Пред новата средба на преговарачите со посредникот Нимиц повторно се лицитира со имиња за Република Македонија. Двете страни изразија подготвеност за компромис во наоѓање решение кое јасно ќе направи дистинкција на Републиката од она што е цела територија на Македонија како географски поим распослана низ неколку држави.
Компромис значи отстапки на двете страни. Ако Република Македонија треба да се дефинира како потесен поим од географска Македонија, тогаш соодветно дефинирање треба да се направи и на грчката страна и со географска одредница да се дефинира и тој дел. Така, соодветно, секоја “Северна” има и “Јужна” и секоја “Горна” има и “Долна”…”Вардарска” има и “Егејска” и слично. Оттука, за мене е неразбирливо зошто единствената одредница која би немала соодветен баланс и не би претполагала компромис и на грчка страна, “Нова”, е тоа што Премиерот, претполагам и Владата на Република Македонија и го преферираат, барем според јавно дадените изјави.
Деновиве наидов на еден текст објавен од Атинската Новинска Агенција пред 20 години (на 17 мај 1997) во кој се пренесува еден мој текст за тогашен ПУЛС во кој пишувам за истите овие прашања.
Како потсетување – од страна на тогашниот македонски преговарач Иван Тошевски поднесен е предлог од три точки до посредникот Сајрус Венс што претполага: прво, употреба на уставното име “Република Македонија”, второ, почеток на директни преговори за билатерална употреба на име на државата кое ќе биде употребувано од страна на Грција, и, трето, практично откажување од куса форма на името и листинг на државата на меѓународно ниво под буквата “Р”, а не “М” (значи име во целост “Република Македонија” и во ниедна варијанта не како кратенка “Македонија”). Се подразбира дека трите точки беа целост и точките два и три го претполагаа прифаќањето на првата точка.
Очигледно, предлогот не бил прифатен, но и форматот на она за што се преговара е одамна изменет. Од тројни, двојни и слични формули сега се преговара за ерга омнес, односно она за што Грција се залагаше од почетокот. Немам никакви информации што и во која форма е на маса. Одамна професионално не се занимавам со опсервација на ова прашање. Но, и сега како и тогаш, можам само да ги повторам истите тези кои беа изнесени во тој подолг текст, сумиран накратко тука и зошто сметам дека ако е потребна дистинкција на државата од пошироката територија тоа се прави со самото име “Република Македонија” и целосно меѓународно прифаќање без привремени референци и слично.
Но, од страна на Грција всушност прашањето на името никогаш не беше прашање на географско дефинирање, туку додавка која ќе го дефинира народот кој живее на територијата на државата “Македонија” во смисла на националност, државност и јазик. И тука е целиот проблем на она што се перципира од надвор како “ирационален спор”. Бидејќи, конечно, и не се преговара за името на државата, туку за она што се дефинира под поимите “Македонец/Македонка” и “македонски јазик” и дали како такви постојат или ќе се предефинираат. Зашто откога ќе се раздува сета онаа магла околу името, тоа е она што останува на маса.
Елеонора Каранфиловска – Ретклиф (Фејсбук статус)