Во февруари 2012 година патував за Лондон од аеродромот во Скопје. Имаше пола метро снег надвор, не знаевме ни дали „Визер“ ќе полета за Лутон, ама се довлеков некако на аеродромот во Петровец.
Во целиот тој метеж на царина и пасошко, кој секогаш беше пропратен елемент на патување од и до „стариот аеродром“, одеднаш се создаде уште поголем метеж кога обезбедувањето почна да прави простор некој да помине. Кога, ете ти го Коце градоначалникот во долг дождовен мантил, моделче цирка 1948 година, возбуден, задишан набрзина влета во толпата и застана пред цариниците и буквално до мене. Еееј радости!
„Градоначалниче, градоначалниче, каде вака?“, довикува, прашувајќи цариникот.
Коце се шутка, се вртка, се расцерека и одговори: „за Севилја, Шпанија“.
„Аууу Севилја, а што таму?“, се интересира цариникот.
Се врти Коце лево-десно, ко да се мисли што да каже и одговара:
„Ќе гледам еден рингишпил – Панорамско тркало.“