Малку да ја рефрешираме темава со уште едно искуство од престој во Берово.
Сместување во вила може да се најде преку
http://visitberovo.mk/ и
https://berovobooking.com.mk/, овде ги има скоро сите вили во месностите „Абланица“ (неколку км пред езерото), „Беровско езоро“ (во близина на браната и комплексот „Аурора“) и „Фета“ (2 км подолу од исклучувањето за „Аурора“). Цените варираат зависно од типот на сместувањето, бројот на луѓе и бројот на денови, некои наплаќаат по кревет, некои по соба/студио, за деца има попуст зависно од возраста, така што за конкретни услови најдобро е директно да се контактираат сопствениците. Генерално сите вили се со повеќе купатила, место за паркинг, двор, скара, ТВ, интернет, одговараат за сите комбинации – фамилијарен престој, поголемо друштво со или без деца, заљубљени пар и сл...
Покрај стандардните активности – салата, мезе, скара, пијачка, за пополнување на време има неколку можни варијанти во околината:
Прошетка покрај езерото. Од паркингот на кој завршува патот кон браната се одвојуваат две патеки, кои одат покрај езерото, лево и десно од мотелот кој за жал не работи веќе десетина години. Патеките се во сенка, бетонски, осветлени па така можно е да се шета и дење и навечер.
Кафе/пијачка во „Аурора“, под услов комплексот да е отворен за посетители кои не се гости. Ако е тоа случај може истиот да се разгледа и покрај барот и базенот да се седне на пијачка по нормални (скопски) цени.
Прошетка до бачилото Клепало. На околу 10 км од вилите кај браната се наоѓа бачилото до кое се доаѓа по земјен пат, по кој може да се оди со теренско возило или пешки. Бачилото се наоѓа на околу 700м од асфалтниот пат, а патот (искачувањето) е релативно стрмно така што со нормално одење ќе треба околу 20мин. за качување. Во кругот на бачилото има едно ресторанче кое го работи семејството кое го поседува и бачилото и како што рече жената која работеше – освен кафе и пиво се други е домашно, направено од нив – ракија, сирење, леб од фурна, зеленчук за салата, сокови... Сето ова е пробано, давам гаранција за вкус и квалитетет
За домашна пита и качамак треба да се закаже затоа што ги прават само по нарачка. Продаваат и сирење од бачилото. Качувањето може да делува напорно но дефинитивно вреди.
Адреналински парк во Пехчево. Одлична идеја, не сум сретнал вакво нешто во Македонија на друго место. Има патека која се состои од одење по сајли, јажиња, даски, гуми, на висина од 4-6 метри, спуштање по сајла (зип линија). Има дел за возрасни и дел за деца. Обично работи во летен период, информации за цени и услови за користење (инструктор, заштитна опрема и сл) може да се добијат во хотел Гогов во Пехчево кој ја стопанисува и адреналинската патека.
Равна река, на 10км од Пехчево. Убаво излетничко место, во прекрасна природа. Има уреден простор за пикник, со маси, клупи и настрешници, тревната површина околу нив. Во околината има неколку водопади од околните реки кои не се нешто посебно високи и големи, но убаво е да се прошета низ шумата и да се видат. Има табли и патокази, првите кои се покрај асфалтниот пат се полесно пристапни преку уредени патеки, за останатите треба да се пооди пешки по земјениот пат кој води кон месноста „Бреза“ или со теренско возило. Во близина на локалитетот има два рибника, едниот (Идила) не работи моментално, па така другиот (Дивини) е засега единствена опција за ручек или освежување, по цени како во маалско кафанче во Скопје. Иако е деклариран како „рибник“ од риба има само пастрмка која е донесена кој знае од каде (не е се одгледува на лице место).
„Даун таун“ Берово, секако и ова е опција за кафе, ручек, вечера во опуштена атмосфера, има неколку ресторани кои нудат добра храна по пристапни цени, во некои поголеми кафичи (Рефреш, на плоштадот) има и жива свирка преку викенд.
Се на се, Берово и околината е одлична опција за неколкудневен одмор.