврска „веднаш“ (член 1, став 4, алинеја ф). Кога е тоа „веднаш“? „Веднаш“ е многу растеглива категорија во правото и политиката посебно доколку не е предвидена точна временска динамика!
Исто така, сите документи на кои се повикува преамбулата на договорот (Хелсиншкиот финален акт од 1975 година, Резолуцијата на ГС на ОН бр. 47/225 од 8.4.1993 година, Резолуцијата на СБ на ОН бр. 817/1993 и 845/1993, Актите на ОБСЕ, Повелбата на ОН, меѓународното право), а кои се однесуваат на правото на самоопределување, демократија, почитување на човечките права, фундаментални слободи и дигнитет, немешањето во внатрешните работи, неотуѓивост и владеење на правото со овој Договор се прекршени.
Останатите членови од договорот опфатени со деловите 2 и 3 кои се однесуваат на интензивирање на сите видови на соработка, дипломатските односи и разрешувањето на спорови се општи и козметички и се ставени единствено за уметнички впечаток.
Резиме:
1. Дали договорот е симетричен?
НЕ
2. Дали Република Македонија ќе мора да го смени своето име?
ДА
3. Дали ќе се смени националноста „Македонец“?
ДА
4. Дали ќе се смени името на македонскиот јазик?
НЕ
5. Дали ќе мора да се сменат МК и МКD кодовите?
ДЕЛУМНО
6. Дали државните органи и институции во јавна сопственост ќе мораат да ги менуваат своите називи?
ДА
7. Дали ќе мора да се менуваат имињата на топонимите во државата кои содржат придавка „македонски“?
НЕ
8. Дали ќе мора да се менуваат личните документи?
ДА
9. Дали новото име ќе мора да се користи во комерцијалната употреба?
ДА
10. Дали ќе мора да се смени нашата официјална историска доктрина?
ДА
11. Дали ќе мораме да ги рушиме спомениците од античката македонска историја?
НЕ
12. Дали ќе смееме да го употребуваме симболот на Сонцето од Кутлеш?
НЕ
13. Дали ќе смееме да ги употребуваме македонските топоними за местата во Егејскиот дел на Македонија?
ДЕЛУМНО
14. Дали ќе бидеме примени во НАТО?
МОЖЕБИ
15. Дали ако бидеме примени во НАТО ќе бидеме побезбедна и постабилна држава?
ДЕЛУМНО
16. Дали ќе бидеме примени во ЕУ?
МОЖЕБИ
17. Дали ова е добар договор?
НЕ
Во вториот дел: КОЈ ДОБИВА, А КОЈ ГУБИ СО ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО?