Членови на здруженијата за ретки болести „Живот со предизвици“ и „Вилсон Македонија“ денес во Министерството за здравство, заедно со заменик министерот Гоце Чакаровски бараа каде се лековите за Вилсон и за другите болни од ретки болести, кои останаа без терапија. Најстрашен е случајот токму со болните од Вилсон, кои без лекови се од јуни годинава, кога беа потрошени последните количини на лекови што ги примаат на скопските клиники.
Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари, кој сега е градоначалник на Гостивар, во август годинава рече дека со интервентен увоз ќе се набават лекови за Вилсон, но, тие досега не се стигнати до пациентите.
„Целиот проблем е што Министерството сѐ уште не ја направило нарачката веледрогеријата лековите да ги однесе до депоата на клиниките каде треба да ги примиме лековите. Заменик министерот постојано повторува дека има лекови, но џабе ако тие лекови стојат во магацин, а пациентите се оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат. Оваа терапија е доживотна и не смее да се прекинува. Во спротивно ризикуваме тешки последици по здравјето, а во крајна линија и трагичен исход“, вели Алексиевска Димиќ.
Гоце Чакаровски, заменик министер за здравство, кажа дека лековите не стигнале до пациентите поради административна грешка, дека назначиле координатор во Министерството за здравство кој треба да провери за кои сѐ ретки болести Министерството набавило лекови, а тие не се испорачани до клиниките.