Денеска, среде работен ден, во екот на туристичката сезона, кога автопатот од Гевгелија до Скопје вообичаено е преполн, на патарините и попатно имаше застој повеќе од два часа. Се запалил камион кај тунелот Катланово. Ништо чудно, пат е, несреќи се случуваат.
Во нормални, цивилизирани земји, надлежните служби веднаш ги известуваат медиумите, а тие граѓаните (вклучувајќи ги и оние на патот, кои во возилата бараат информации или на радио или на интернет). Смислата на објавувањето елементарни информации е да им се помогне на патниците да одлучат што ќе прават - некој што наумил да тргне на пат малку ќе го одложи стартот, некој што веќе патува можеби ќе реши да одмори некаде по пат, некој ќе си купи вода и храна итн.
Јас, како патник, заедно со моите колеги во редакцијата на Плусинфо, денеска повеќе од два часа баравме основна информација што се случува. Еден полицаец ми кажа дека имало сообраќајка кај ХИВ. Друг ми рече дека не знае ништо. На првата патарина - не знаеме. Од АМСМ - не знаеме, чекаме информација од МВР. Во МВР првично - ситна сообраќајка на наплатна.
Конечно, два часа откако јавив за првиот застој и две минути пред и самиот да стасам до Катланово, „Македонија пат" ни даде нецелосна, но точна информација.
Медиумите се посебна приказна. Никаде никаква информација за настанот. Ни во медиумите кои ги плаќа државата. Изгледа дека сите се зафатени со „правење реформи во медиумите". Или со пи-ар. Или „истражуваат". Или прават паравести, оти сме шегобојна нација. Или пуштаат шокантни мега мега термонуклеарни бомби. Или работат на "медиумско описменување" на народот. Или се расправаат на Фејсбук...
Како и да е, никој не инфомира. Никој нњ известува (немаше да известиме и ние први - први џанам после два саата! - да не бев случајно на автопатот). За настан на 20 километри до Скопје!
Ние во Македонија измисливме уникатно новинарство, какво што нема никаде - новинарство без информации. Без вести. Сетете се, за големиот земјотрес во главниот град Охрид (не е грешка - во лето Охрид е главен град на Македонија), видовме само едно видео од пет секунди и неколку фотографии на урнати и напукнати ѕидови - сето друго беше ти реков ми рече.
И така... Кога влегуваш во Македонија, а по пат колони, на ридиштата чадој и огној, а ти немаш информација за ништо, знаеш дека си дома. Во дупката.