Република Македонија нема да биде двонационална држава, таа ќе остане таква каква што е и никој нема да наметнува странски интереси, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за бугарската агенција
БГНЕС.
- Правото на протест е загарантирано во секоја демократска држава. Поради оваа причина минатиот четврток одговорив на сите прашања на опонентите од ВМРО-ДПМНЕ. Јасно одговорив дека сè што ќе правиме ќе биде во интерес на интегритетот на Македонија и во согласност со Уставот. Република Македонија нема да биде двонационална држава, таа ќе остане таква каква што е. Никој нема да наметнува странски интереси. Во однос на „Тиранската платформа”, тука станува збор само за преговори меѓу политичките партии за формирање влада. Сè што ќе прави владата ќе биде во интерес на сите нејзини граѓани и на Република Македонија - изјави Заев.
Тој рече дека очекува демократските процеси да се движат во согласност со Уставот, Деловникот на Собранието и законите на Македонија, а тоа значи новоизбраниот претседател на Собранието да добие печати, да биде прогласен за избран во Службен весник, а потоа да го пушти писмото до претседателот Ѓорге Иванов за давање мандат на новиот кабинет.
- Се што имам, е Македонија и нема да ги продавам националните интереси. Македонија е татковина на Македонците и на другите заедници знаете тука имаме Бугари, има Срби, Роми, Власи, Турци, имаме и Албанци. Таа е наша татковина - рече Заев.