http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=102091849504&id=21&prilog=0&setIzdanie=21816
Навивачите се единствена светла точка во МЗТ
Единствени што летово не кренаа раце од вториот најдобар кошаркарски колектив во историјата на Македонија беа навивачите, кои успеаја да иницираат каква-таква помош од локалната самоуправа и од неколкуа ентузијасти
МЗТ Скопје, некогашниот кошаркарски гигант од „Јане Сандански“, дефинитивно ги живее најтешките денови во повеќедецениското постоење откако завчера го претрпе можеби најтешкиот пораз во клупската историја на домашна сцена, изразен со дури 37 поени разлика во пресметката со кавадаречки Фени индустри.
„Металците“ ниту од далеку не личат на тимот што во минатото дојде до четири титули во Купот на Македонија, а згора на тоа успеа да го кутне и големиот Реал Мадрид. Сега, тимот од скопската населба Аеродром игра колку да не пропадне, со играчи што ниту од далеку не ги исполнуваат условите за настап во прволигашка конкуренција.
Некој ќе каже дека МЗТ може да прикаже и повеќе, со оглед што во тимот има и тројца искусни и сосема солидни кошаркари како Младен Ѓуроски, Мухамед Тачи и Александар Совковски. Но, гледајќи го нивниот учинок на завчерашниот дуел во кавадаречки „Јасмин“, на кој заедно шутираа со речиси неверојатни 10/41, нивното присуство на теренот изгледа повеќе како меѓусебно натпреварување кој повеќе ќе шутне отколку на барем делумен обид за спас на достоинството на некогаш големиот тим од „Јане Сандански“.
Колку и да изгледаат срамно поразот и играта на „металците“ во дуелот со Фени И., за многумина самото појавување на кошаркарите на овој тим на паркетот во салата „Јасмин“ е успех сам по себе. Тоа е така поради фактот што летово МЗТ беше на чекор од бездната односно од исчезнувањето од кошаркарската мапа поради немањето финансиска сигурност. Единствени што во тие моменти не кренаа раце од вториот најдобар кошаркарски колектив во историјата на Македонија беа навивачите, кои успеаја да иницираат каква-таква помош од локалната самоуправа и од неколку ентузијасти, кои се нафатија да останат во клубот.
Токму навивачите на МЗТ се единствената позитивна работа, која во моментов е поврзана со некогашниот гигант. Групата „Фемили“, која со години беше критикувана за својата вулгарност и пред сé воинственост на трибините, овој пат се покажа како кохезиски фактор, кој не дозволи згаснување на МЗТ. Тие самостојно решија да плаќаат билети за мечевите што ги играат дома, приход што е од огромна помош на привремената управа за обезбедување на најминималните средства за играње на мечевите од Првата лига.
„Фемили“ беше главната приказна на мечевите од 1. коло минатиот викенд, кога ја исполнија салата „Јане Сандански“ и 40 минути без престанок ги бодреа кошаркарите и покрај поразот од дебитантот во елитата Плејмејкер Кубис. Тие се во центарот на вниманието и по 2. коло откако завчера, на сопствен трошок, група од стотина навивачи на МЗТ замина во Кавадарци да го слави името на својот клуб, знаејќи притоа дека противникот е за неколку класи подобар и дека нивниот клуб го очекува вистинска катастрофа во мечот со Фени И. Но тоа не ги спречи 40 минути да навиваат за своите, а не против другите, за што добија чиста „десетка“ од кавадаречката спортска јавност.
Многумина што подолг период ги следат случувањата во македонската кошарка, сепак, се надеваат дека ваквото примерно однесување на „Фемили“ ќе продолжи и откако МЗТ ќе успее да најде стабилен спонзор и ќе застане на нозе. Ваквиот страв доаѓа од инцидентите кои во минатото ги правеа навивачите на „металците“, меѓу кои имаше и неколку што директно ги бркаа спонзорите што вложуваа големи пари во четирикратниот куп-победник.