Сведоци сме на уште едeн во типично балкански стил политички „реалити шоу“ со повлекувањето на целокупниот персонал (!) на амбасадата на Србија во Скопје, вклучувајки ја и нејзината екселенција амбасадор!?
Сите српски дипломати во неделата го напуштија Скопје, а официјален Белград во понеделникот даде и официјално објасување дека причина за таквиот гест биле „засилени разузнавачки мерки против српските интереси" (Дачиќ)!?
Ваквите случувања не се ретка појава во дипломатијата - земја домаќин да протера или одредена земја да повлече свои дипломати од разни причини. Своевиден преседан без сомнеж е неодамнешната одлука на рускиот претседател Владимир Путин кој како одговор на американското протерување на 35 руски дипломати од САД, нареди бројот на американски дипломати во Русија да се изедначи со бројот на руски дипломати во САД. Практично, Путин им порача на Американците до први септември да повлечат дури 755 дипломати од нивната амбасада во Москва и конзулатите во повеке руски градови.
Српското образложение за повлекувањето на дипломатите од Скопје е најблаго речено смешно, дури и детињасто, или како што го нарече поранешниот министер за надворешни работи на Србија Вук Јеремиќ „дилетантско“, со што целосно се согласувам. А, еве зошто: Ноторна реалност е дека секоја држава има разузнавачки активности во држави особено што се од нејзин посебен интерес. ЦИА брутално прислушуваше и шпиунираше во Германија (дури и приватните телефони на канцелкарката Ангела Меркел), германските служби прислушувале над 600 конгресмени, сенатори и високи службеници во Белата куќа и можеме да редиме уште многу, многу вакви примери.
Но да се вратиме на најновата авантура на српската дипломатија. Да го прашаме министерот Дачиќ: Дали Србија не се занимава со разузнавачки активности во Македонија? Присуството на нивниот агент во Собранието на 27 април е само капка во море во однос што навистина е реалност што прават српските тајни служби во Македонија. Колку само активни и „заспани" т.е. во мирување разузнавачи има Србија во државните структури и пошироко во Македонија? Кога се раздружувавме во деведесетите години од минатиот век и кога ЈНА ја напушташе Македонија се прошири веста дека на српските офицери, женети за Македонки, им давале калашникови и муниција, за да им се најдат при рака кога ќе се вратат (ако се вратат) назад!? Не знам дали навистина било така, но гласини секако имаше.
Помалку зачудува кратката меморија на српскиот министер Дачиќ, кој беше верен соработник и портпарол на Слободан Милошевиќ. Дачиќ заборава дека во Србија ќе завладееше глад ако Македонија не го кршеше целосното ембарго во девесетите против режимот на Милошевиќ шверцувајки гориво, жито и други потребштини. Но, тоа Македонија го правеше за да му помогне на српскиот народ, а секако не на режимот на Милошевиќ и Дачиќ. Нека ги праша Дачиќ рударите од Бор кај ќе им беше крајот доколку нивното злато и бакар не се шверцуваа преку заедничката граница и се продаваа со ознака „Мade in Мacedonia". Македонија од цивилизациски причини дозволи Србија да ја чествува 100 годишнината од Кумановската битка и победата на Кајмакчалан, но се дистанцираа од нашето барање да го прославиме 2 Август во древниот манастир Св. Прохор Пчињски кој, на наше жалење, Лазар Колишевски им го подари на Србите во педесетите години од минатиот век.
Србите се познати како вешти византијци и очигледно е дека сегашната државна констелација на власт во Белград во тој манир ги жртвува добрите односи со Македонија, во корист на Грција во духот на „традиционалното српско-грчко пријателство" и како што често милуваат да изјават „добрососедските односи меѓу Србија и Грција" (a какo тоа го замислуваат без нас, без Македонија, не ми е јасно). Во Белград се занесуваат небаре Грција е факторот за нивен прием во ЕУ, и небаре тоа ќе се случи утре!? Каква заблуда!!!
Да потсетиме и дека српскиот претседател Вучиќ побрза на средба со Борисов и Ципрас во Солун за да дискутира, помеѓу останатото и за Македонија, што секако не е пријателски акт кон нас!
Но, од каде помислата дека Белград одработува за Атина? Многу едноставно: грчкиот министер за надворешни работи Николаос Коциас потврди дека на крајот од август доаѓа во Скопје на разговори за името на нашата земја. Грчката страна очигледно е многу нервозна бидејќи не може да им помине нивниот концепт „ерга омнес", т.е едно име за целокупна употреба, и затоа дополнителен притисок на македонската страна од верен сојузник како Србија (сега во стилот на повлекување дипломати) е добродојден.
Претпоставуваме дека идејата за повлекување на дипломати е на министерот Дачиќ кој важи за своевиден министер-боем, мераклија и да запее „O соле мио", а не е свесен дека пее - фалш, како и неговата надворешна политка.
Како дополнителен „аргумент" Белград за ваквата постапка што е без преседан, бил наводната подршка на Македонија на Косово за членство во УНЕСКО!? Помалку невообичаено е, без сомнвање, да се повлекуваат хипотетички, пред време, дипломатски потези за нешто што не се случило! Освем тоа, зошто Белград не реагира во сличен стил кога се во прашање членките на ЕУ, туку на нас покажува мускули што на долгорочен план без сомневање ќе нанесе штета во односите меѓу двете земји и двата народа!
А што се однесува за членувањето на Косово во УНЕСКО и самиот сметам дека тоа е преурането. Косово мора да се извини еден ден за скрнавењето на 143 цркви и манастири во 2003 година што беше сторено со манифестирање на расистички порив и нетрпеливост. Косово дури мора и да помогне и да овозможи реставрација на некои од тие духовни објекти ако сака да биде член на УНЕСКО и на цивилизираната заедница!!!
Има само една работа од пораките од Белград за која немам никакво сомневање: „Инвовлираноста на странскиот фактор" во операцијата на шпиунирање на српската амбасада. Дали тоа го прават од Кале или други локации, не знам, но нема сомневање - барем од она што го доживувавме самите ние изминативе три години, дека се прави од многу локации.
За на крајот: На инсистирањето на Ивица Дачиќ за постапувањето „според вообичаената пракса во дипломатските односи", т.е. со повлекување на амбасадорот и персоналот од амбасадата, и реципроцитет кон однесувањето на Македонија, мислам дека би било соодветно и од македонска страна да постапи со иста мерка - реципроцитет и да ја повлече во знак на протест нашата амбасадорка од Белград, а нејзиното враќање да зависи од нашата проценка на однесувањето на српската страна.
М-р Мартин Треневски, поранешен министер и амбасадор