Ако си приклучен на бакарната телекомуникациска мрежа на Македонски Телеком, и уште бетер - ако живееш во куќа во некое село или приградска населба, тој сигнал не се оправа, биди 100% сигурен. Оддалеченоста од локалната телекомуникациска централа си го прави своето, надворешните услови исто така - влага, суша, студови, горештини - секогаш ќе влијаат на квалитетот на сигналот се` додека каблите се поставени воздушно, односно на бандери, а не подземно.
А ако живееш во станбена зграда, тогаш тие 100 пати во изминативе 5 месеци кога си се пожалил, најверојатно се погодило налогот кој го пуштиле за одржување на твојата телекомуникациска линија да заврши кај некој техничар на кого не си му приоритет, на крајот на краиштата, има и други корисници, или па можеби заглавил кај пријатели кои пријавиле проблеми со сигналот, па откако им ги решил проблемите, седнале да олеснат по некое шише ракија.
Не планирам да ги бранам Вип и Телекабел, но тие немаат ниту вработени со решенија за неограничен работен ангажман, ниту имаат синдикати да ги бранат нивните вработени, за разлика од Македонски Телеком, кој во основа одвнатре и понатаму е` социјалистичка компанија.
Се разбира, останува и можноста техничарот да направил нешто за да го реши проблемот, но применил погрешно решение, поради што проблемот останал нерешен. На пример, можеби ставил капаче на IPTV телевизијата - тоа во превод значи дека го ограничил Интернет сигналот до IPTV рисиверите за да остане Интернет сигналот до компјутерите стабилен, но сепак проблемот да не е во Интернет сигналот до IPTV рисиверите, туку во самиот телекомуникацискиот приклучок. Исто така можно е да има потреба од менување на рутерот, како и повеќе други фактори кои можат да придонесат за слаб квалитет на услугата.
А кога сме кај безжичниот мрежен сигнал од рутерот, слободно заборави дека таквиот безжичен сигнал постои, истото важи и за рутерите од останатите телекомуникациски оператори, безжичниот мрежен сигнал не им е баш некој фактор за квалитет. Решението за безжичниот мрежен сигнал секогаш е` да купиш втор рутер за таа намена.