Најпрвин би сакале да напоменеме дека Студентскиот пленум е заедништво на сите студенти, без оглед на етничка или верска припадност. Покрај сите случувања во овие црни и тешки денови, ние уште повеќе сме сплотени, како никогаш досега. Сакаме да изразиме најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите луѓе од редовите на безбедносните сили. Се надеваме дека вакво нешто нема да се повтори.
Во време кога основните демократски процеси и вредности на нашиот политички систем се крахирани и кога нашето општество се соочува со вакви проблеми, имаме доволно причини за сомнеж во легитимитетот на оваа Влада, односно - ОВАА ВЛАДА Е НЕЛИГИТИМНА!
Во склоп на претходно наведеното на вчерашниот Генерален Пленум, едногласно беше донесена одлуката Студентскиот Пленум да ја напушти работната група за изработка на Новиот Закон за високо образование и да ја прекине понатамошната соработка со Министерството за образование и Наука.
Студентскиот Пленум смета дека единствен метод на искажување на револтот е мирното протестирање и затоа повикуваме да не се подлегнува на провокации. Исто така апелираме до сите граѓани на РМ на единство и разум. Студентите ја гледаат иднината во заедништвото!