Ако со јазичните промени се озаконуваат радикални промени на идентитетот на државата Република Македонија и во нејзиното функционирање (институциите), тоа ќе повлече серија последици со драматичен карактер врз македонското општество.
Според Охридскиот договор, македонскиот (јазик) останува официјален/службен јазик на државата, а секој друг јазик говорен од најмалку 20% од населението се прогласува за официјален/службен јазик кој може да биде употребуван за лични документи, граѓански и кривични постапки, од општинските институции и во комуникација меѓу граѓаните и централната влада. Албанските членови на Парламентот можат исто така да го употребуваат албанскиот (јазик) во Парламентот.
Ќе дадам некои појаснувања околу меѓународно усвоената терминологија, според „Европската Повелба за регионални и малцински јазици“ (1992/1998), односно Резолуцијата за имплементација на Европската Повелба за регионални или малцински јазици (21.10.2010), за да биде појасна натамошната аргументација, а со цел истата да се применува/почитува и во Р. Македонија и нејзините уставни, законски акти, како и во политичката реторика:
„Регионален јазик (regional language) е јазик говорен во еден ареал/регион на една суверена држава, сеедно дали се работи за мал ареал, за федерална држава или за провинција, или за некој поширок ареал.“
Според Европската Повелба за регионални или малцински јазици, регионален/малцински јазик е дефиниран како „традиционално говорен/употребуван на дадена територија од една држава од страна на граѓани на таа држава кои формираат група бројно помала од остатокот на популацијата во таа држава и 2. Се разликува од официјалниот јазик/јазици на таа држава“.
Називот ’малцински јазик’ се третира идентично како регионален јазик според Европската Повелба за регионални и малцински јазици е јазик говорен од едно малцинство од вкупната популација на една територија, а таквите малцински популации се нарекуваат лингвистички т.е. јазични малцинства (linguistic/language minority), а во некои контексти и како малцински ’јазични заедници’.
Според Повелбата, признавањето на регионалните или малцински јазици како официјални/службени јазици на една територија не ја супституираат должноста на граѓанинот да го употребува и државниот службен јазик, туку му даваат право на граѓанинот, по избор, да го користи својот мајчин јазик во регионот/локално и во заедницата на којашто ѝ припаѓа традиционално етнички и јазично и да комуницира со локалните органи на власта на својот јазик за административни потреби.
Станува збор, значи, за политика на заштита на човековите јазични права, а не за ревизија на статусот на државниот јазик, ниту за ревизија на идентитетот на државата, како што се сугерира со Предлог законот за јазиците, каде што македонскиот е едвај спомнат. Ако со јазичните промени во РМ се иницираат и се озаконуваат радикални промени на идентитетот на државата Р. Македонија и во нејзиното функционирање (институциите), тоа ќе повлече серија последици со драматичен карактер врз македонското општество.
Еден регионален јазик во една држава може а) да има статус на државен/национален јазик во друга држава (албанскиот на пример е државен во Р. Албанија, но регионален/малцински во Р. Македонија) или б) може да биде регионален/малцински и во една соседна држава (на пример каталонскиот кој е официјален јазик на Андора, е регионален јазик во Шпанија, и тоа во Каталонија, Балеарските острови, Валенсија, во Франција (во Западните Пиринеи), и во Италија (во Алжеро на Сардинија).
Во контекст на ЕУ Повелбата (1992/98), албанскиот јазик треба да има статус на малцински или т.н. регионален јазик (со јазични права кои ќе важат за припадниците на тоа јазично малцинство/заедница и на територијата каде што живее тоа јазично малцинство). Албанскиот јазик треба да ги ужива правата на малцински регионален јазик на локално/регионално ниво: во општините каде што албанската популација е мнозинска или над 20% од вкупното население, албанскиот треба да има статус на втор официјален јазик, наспрема македонскиот кој е прв државен - официјален јазик во целата држава Р. Македонија (има статус на национален и државен јазик).
Албанскиот јазик се зборува од популација која е според Уставот на РМ, ’дел од народ’, дел од албанската нација која има своја суверена држава Р. Албанија (како и нов државен ентитет Р. Косово), каде што албанскиот јазик има статус на национален, државен и официјален јазик.
Наспрема 193 суверени држави и нивните официјални јазици, во светот се регистрирани околу 5-7.000 малцински јазици.
Некои малцински јазици се сметаат за ’национални јазици’ затоа што се јазици на народи кои немаат своја суверена држава (на пр. ромскиот, ароманскиот).
Други примери од Европа: германскиот, на пример е официјален јазик во неколку држави: Австрија, Белгија, Германија, Лихтенштајн, Луксембург и Швајцарија, а е регионален јазик во Италија (во подрачјето на јужен Тирол), во Полска (Шлезија), во Франција (Алзас и Лорена), Данска и Намибија. Унгарскиот (Уралска група јазици), кој е официјален во Унгарија, е регионален во Романија, каде што официјален јазик е романскиот (романска група).
Рускиот јазик, кој е официјален јазик во Руската Федерација и Белорусија, е регионален во Абхазија, Јужна Осетија и други држави. Турскиот, официјален јазик во Турција и Кипар, е регионален јазик на Косово (и Македонија).
Во Шпанија, на пример, регионални јазици се аранези, каталонски и галициски, се сметаат за автохтони на подрачјата каде што се говорат, имаат ко-официјален статус со кастилијанскиот шпански кој е единствен официјален јазик на територијата на целото Кралство на Шпанија. Баскискиот јазик кој е изолиран и не припаѓа на романската група јазици како шпанскиот, каталонскиот, галицискиот, има одлики на регионален јазик во Шпанија (во регионот на Баскија) и во Франција.
Во Франција регионални јазици се бретонскиот, окситанскиот, валонскиот, корзиканскиот, во Кралството на Велика Британија – шкотскиот, велшкиот, ирскиот...
Не постои во Европа јазик кој е прогласен за службен на државно рамниште, а да се зборува или да се учи произволно, по волја. Државниот јазик е административен, работен и задолжителен јазик и треба да го учат сите граѓани во основно и средно образование.
Вториот и/или третиот јазик се, по правило, службени на локално или регионално рамниште и не ги обврзуваат сите граѓани на државата, туку се наменети да ги задоволат јазичните права на малцинските етнички и јазични заедници. Учењето на вториот јазик е прашање на потреба и културна политика. Држави со хетероген јазичен состав (јазици од различна лингвистичка група) се соочуваат со поголеми проблеми одошто државите во коишто јазиците и културите припаѓаат на блиска традициа.
ЕУ, што ја сметаме за парадигма на цивилизираност, различно го решава ова прашање. Во балтичките држави, на пр., кои имаат мултиетнички општествен состав не се почитува ни Повелбата за регионални или малцински јазици (во Естонија и Латвија, на пр. руското ’малцинство’ брои 29,6% односно 37%, според последните пописи, иако претходно било далеку поголемо, единствен службен, државен, административен, работен, образовен јазик е естонскиот, односно латвискиот. Европа допушта ваква нерамноправност по однос на јазичните права. За Балканот и да не зборувам. Само Рeпублика Македонија настојува да биде лидер во административната, работната, образовната маргинализација на македонскиот државен јазик. Овој процес се легитимираше со Закон во 2008, за да се преувеличи, до апсурд, во Предлог законот од оваа 2017 година со 2001.
Законот ќе предизвика хаос во постојниот законски систем, ќе се надреди над постојните закони донесени со двотретинско мнозинство (според експертите). Не се почитува ни МИНИМУМ македонски јазичен кодекс (влада, војска, полиција), така што ќе доведе во прашање редица стекнати цивилизациски придобивки. Во Охридскиот рамковен договор не се предвидени вакви решенија какви што нуди овој предлог закон. Треба навистина да се чуе и да се уважи мислењето на стручната лингвистичка и правна јавност, а ако треба и да се постави на референдум ваква евентуална радикална промена во државата и во општеството.
Академик Катица Ќулафкова