Најавата за утрешната конференција за медиумите на премиерот Зоран Заев и неговите министри пред споменикот на ослободителите на Скопје можеби го означува самиот крај на преговорите за името. Дали договорот веќе е постигнат и дали утре Заев ќе соопшти што е договорено меѓу Димитров и Коѕијас и меѓу него и Ципрас?
Од многубројните шпекулации за тоа што е договорено, се оддели името Северна Македонија. Веројатно утре ќе се разјасни дали тоа е името за севкупна употреба што Заев наводно го прифатил или е само за меѓународна употреба.
Кое е тогаш името за внатрешна употреба?
Како што дознаваме, и тоа било дел од преговорите, и тука Грција барала интервенција со некакво појаснување во заграда. Можно е тоа да биде и името Република Македонија (Скопје). Но и тоа (веројатно) ќе го дознаеме утре.
Наводните детали за тоа како сето ова би се спровело веќе се објавени преку фејсбук-профилот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и преку неколку грчки медиуми: следува усвојување на овој договор во македонското Собрание, во јуни и јули добивање условно членство во НАТО и датум за преговори за членство во ЕУ, по што во септември/октомври би следувал референдумот во Македонија. А условното членство во НАТО би се официјализирало по промените во Уставот на Република Македонија.
Со оваа постигната рамка меѓу Коѕијас и Димитров, Македонија во јуни ќе добие датум за старт на преговорите со Европската Унија, со или без конечен договор за името со Грција. Рокот за договор е декември.
Опозициската грчка партија Неа демократиа веќе ја повика владата на Ципрас да не се согласува на договор што би ѝ дал на земјава однапред зелено светло за интеграција во НАТО и ЕУ, а усогласувањето на договорот во иднина да биде на рати.
„Незамисливо е Грција однапред да го предаде преговарачкото оружје што го поседува и да очекува во иднина усогласување на рати од страна на нашата соседна земја“, изјави портпаролката на Неа демократиа, Марија Спираки.
Опозицијата во Македонија засега молчи.
Ефимерида, пак, најави дека одлучувачки ќе биде телефонскиот разговор меѓу Заев и Ципрас во текот на неделава, а „најверојатно в среда“, кога ќе се утврди резултатот од неколкумесечните разговори и консултации за приближување до конечно решение. Најавата за утрешната конференција за медиуми можеби значи дека тој разговор веќе е завршен.
Следува најавената средба во Преспа, кога Заев и Ципрас треба да потпишат и договор за промена на името.