Помен за убиството кај Смилковско езеро
11.04.2015 | 16:58
Македонија
Прочитано: 112
Во плач и траор осамна утрото на петок 13-ти пред три години, по веста дека петмина млади луѓе се свирепо убиени.
Четворицата другари – Александар, Филип, Кире и Цветанчо, сите на возраст од 18 до 21 година, и 45 годишниот рибар Борче од Црешово, кои претходната вечер заминале на риболов, никогаш не се вратија.
Семејствата низ солзи и со неверување ја примија веста дека нивните најблиски, брутално биле убиени неколку километри од своите домови. Барајќи утеха, пријателите, соседите и роднините, револтот го изразија на улица.
Патот што води кон Радишани беше блокиран, а на барикадите свеќи и слики од петтемина чии животи прерано згаснаа кај Смилковското езеро.
Три години по петкратното убиство, Смилковци е навидум мирно. На патот кој води кон селото, се наѕира само црква и езерото.
Доволно е еден поглед, и како што велат мештаните „морници полазуват.“ Никој не сака да се сеќава на кобната вечер. Од време на време поминува по некој автомобил, но без задржување.
Црквата „Свети четириесет маченици - Младенци“, кај местото викано Кршиколе или Крст, беше изградена една година по убиството. Изградбата на храмот ја иницираа месните заедници Стајковци, Смилковци, Црешево и Виниче во општина Гази Баба.
Но што точно се случило таа вечер и денес нема одговори. Еден месец по убиствата, полицијата ги приведе осомничените, а по две години беа донесени и пресудите – шест доживотни казни затвор.
За планирање и извршување доживотен затвор добија Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута, и Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ како директни извршители на масакрот, од кои за двајца се уште се чека екстрадиција од Косово.
Роднините на осудените со неверување ја прифатија пресудата, која предизивика бурни реакции и низа протести. Од друга страна, семејствата на загинатите се уште трагаат по вистината - зошто нивните деца беа убиени?