ПРОТЕСТИ ВО СКОПЈЕ ПО ОБЈАВУВАЊЕТО НА КАРИКАТУРИТЕ ОД ИСЛАМСКИОТ ПРОРОК МУХАМЕД
Демонстрации под парола "Алах е голем"
11 февруари 2006 - 00:00
Околу 2.000 муслимански верници од Македонија вчера во Скопје, со протест го изразија својот револт против објавувањето на карикатурите на исламскиот пророк Мухамед. По пладневната молитва во џамијата "Јаја Паша", навредените демонстранти, извикувајќи ја паролата "Алах е голем" се упатија директно кон данскиот конзулат во Скопје, бидејќи првично карикатурите беа објавени во данскиот весник "Јиланд постен". По 15 минутно демонстрирање, без никакви инциденти, масата се насочи кон редакциите на дневните весници "Време" и "Вест", кои, исто така, се најдоа на удар на демонстрантите поради пренесувањето на дел од фотографиите во своите изданија.
Вчерашните протести немаа официјален организатор и не беа пријавени во МВР, а Исламската верска заедница се огради од нив и ги повика верниците да протестираат достоинствено. Во МВР соопштија дека по претходно добиени најави за протестите од неколку амбасади и весниците "Време" и "Вест" ги презеле сите безбедносни мерки. Тие испратија специјални единици пред сите критични места во градот, но немаше потреба од интервенции, бидејќи до доцна попладнето не беа регистрирани никакви инциденти, иако атмосферата беше напната. Објавувањето на карикатурите претходно ги осудија и Македонската православна црква, Католичката црква, како и Комисијата за верски заедници. Редакциите на "Вест" и "Време" се извинија за "ненамерното пренесување на дел од фотографиите" што предизвикаа револт кај сите исламски верници во светот.(Д.М.)
http://vecer.mk/makedonija/demonstracii-pod-parola-alah-e-golem