Драстично нов изглед и подобрени услови. Уште на прв поглед, во ходникот на студентскиот дом „Гоце Делчев“, со новите прозорци, парно и лифт, се гледа квалитетот на реконструкцијата, која е во завршна фаза, пишува Република.
Во блокот „Б“ на овој некогаш најзапоставен дом, се монтира новиот и функционален мебел. Наскоро овде ќе влезат и првите станари.
Управникот на блоковите А и Б, Андон Смилевски вели дека се мислело на секој детаљ за студентите да ги добијат соодветните услови за живот и студирање.
Собите на најгорните спратови се подготвени за новите станари. Во нив е зачувана практичноста, но со нов мебел, фрижидер, мини кујна, големи плакари, биро и се што е потребно. Најважното е што конечно, во домот ќе биде достапен и безжичен интернет за сите.
Во наредните денови, пак, ќе биде распишан тендер за набавка на нови лифтови за сите студентски домови во земјата, најави заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристоски.
Министерството за образование и наука веќе го заврши проектот за реконструкција и санација на блокот „А“, односно вториот следен блок за реконструкција и за него, како што соопшти Ристоски, се очекува во првата половина од ноември да се распише тендер за реконструкција и санација.
– Со тоа студентите од блок „А“ ќе бидат целосно префрлени во блокот „Б“, а блокот „А“ ќе биде целосно затворен и на него ќе почне да се работи, нормално по изборот на компанијата. Паралелно МОН за да не губиме време ги забрза сите активности и веќе сме во фаза на подготовка и на проект за останатите два блока, блоковите „В“ и „Г“ и за мензата во СД „Гоце Делчев“, рече заменик-министерот.
Проектите за нив очекува да бидат готови до Нова година, а потоа да бидат распишани тендери од страна на МОН и тие да влезат во фаза на подготовка за градежни активности.
– Мора да се има во предвид фактот дека неопходно е да постои добра организација и паралелно со градежните активности и сместувањето на студентите заради капацитетите. Ние можеме и да го затвориме целиот студентски дом, меѓутоа во тој случај повеќе од 1.300 студенти ќе останат без можност да бидат сместени. Затоа мораме да одиме етапно и со сместување и со реконструирање, истакна Ристоски, кој додаде дека е задоволен од динамиката.
Завршувањето на работите на СД „Гоце Делчев“ според Ристоски би можеле да завршат до крајот на 2016 година или почетокот на 2017 година.
– Во текот на минатата година имавме проблем од два до три месеци кога не можеше да се изведуваат градежни активности. Согласно планот и динамика реална можност постои до крајот на 2016 година, меѓутоа оптимално е да се каже дека веројатно дел и од 2017, ќе бидат завршени активностите во СД „Гоце Делчев“, рече заменик-министерот.
Информираше исто така дека во наредните неколку денови ќе биде распишан тендер за обезбедување нови лифтови не само во СД „Гоце Делчев“, туку во сите студентски домови во Република Македонија.
* копирано од kurir.com