Хороскоп, хороскопски знаци (општо)

Што сте во хороскоп


  • Вкупно гласачи
    1.372

Lucy in The Sky

A girl with kaleidoscope eyes
Член од
8 март 2009
Мислења
304
Поени од реакции
34
Ајде нешто повеќе за знак риби - подзнак риби...:smir:
Плашливи се, срамежливи, ненаметливи и повлечени. Лесно им се менува расположението, лесно простуваат, мирни се и љубезни. Лесно ги прифаќаат туѓите ставови и не се ценат себеси доволно.
Тешко е да се заљубат вистински. Го сакаат семејството, мирниот брак и лесно простуваат неверство.
Попустливи се, благодарни, верни и толерантни. Неодговорни се, неуредни и бавни.
Си одговараат со Шкорпија, Рак и Девица.
Тешко им оди со Близнаци и Стрелец.

Јас не знам дали сум ВАГА или СКОРПИЈА замислете во некои хороскопи сум вага во некои скорпија ПОМОШ некој знај како точно се одредува инаку сум родена 23 октомври :toe:???

Јас мислам дека си Скорпија.

риби и скорпија?
Два водени знака, секако дека си одговараат. Шкорпионот знае да направи Рибата вистински да се заљуби во него. Рибите обично се таинствени и се во некој нивни свет. Шкорпионот ќе успее да допре до тој нивни магичен свет.

ајде lucy in the sky кажи ми неш повеќе за јарец со подзнак риби, а и ако може да знам колку си одговараат јарец и бик????
Јарец со подзнак риби... таинствена личност. На прв поглед ладна и срамежлива. Секогаш се потпираат на нивните чувства. Ненаметливи, повлечени, озбилни. Секогаш се некаде на страна, тешко им е да се отворат и да се доверат на другите луѓе. Во љубовта се верни, но често се повредени и искористени. Носталгични се. Мрзливи, радо би седеле дома пред компјутер или би читале некоја книга, наместо да излезат надвор.

Јарец и Бик е убава комбинација. Двата знаци се земјени, па имаат слични ставови и погледи кон животот. Материјалисти се, вредни и штедливи. Имаат слични интереси и слични потреби. Двајцата ја сакаат традицијата и мирниот живот. Скоро немаат никакви разлики.
Верни се еден на друг, и со текот на времето нивната врска станува се поцврста.
 

Chapstick

Сам свој психолог
Член од
7 август 2009
Мислења
2.986
Поени од реакции
311
Не верувам во хороскоп читам од занимации ретко нешто да се погоде точно
 

Lucy in The Sky

A girl with kaleidoscope eyes
Член од
8 март 2009
Мислења
304
Поени од реакции
34
Не верувам во хороскоп читам од занимации ретко нешто да се погоде точно
Јас верувам многу во оној што е животен хороскоп и во карактеристиките на знаците. Понекогаш се обидувам да им погодам на луѓето што се во хороскоп и ми успева.
За оној што е дневен, месечен, неделен хороскоп не верувам многу, затоа што често во весниците и списанијата се става за да се пополни просторот, и не го пишуваат секогаш луѓе што стфарно се разбираат.
 

*MajA*

I love myself...sometimes I don`t
Член од
22 април 2008
Мислења
215
Поени од реакции
8
Бик со подзнак вага и риби :zlo:
 
Член од
13 септември 2007
Мислења
5.784
Поени од реакции
4.023
Знаците како родители


Секогаш расположената мајка и таткото полн со разбирање, живеат среќно и весело само во бајките. А, ние, обичните смртници, најчесто ни самите не знаеме какви сме навистина како родители. Затоа се тука ѕвездите кои ни откриваат што не прави посебни и поинакви во споредба со другите како родители.
Овен

Што и да мислите за себе, ако сте родени во знакот Овен, децата ќе ве доживуваат како тврдоглава личност која не ја почитува нивната индивидуалност. Зошто? Бидејќи, суетни по природа, вие секогаш ќе “кроите” големи планови за иднината на своите деца, убедени дека знаете што е најдобро за нив. Но, колку и да ги “отекувате” пријателите со приказните дека се што правите е за доброто на децата, ретки се примерите кога навистина за нив би жртвувале нешто што ви причинува задоволство. Дури и кога се работи за откажување од пушењето. Значи, децата би требало да ви се прилагодат вам, а не вие ним. Затоа, ќе ви треба многу стрпливост и толерантност ако вашите деца се родени во знакот на своеглавите Овен, Бик, Лав, Шкорпија и Јарец. Додека со цел да ги сфатите чувствителните Ракови и Риби, можеби ќе биде најдобро да се посоветуваат со психолог.
Бик

Ѕвездите тврдат дека најмногу трпение и нерви за своите деца имаат Биковите. Па, ако сте родени во овој знак тогаш не е чудно што сте во состојба по цела ноќ да ги успивате своите расплакани деца. Способни сте со часови да редите коцки со нив. Умеете со свои раце да направите вистински ремек-дела од нивните роденденски торти. Од мигот на нивното раѓање штедите за нивната иднина. И веројатно како повозрасни децата секогаш ќе ви замеруваат за вашата посесивност и желбата да го контролирате нивниот живот. Но, бидете убедени дека тие ја ценат вашата стабилност и знаат дека можат секогаш да сметаат на вашата помош. А, ако се тие родени во знакот Овен, Лав, Шкорпија и Водолија, тогаш ќе ви се допаѓа нивната упорност. Но, честопати ќе ги “вкрстувате роговите” со нив заради нивниот силен карактер.
Близнаци

Како по некое правило, вие потполно неподготвени го дочекувате раѓањето на детето. А потоа маки мачите со неговото подигање и воспитување. Но, снаодливи какви што Господ ве создал, вие ќе најдете излез од критичните ситуации. Ако ништо друго, секогаш при рака имате по неколку личности што ви се наоѓаат и во добро и во лошо. Сепак, барем се трудите подлабоко да навлезете во светот на вашите деца, во нивниот начин на размислување, умеете со часови да разговарате со нив, да станете дете во детските игри. Притоа, секогаш ќе ви недостасуваат авторитетот и строгоста. Тоа први ќе го забележат и искористат нескротливите Овни и Шкорпии. Децата Бикови, Девици и Јарци ќе бараат да станете сериозни. Раковите ќе ги обожаваат вашите приказни. А, Рибите ќе бараат повеќе грижа и љубов.
Рак

Меѓу родителите на кои децата им се се на светот, вие се наоѓате на врвот од табелата. Па, иако пријателите ќе им се чудат на вашите навики, вие грижливо ќе ги забележувате сите значајни податоци за своите најмили, датумот кога излегло првото запче, мигот кога прв пат кажале тато и мама, денот кога го направиле првиот чекор. Можеби непотребно бидејќи и онака, тие мигови ќе ги помните до крајот на животот. Носталгични по природа, вие ќе ја чувате и нивната облека, првите бенкици и чевличиња, останувајќи цел живот цврсто поврзани со своите деца. И токму тука се јавува проблемот. Честопати не сфаќајќи дека вашите деца имаат право на сопствен живот, вие нема да им помогнете да ја пресечат папочната врвка. Тоа најмногу ќе им пречи на децата Водолии, Близнаци и Ваги. На Девиците вашата емотивност ќе им делува патетично. Додека Рибите вечно ќе уживаат во вашата заштита и галење.
Лав

За вас велат дека просто “зрачите” со гордост додека ги изнесувате своите деца на прошетка. За вашите принцови и принцези ништо не е доволно добро. Ги фалите на цел глас пред секого и како ранета ѕверка се борите за нив. Но, тука не можете да си помогнете, бидејќи тоа го бара природата на знакот во кој сте родени. А, децата откако ќе пораснат сигурно ќе ви префрлат дека всушност никогаш не сте воделе сметка за нивните желби, туку преку нив сте ги остварувале своите неостварени амбиции. Па, ако се тие родени во знакот Овен, Бик, Лав, Шкорпија или Јарец, тогаш сигурно рано ќе го напуштат домот, превземајќи ја својата судбина во свои раце. Останатите, привикнувајќи се на идејата некој друг да ги решава нивните проблеми, никогаш нема да се оттргнат од вашата сигурна, но цврста прегратка.
Девица

Облеката на вашите деца ќе биде секогаш чиста и прикладна. А, вие ќе ја прочитате целата поучна педагошка литература уште пред тие да се родат. Ќе се трудите кај нив да ја развиете смислата за практично, уредноста, точноста и прецизноста. А, како и не би го сториле тоа, кога од вас зборуваат поривите на една педантна Девица. Но, не заборавајте дека животот со вас знае да биде и напорен. Бидејќи постојано сте загрижени за нешто и претерувате со стравот од секакви зарази и болести. Ако на тоа се надоврзе и потребата да ги критикувате своите деца, тогаш на Овенот и Бикот ќе им замерите за недисциплината. На Ракот за пречувствителноста. На Рибите за нередот. Близнаците, Стрелците и Водолиите ќе ве нервираат поради неодговорноста. Додека децата Шкорпии ќе ве доведат до работ на “нервниот слом” со својот инает.
Вага

Познати сте како исклучително толерантен, благ и “разумен” родител, кој настојува сите проблеми со децата да ги реши со разговор. Културата и образованието за вас се највисоки вредности во животот, затоа чести ќе бидат и семејните посети на театрите, музеите и кината. Додека, часовите по балет, музика и цртање, ќе бидат составен дел од секојдневието на вашите деца. А, бидејќи животот на една Вага секогаш се “врти” околу партнерот, односот со него ќе биде пресуден во воспитувањето на децата. Вие не сакате за ништо да одлучувате сами. Па, ако сте вљубени во партнерот, децата би можеле да се почувствуваат запоставени. А, кога бракот е лош, вашата фрустрација ќе се одрази и во односот со децата. На тоа децата Овни и Шкорпии ќе одговорат со агресивност и инает.
Шкорпија

Посесивни и принципиелни, вие секогаш ги држите своите деца “на око”, постојано со нешто ги ангажирате. Па вашите миленици уште од “мали нозе” знаат се и сешто. Но, навикнати на тоа, сите во семејството безусловно да ги почитуваат вашите правила, сметате дека е доволно да ги “ошинете со поглед” вашите деца, за тие да знаат што треба да направат. И нормално тука не помагаат нивните солзи. Затоа децата ќе можат да здивнат кога ќе си заминат од домашното огниште. Меѓутоа, ако се тие родени во знакот Рак, Девица и Риби, дури и тогаш ќе чувствуваат дека го следите секој нивен чекор. Додека децата Овни, Бикови, Лавови, Шкорпии, Јарци и Водолии ќе покажат дополнителен отпор. А, своето незадоволство ќе го изразат преку лошите оценки и преку агресивното однесување кон своите врсници.
Стрелец

И како родители вие го задржувате својот авантуристички дух. Но, имате целосна доверба во своите деца. Па, од најрана возраст ги носите со себе, бидејќи според вас тоа што се мали не е причина тие да останат дома. Се трудите со вистински играчки да ги развиете нивните интелектуални способности. На сите детски прашања одговарате крајно искрено и отворено. Меѓутоа, ако сте навистина искрени, ќе си признаете дека во ситуациите кога не можете да патувате со партнерот и децата, тоа сигурно ќе го направите сами. Вие никогаш заради децата нема да се откажете од забавата, излегувањата и друштвените обврски. Во такви ситуации, оставате вашите деца да ги чува некој друг. И можеби таквите пропусти ќе се трудите да ги покриете со различни подароци и со претераната попустливост. Но тоа нема да ја исполни празнината во детската душа. Поради тоа, Раковите, Девиците, Шкорпиите и Јарците нема никогаш да ви простат.
Јарец

Сериозни по природа, вие и својата родителска улога ја сфаќате многу сериозно и одговорно. Па, додека многумина ве обвинуваат дека сте премногу строги и авторитативни, вие само се трудите да ги подготвите своите деца за животот кој не е премногу благ и милостив. Вие не ја толерирате детската непослушност. На своите деца од најмали нозе им поставувате разни задачи и обврски со цел да им ја всадите желбата за работа и способноста за организација. Но од друга страна вие сте најдобриот раскажувач во Зодијакот. Па, вашите приказни се инспиративни, силни и сликовити, што е гаранција дека нивната поука ќе остане долго врежана во умот на вашите деца.
Водолија

За вас велат дека искинатите панталончиња по “освојувачкиот поход” на вашите деца и исшараните ѕидови во дневната соба, воопшто не ве возбудуваат. Тоа за вас е нормално, бидејќи се трудите да ја развиете креативноста кај своите деца, да ги охрабрите на самостојност и слободно искажување на иницијативата. А, бидејќи сте свесни дека воспитувате деца за иднината, вие со нив ќе разговарате како со возрасни и што е можно побрзо ќе ги “седнете” пред компјутерот. Значи, не инсистирајќи на дисциплина вие ќе им бидете “по мерка” на вашите деца. Но вашата хировитост и претераната променливост би можеле да се покажат како пречка во воспитувањето. Тоа нема да ви го простат Овните, Биковите, Шкорпиите, Раковите и Јарците.
Риби

За родените во знакот Риби, ѕвездите тврдат дека се секогаш распнати меѓу својот внатрешен свет, желбата да го задоволат партнерот и децата. Покрај тоа, вие речиси секогаш сте конфузни и не знаете што навистина сакате. Многу често го менувате расположението, ставовите и приоритетите во животот. Така создавате збрка и во главите на вашите деца. Уште повеќе што заради недостатокот на доследност и цврста рака, вие речиси редовно им попуштате на децата подривајќи го својот авторитет. Затоа децата Девици и Јарци уште од рана возраст ќе започнат да се грижат и за себе и за вас. Близнаците и Стрелците ќе ве нервираат со непресушните прашања. А, Овенот, Бикот, Шкорпијата и Лавот иако ќе ве тешат, ќе се обидат рано да избегаат од вашата близина.
 
Член од
13 септември 2007
Мислења
5.784
Поени од реакции
4.023
Знаците и храната


Овен

Поканата на ручек или на вечера,отсекогаш била најдобриот начин за зацврстување на деловните,пријателските и љубовните врски. Па,ако гостинот што го очекувате е роден во знакот на Овенот, тогаш опуштете се.
“Некакво месо, два вида зеленчук, без слатки”, тоа е она што тој би сакал да го види на трпезата. И не мачете се околу декорирањето на храната. Брз, нервозен и нестрплив, тој ќе го проголта сето она што ќе му го принесете на маса, уште пред вие воопшто да седнете. Сепак, имајте на ум дека Овенот има потреба од таканаречената “храна за мозок” каква што е рибата и дека неговите бубрези реагираат веднаш на претераното пиење.
Но, ако вашето срце го освои жената родена во знакот Овен, тогаш кажете и “збогум” на домашно зготвената храна, бидејќи готовите, полуготовите јадења и сендвичите ќе бидат на вашето “мени” секојдневно.
Бик

Ако дознаете дека гостинот што го поканивте на ручек е роден во знакот Бик, тогаш ќе сфатите што значи “да си ја земете бељата на врат”. Како поданици на Венера, Биковите уживаат во земните задоволства и се најголемите гурмани во Зодијакот. Па, се што не е пржено, зачинето, кремасто, се што не содржи месо и компир, за нив не е вистинско јадење. Меѓутоа, колку што им е значаен квалитетот, исто толку им значи и квантитетот на принесената храна. А потоа нормално, се жалат на вишокот килограми. Ако сакате да освоите некој Бик, искористете го сознанието дека Биковите ја застапуваат идејата “љубовта доаѓа од стомакот”. Така, прво подгответе му на Бикот различни макала и мезиња. Потоа, дотрчајте со сочен бифтек. Колачот со ореви и многу чоколада сигурно ќе го остави без здив. И сето тоа залејте го со добро вино. И уште нешто: не заборавајте дека Биковите уживаат да мезат и јадат со часови. Во спротивно, проблемите со дигестијата ќе ви го расипат расположението и вам и на вашиот Бик.
Близнаци

Шведската маса веројатно е изум на некој претставник на брзите, нервозни, немарни, но дружељубиви Близнаци. Имено,тие уживаат кога можат од се да пробаат по малку и постојано нешто да грицкаат. А, бидејќи брзо губат интерес за нештата околу себе, ќе ги смирите и подолго ќе ги задржите покрај масата, со храна што го содржи витаминот Б, кој поволно влијае на нервите.
Но, пред да и го подарите своето срце на жената Близнаци ќе мора да прифатите дека времето поминато во кујна за неа е бадијала потрошено време.
Рак

Тие уживаат во домашната атмосфера, во семејните прослави околу богатата трпеза, на цел глас ги фалат “сармичките и питите на мама”, пробуваат од храната додека ја готват. А, кога се незадоволни во љубовта најчесто стануваат робови на храната. Но, Раковите имаат и друг проблем. Нивниот организам ги задржува течностите, па затоа нивната кожа е мека и надуена како перниче. Значи, ако “патот до срцето” на еден Рак го барате преку храната, тогаш не помислувајте ниту на сон да го изненадите со специјалитети од кујната на неговата мајка. Неуспехот е загарантиран! Подобро е да му принесете пет помали оброци, отколку три главни. А, тие нека содржат храна богата со јод, риба, зелена салата, млечни производи. Но, за да биде вечно ваш, ручекот завршете го со сладолед, палачинки и кафе.
Лав

Ви соопштуваат дека личноста од која што ви зависи работата е родена во знакот Лав. Тогаш не двоумете се. Нејзината суета ќе попушти кога ќе ја однесете во некој отмен ресторан. Но, ако е тоа невозможно и ако ручекот го подготвувате дома, тогаш имајте предвид дека на Лавот не му е доволна само одличната храна, туку се мора да делува кралски, од атрактивно сервираната храна, златниот или сребрен прибор за јадење, кристалните чаши, скапото вино, па се до цвеќето на масата. А, кога на Лавот ќе му покажете посебна чест и ќе го сместите на челото на масата, тогаш сигурно ќе добиете се што од него ќе посакате. Лавот умее тоа да го цени, па освен што ќе ги пофали вашите кулинарски вештини пред останатите гости, бидете сигурни дека вашата работа ќе биде завршена веќе утре.
Девица

Педантни, ситничари и со чувствителен стомак, Девиците се еден од најпробирливите знаци по прашање на храната. Па, многумина од нив се вегетаријанци и се снабдуваат од продавниците за здрава храна. Додека броењето на калориите и витамините не им претставува никаков проблем. “Се мора да се изеде, тоа е здраво” е реченицата која најчесто излегува од устата на мајките Девици. И можеби тие не се креативни готвачки, и можеби се придржуваат до проверените рецепти, но сто пати ќе ги измијат тенџерињата, рацете и храната пред да започнат да ја подготвуваат. Партнерот Девица ќе го освоите со беспрекорно чистите чаршафи, чаши и прибор за јадење. А, тој ќе “падне пред вас на коленици” по пробаниот сос од исецкан босилек, лук, пармезан, овчо сирење и маслиново масло.
Вага

Оние што добро ги познаваат за нив велат дека “нивните очи се поголеми од стомакот”. А, како вистински хедонисти, Вагите се трудат да ги задоволат сите сетила. Па, сетилата за вид и допир ги задоволуваат со убаво поставената маса прекриена со ленен или свилен чаршав и со убаво обликуваниот прибор за јадење. И сето тоа во пастелни бои. Сетилата за мирис и вкус ги задоволуваат со вешто искомбинираната храна. А, сетилото за слух со тивката музика, ѕвецкањето на чашите, на приборот за јадење и со наздравувањето. Значи, Вагата гостин повеќе внимава на формата отколку на содржината. Па, ја одушевува се што е покриено со желатин. А сигурно ќе “изгуби глава” кога на крајот од јадењето ќе и понудите едно прекрасно, симетрично и воздушесто парче “тирамису”.
Шкорпија

Тие секогаш знаат точно што сакаат, а што не сакаат. А, храната ја сметаат како вовед во љубовната игра. Затоа умеат со истото уживање да јадат и во најобичната биртија и во најлуксузниот ресторан. Но, само оние што излегле на вечера со една Шкорпија, потоа со денови го прераскажуваат тоа прекрасно и возбудливо искуство. Шкорпијата не штеди на ништо, затоа со неа се јаде и се пие до изнемоштеност. А, ако вашата идеа е да и се вовлечете под кожа на некоја Шкорпија, тогаш започнете го ручекот со салата од морски плодови. Изберете соодветно и квалитетно вино и беспрекорно испланирајте ја целата програма до крај. Бидејќи Шкорпијата по природа е гурман, но има и одлично око за детали.
Стрелец

Како луѓе со спортски дух, кои под влијанието на Јупитер имаат потреба од слобода, престој на отворено и патувања, Стрелците секогаш се во потрага по нови вкусови. Значи, нив би можеле да ги маѓепсате со мексиканска храна, со јапонски специјалитети од риба, со тартуфо приготвено на различен начин. Но, ако имате проблеми со “длабочината на џебот” тогаш препуштете и се на фантазијата и на веќе познатите јадења ставете им необични имиња како на пример, аргентинско рижото или бразилска салата. А, откако заведувањето ќе успее, никако, ни по цена на мачење, не признавајте му ја на својот Стрелец измамата.
Јарец

Поради вродената скржавост и преоптовареност со работата, Јарците гости не се тежок предизвик. И пред просечната вечера паѓаат како покосени. Од глад, се разбира. Но, не заборавајте дека токму тие кои ја сакаат традиционалната, класична и едноставна храна, се најголемите месари во Зодијакот. Дали заради слабата циркулација или заради фактот што “машината” која работи цел ден треба да биде исполнета со тешко согорливо и високо калорично гориво. И уште нешто. Јарците “душа даваат” за принцес-крофните.
Водолија

Во нивните редови може да се најде се, од луѓе кои уживаат во храната, луѓе кои јадат само да преживеат, многу вегетаријанци, до теоретичари на исхраната. Но, едно е сигурно, Водолиите ја сакаат егзотичната храна, необичните јадења, продуктите од сите краишта на светот, експериментирањето во готвењето. Сепак, ако се во финансиска можност, тие најчесто ангажираат професионални готвачи да се грижат за нивните оброци. А, во недостиг на пари, секогаш можат да се потпрат врз помошта на мајката и свекрвата. И на крајот, не заборавајте ја дружељубивата жичка во карактерот на една Водолија. Затоа таа ќе биде ваша кога покрај неа, вие со радост ќе ја нахраните и ордата нејзини пријатели и познајници.
Риби

Веројатно, народното јадење “риба и компир” го смислил некој претставник на овој знак. Но, сигурно е дека повторно некој претставник на Рибите ги внел во исхраната и ракчињата и школките. А, бидејќи филозофијата на Рибите гласи “јади, пиј и биди среќен” вљубената Риба мисли само на јадењето, пиењето, музиката, танцувањето и на објектот на своите желби. Значи кога на вечера поканувате претставник на знакот Риби, изгасете ги сите светла, запалете свеќи, индиски стапчиња или темјан. Па кога во него ќе проработи потребата за романтика, доволно ќе биде чаша црвено вино и салата од морски плодови за тој да почне да ви “симнува ѕвезди”...
 
Член од
13 септември 2007
Мислења
5.784
Поени од реакции
4.023
Знаците и изборот на професијата


Овен

Заради својата импулсивна и непостојана природа, вие најчесто спонтано одлучувате со што ќе се занимавате во животот и дали воопшто ќе го продолжите школувањето. Но, едно е сигурно, натпреварувачкиот дух и желбата да бидете третирани како авторитети, речиси секогаш ве тера да изберете некоја динамична и ризична работа во која постојано ќе ја докажувате својата храброст и способност. А, бидејќи не трпите наредби, сигурно ќе се обидете да го завземете лидерското место во професиите што бараат сила и издржливост како што се спортот, војската, правото, политиката, техниката, хирургијата и психијатријата. Сепак, каменот на кој што се сопнувате на патот кон успехот се вашата непостојаност, брзата промена на целите во животот и авантуризмот.
Бик

Бавни по природа, вие уживате во храната и земните задоволства. Додека поседувањето материјални богатства е ваша душевна храна. Затоа, најмили ви се професиите кои со себе не носат многу стресни ситуации, а овозможуваат трајно и сигурно полнење на џебовите. Па, ако не се одлучите за професија поврзана со економијата, комерцијалата, маркетингот и градежништвото, тогаш сигурно среќата ќе ја побарате во големите оперски и музичко-издавачки куќи. Можно е да заблескате како главен мајстор во некој од познатите ресторани. Додека љубовта кон природата и животните честопати од вас прави добар градинар, цвеќар и ветеринар. И можеби вие можете да се пофалите со својата стрпливост и совесност во работењето, но дефинитивно го губите “тлото под нозете” ако некој се обиде да го модернизира вашиот вообичаен начин на работење.
Близнаци

Љубопитни по природа, сакате се да видите, пробате и знаете. Затоа, честопати или не можете да одлучите што би сакале да работите или паралелно работите две или повеќе различни нешта. Сепак, ваши најсилни страни се речитоста, спретноста, духовитоста, моќта за убедување, брзото согледување на ситуацијата, умешноста во комуникацијата со луѓето. Оттаму не чуди фактот што голем процент од новинарите, професорите, адвокатите, писателите, трговците, математичарите, козерите, поштарите, келнерите, дактилографите и шивачите, се родени во вашиот знак. И конечно, ваши најголеми непријатели во градењето на кариерата се површноста, избегнувањето да ги вратите долговите и настојувањето да се провлечете со помалку работа.
Рак

Се што е поврзано со минатото, традицијата, љубовта и семејството е она што вие ќе го работите полека, уредно, со многу љубов и внимание. Па, иако многумина ви замеруваат дека сте претерано опширни во зборувањето, дека сте паничар и дека ги комплицирате работите, тоа не ви пречи да им се посветите на поезијата, историјата, археологијата, етнологијата, старите јазици. Всушност на сето она што влече кон минатото. Но, вие би можеле да бидете исто толку добри и како морепловец, рибар, матичар, па дури и фалсификатор на уметнички дела. А, ако се одлучите да студирате медицина, тогаш сигурно ќе специјализирате гинекологија или педијатрија. И уште нешто. Чувствителни по природа, вие не трпите критика. Па, во таквите моменти ви е полесно да дадете отказ отколку повторно да го погледнете во очи оној што ве искритикувал.
Лав

Вие цврсто, со двете нозе стоите на земја и умеете точно да ја оцените вистинската вредност на нештата. Но дефинитивно, она што најчесто ве донесува до највисоките позиции и до угледот, не е вашето знаење и стручна поткованост, туку подготвеноста “без срам и перде” постојано да се удирате в гради “со тоа кои сте, што сте и кого познавате”. А, кога на тоа ќе се надоврзе и вашата желба да се “покажувате” во јавноста, тогаш е нормално да работите во театрите, на филмот или во професиите поврзани со музиката и вајарството. Но, исто така вие одлично се снаоѓате и во улогата на професор, политичар и нормално на сите раководни места. Додека лекарската професија би ја избирале само поради тоа што најчесто носи висок општествен статус.
Девица

Практични по природа и вредни како мравка, вие сте крајно рационални при изборот на професијата. Па, дури и кога имате некои натпросечни способности или уметнички таленти, вие нема да се насочите во тој правец ако не сте убедени дека тоа материјално ќе ви се исплати. Така, избирате професија што бара прецизност, вредно работење, методичност, без преголемо истакнување пред јавноста, уверени дека за вас би требало да зборуваат вашите дела. Одлично се снаоѓате и во секретарската работа, како сметководител, курир, трговец, новинар, професор, критичар, архивар, како и во професиите поврзани со здравјето и хигиената. И што е најважно, вие сте лојални во работата дури и кога шефовите се неправедни кон вас.
Вага

Со вродено чувство за естетика, достапни за секого но културно дистанцирани, вие се трудите да ја одржите хармонијата во светот околу себе. Па, убедени дека неправдата, кавгите и простотиите ги “вадат од рамнотежа тасовите од вагата на хармонијата”, најчесто избирате професија поврзана со правото, законодавството, дипломатијата, уметноста и културата. А, заради убавиот изглед и грациозните движења, би биле успешни во професиите поврзани со модата, танцот, како ТВ-водител. Но, треба да се знае уште нешто. Заради претераната колебливост, не умеете да пресечете во одлучувачките моменти и лесно трошите пари на она што ќе го привлече вашето естетски изострено око.
Шкорпија

Упорни и бестрашни, кога е во прашање извршувањето на работата со која сте се зафатиле, вие не знаете за компромис. Вашето внимание од секогаш го привлекувало сето она што е таинствено, скриено и неразјаснето. А, можете и да се пофалите дека како ретко кој “не губите глава” во опасните ситуации. Затоа, би можеле да имате одлични резултати во истражувачката работа, хемијата, како и во професиите што со себе носат ризик и опасност. Такви се војската, полицијата, криминалистиката, шпионажата, психијатријата и хирургијата. Ако пак повеќе од се друго го сакате “шушкањето на парите”, сигурно ќе се одлучите за работа во банкарството и трговијата. Но, ако се сметате за продуховени, тогаш сигурно својата професионална среќа ќе ја испробате како мисионер или глумејќи во трагедии. Меѓутоа, вашиот критизерски и провокативен дух најмногу ќе дојде до израз во новинарството и политиката. Сепак, колку и да изгледате сурово, вие коректно ги завршувате професионалните задачи и први отворено ќе му кажете на шефот кога не е во право.
Стрелец

Спортот и престојот во природа за вас се насушна потреба. А, оптимизмот е вашето второ име. Додека потребата од учење и усовршување не ве напушта до крајот на животот. Па, дури ако како ученици не сте блескале во пониските класови, вие сигурно ќе го свртите вниманието кон себе на студиите. Вашиот пак авантуристички дух и желбата за патување ве насочуваат да изберете професија како што е географијата, правото, туризмот, авијацијата. Можно е да се определите и за учење на странските јазици, за трговија со странство. Па со текот на времето, би можеле да запливате и во водите на дипломатијата. Но, ако се сметате за продуховени, тогаш среќата сигурно ќе ја побарате во филозофијата, во проучувањето на религијата или работејќи во хуманитарните организации.
Јарец

По природа сте упорни. А, сите ваши акции се водени од мотивот да ги достигнете највисоките позиции во општеството. Затоа се вооружувате со огромни количини на истрајност и издржливост. Дури сте подготвени и цел живот да учите и да се усовршувате, со цел да бидете подобри од конкуренцијата. Затоа, не е чудно што најголемиот број луѓе кои во една фирма напредуваат од најниските да највисоките позиции, се родени токму во вашиот знак, во знакот Јарец. Покажувате повеќе почит кон недвижниот имот отколку кон “сувите пари” и сакате да учите на туѓите грешки. Сето тоа придонесува за своја професија да ја изберете архитектурата, градежништвото, агрономијата, рударството, историјата на уметноста или трговијата со недвижности. Но, можно е да се пронајдете себеси и во економијата и во психологијата. А, ако сте премногу амбициозни, тогаш сигурно ќе завршите во политиката или дипломатијата.
Водолија

Како деца на ерата што допрва доаѓа, вие со нозете сте на земјата а очите ви се свртени кон небото, ослушнувајќи што е тоа што иднината го носи. Ако на тоа се надоврзе и хуманата жичка на вашиот карактер поради која како и Прометеј сте подготвени да погинете за доброто на луѓето, ете ја причината зошто се обидувате од иднината да им го донесете на луѓето, она што ќе им помогне во сегашноста. Затоа, не е чудно ако работите како пронаоѓач, електричар, авијатичар, техничар во радиото и телевизијата. Најголемиот број атомски физичари, космонаути и оние што работат со компјутерите, се родени токму во вашиот знак. Но, Водолиите неретко се вработуваат и како социјални работници. А, некои од Водолиите остануваат запаметени како големи уметници и пророци.
Риби

На половина пат меѓу сонот и јавето, вас не ве интересира дали живеете во минатото или сегашноста се додека никој не ви го нарушува вашиот вешто искреиран свет. А, во него не се знае каде завршуваат соништата и од каде започнува реалноста. Затоа, бегате од бројките и фактите, во професии каде што е дозволено да се сонува какви што се сликарството, музиката, балетот, поезијата, уметничката фотографија, графиката. Но, можно е да посакате грижата за другите да ја искажете преку изборот на професија поврзана со медицината, социјалната заштита и психологијата. Исто така не е чудно ако за ваша професија го изберете “опиумот за народот” - религијата или ако одлучите да пеете во црковен хор.
 
Член од
13 јуни 2009
Мислења
57
Поени од реакции
0
ајде нешто ако може за јарец знак и подзнак лав?
 
Член од
15 август 2009
Мислења
4
Поени од реакции
0
јас сум овен , тој е стрелец ... ај некој нека ми каже за оваа комбинација . Pleaseee
 
Член од
23 јули 2009
Мислења
217
Поени од реакции
8
lucy in the sky ај кажи ми како си одговараат шкорпија и водилија.
 

Lucy in The Sky

A girl with kaleidoscope eyes
Член од
8 март 2009
Мислења
304
Поени од реакции
34
јас сум овен , тој е стрелец ... ај некој нека ми каже за оваа комбинација . Pleaseee
Убава комбинација, два огнени знака. Полни со енергија, оптимизам и одушевување. Нивната вска е цврста, се разбираат и меѓусебно се надополнуваат. Нив ги поврзуваат многу работи кои често само они ги разбираат. Оваа е една од најидеалните врски и партнерите се на седмо небо.

lucy in the sky ај кажи ми како си одговараат шкорпија и водилија.

Водолијата и Шкорпијата се привлекуваат меѓусебе. Нивната врска е мистериозна, никогаш досадна и секогаш имаат неостварени и недовршени нешта. Спротивно им е тоа што водолијата е склона кон пријателства, секогаш повеќе мисли на другите луѓе, отколку за себе, додека пак Шкорпијата е окупирана со себеси и себична. Шкорпијата има желба да владее и да доминира во врската, што неможе да го добие со независната и самостојна водолија.
 

Божана

Morning sun
Член од
17 август 2009
Мислења
226
Поени од реакции
111
ај некој да ми каже како си одговарат лав и близнаци.Фала однапред :back:
 

Chapstick

Сам свој психолог
Член од
7 август 2009
Мислења
2.986
Поени од реакции
311
Јас верувам многу во оној што е животен хороскоп и во карактеристиките на знаците. Понекогаш се обидувам да им погодам на луѓето што се во хороскоп и ми успева.
За оној што е дневен, месечен, неделен хороскоп не верувам многу, затоа што често во весниците и списанијата се става за да се пополни просторот, и не го пишуваат секогаш луѓе што стфарно се разбираат.
Jaс сум скорпија у хороскоп......шо ке кажеш за мене?

Убава комбинација, два огнени знака. Полни со енергија, оптимизам и одушевување. Нивната вска е цврста, се разбираат и меѓусебно се надополнуваат. Нив ги поврзуваат многу работи кои често само они ги разбираат. Оваа е една од најидеалните врски и партнерите се на седмо небо.




Водолијата и Шкорпијата се привлекуваат меѓусебе. Нивната врска е мистериозна, никогаш досадна и секогаш имаат неостварени и недовршени нешта. Спротивно им е тоа што водолијата е склона кон пријателства, секогаш повеќе мисли на другите луѓе, отколку за себе, додека пак Шкорпијата е окупирана со себеси и себична. Шкорпијата има желба да владее и да доминира во врската, што неможе да го добие со независната и самостојна водолија.
Јас су шкорпија па не се понашам така....мислам самна другите а никогаш на себе
 

Kajgana Shop

На врв Bottom