Со посвета до сите душмани на староновиот плутократски режим.
Статијава ме потсетува на реформите на Михаил Горбачов во Советскиот Сојуз - гласност и перестројка, "демократијата ни` треба како воздухот кој го дишиме", дрн дрн јариња, додека се разбудиш, реформаторот добитник на Нобелова награда за мир ги распродал државните резерви на злато, економијата е во слободен пад, а со почетокот на 1990-те години си доаѓа и крајот на Советскиот Сојуз.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetail?title=Не-е-до-името&id=d0fe056b-1b97-479f-801f-e873fdf57837
Не е до името!
Дневен весник (Ед. бр. 24074)
19.06.2017 12:15
Билјана Ванковска
Додека новата „реформска влада“ (како што се нарекува себеси) ги прави првите чекори, некои веќе се обидуваат да ѝ обезбедат статус на „заштитена мечка“ барем во првите сто дена. Овој механизам има значење во парламентот, но не и за јавната опсервација.
Иако провладините новинари секој збор на критика го оценуваат како глас на (не)скриен поддржувач на Груевски, така осуетувајќи секаков критички став, потребно е будно да се следи секој чекор и да се разговара за тоа. Впрочем, и премиерот Заев (пре)често повикува на потреба од дебата. Човек се прашува: а што правевте досега, во кампот на слободата или низ јавните собири, тркалезни маси и консултациите со невладиниот сектор? Јавноста очекуваше ефикасна влада со подготвени законски нацрт-промени и решенија за хималајските проблеми, но сега слуша дека тие ќе биде предмет на јавна дебата или дека ветеното ќе се остварело кон средината или крајот на мандатот (ако Владата со олку тенко мнозинство воопшто и стигне дотаму).
Можам само да го пренесам расположението што владее во универзитетската заедница: со душа се чека новиот Закон за високо образование, што поскоро, за да ги укине сите оние будалаштини со државниот испит за студентите, но и нереално високопоставените критериуми за избор во звања на професорите (фамозните трудови во списанија со импакт-фактор). Но делењето на колачот е во тек, а и парламентарниот циркус како да добива нов заплет со итарпејовската тактика на новата опозиција, која не сака да конституира пратеничка група, за максимално да ги искористи сите можности што ги нуди Деловникот.
Ако денот по утрото се познава, внатрешната политика ќе биде детерминирана од надворешната, а не обратно - што и не е ништо ново. Уште при првата официјална посета на Брисел (НАТО и ЕУ), владината делегација не криеше дека нужно ѝ е потребен ветер во грбот и тоа не само со добивање декларативна поддршка, туку и со брз прием во НАТО (и евентуално отворање на преговорите за ЕУ, дури и ако формално не се нарекува „добивање датум за почеток на преговорите“). Лапсус или не, изгубени во преводот или пробен балон сеедно, но светските медиуми ја проширија веста дека новата влада е подготвена да ѝ го смени името на државата во замена за отворање на паток кон европските интеграции. Ликот на премиерот не оддаваше оптимизам, туку повеќе загриженост.
Сега треба да испорача, а да се биде на власт е потешко одошто да се биде опозиционер, особено кога станува збор за „проблемот за името“. Можеби некои во Владата, па и дел од јавноста, се отворени и за поголеми отстапки, но бумеранг-ефектот што може да им се случи не е за потценување. Особено кога се има влада на стаклени нозе и претстојни локални избори... Она што се случуваше деновиве во врска со надворешнополитичката „офанзива“ е нешто што најмногу му оди на рака на еден Никола (Груевски). Офанзивата изведена со дискретниот шарм на Никола Димитров не може да се нарече фијаско, но секако заврши со студен туш. За разлика од Македонија, која нема црвена линија и каде што секоја влада почнува одново, Грција има не само црвена линија, туку и државна политика по прашањата што ги смета за национален интерес.
Да се верува дека Атина ќе се израдува на демократските промени во Македонија е наивно. Тие знаат дека сме далеку од консолидација и дека оваа влада е слаба.
Се разбира дека станува збор за примитивен национализам по прашањето за името, но Грците се конзистентни (националисти). Дури и оние што ги сметавме за левичари. Духовитата забелешка на Коѕијас дека Никола е најпопуларното име во земјава, всушност, требаше да биде сфатена како комплимент. Но аналитичарите ја пропуштија поентата, и почнаа да му ласкаат на Димитров како вешто возвратил (дека со чест ќе го носел своето име докрај). Пораката, всушност, можеше да се сфати како сугерирање дека без оглед кој Никола е на власт (Груевски, Попоски или Димитров), Македонија зборува со еден глас кога станува збор за името.
Тоа би значело дека сме држава, но мнозина овде побрзаа да докажат дека не сме, и дека новата влада ќе биде многу пофлексибилна во размислувањата за промена на името (без промена на идентитетот! Да видам, да не верувам!
Зошто да беше толку лесно, Груевски одамна ќе капитализираше и ќе се спасеше од она што му се случува. Тој не е ни помалку ни повеќе „патриот“ од Заев кога станува збор за избор помеѓу името и власта.) Во политичката ситуација каква што е сегашната, ниту Грција, ниту Македонија можат да направат исчекор - Грција да прифати прием на Македонија во НАТО под референцата, а Македонија да понуди/прифати промена на името. Ниту одгласите од Софија не се оптимистички. Тамошните аналитичари велат дека Бугарија има обврска да ѝ укаже на Македонија дека без оглед на евентуалниот нов договор за соработка и добрососедство, нивното претседавање со ЕУ нема да донесе придвижување на европската интеграција.
Интересно е што Владата, која инсистира на своите сто дена, брза како прле пред магаре, без никаква експертска или јавна дебата, да го потпише договорот со Бугарија на невидено и непрочитано.
Веројатно и таму ќе биде заземен оној став „ние сме добрите дечки, разберете нѐ; досега трпевме терор, а Груевски е виновен за сѐ“. Ваквата брзоплетост да се покаже конструктивност веднаш (а да се добие резултат „мало морген“) им оди на рака на опозиционерите. Владата (ќе) ја манифестира својата импотентност во меѓународните односи, што можеби ќе биде видено како конструктивност, ама за возврат дома го носи ризикот од силна мобилизација по основа на идентитетските прашања, за кои македонската јавност не е подготвена да преговара.
Она што нејзините владини навивачки клубови од медиумскиот и од невладиниот сектор го забораваат е дека
протестното движење бараше реформи однатре, а не флоскули. Грчката блокада е непремостлива, не само затоа што таа држава има позиција, туку и затоа што има надворешни сојузници. Македонија ги нема.
Да смениш име за влез во воена алијанса е срамна и жална позиција, а бивши високи функционери на ЕУ (како Аксел Валден) пишуваат за досегашните слабости, геополитиката наспроти европските вредности и инклузивност, и за смртта на политиката на проширување на ЕУ.
Но нашите еврофили се глуви и слепи за таквите лоши вести, и мислат дека со промена на влада се станува поприфатлив за Унијата.
Жално е не само што „револуцијата“ не даде конкретни плодови (во вид на јавни политики и решенија, ами се сведе на нов бран партизација, удомување „првоборци“, па дури и судир на интереси и заштита на капиталот пред луѓето, уште во првите недели),
туку и посегнува по шарени лижавчиња и продавање соништа за брза преродба со чин на влегување во НАТО или преговори со ЕУ. Реформите или револуцијата (на умот и политиката) требаа да се случат најнапред внатре, па потоа да се рефлектираат врз надворешната позиција на земјата. Вака, за странците сета разлика е во презимето на Никола и во распоредот на бемките на неговото лице.
Остануваме тешка периферија и неуспешна држава и покрај сите „промени“.