ИТАЛИЈАНСКИ Л`ЕСПРЕСО
Сѐ повеќе џихадисти од Косово во Исламската држава
Според пишувањето на италијанските медиуми стотици борци од Косово и Метохија учествуваат во терористичките акции на милитантната исламистичка организација Исламска држава, пренесува
Б92.
Италијанскиот весник Л`Еспресо истакнува дека од Косово досега загинале 16 лица кои им се придружиле на трупите на екстремните исламисти, дека еден од нив настрадал во самоубиствена акција, додека десетици биле уапсени во Ирак и Сирија.
Весникот ги наведува примерите на двајца жители на Косовска Витина, 24-годишниот Ментор Зејналаху и осум години помлад Албанец кои биле уапсени на аеродромот во Тирана при обид да се префрлат во Истанбул.
„Новата граница е исламскиот радикализам, а новиот непријател се неверниците. Во регионот во кој исламот научи да живее со останатите религии и каде секогаш ја покажувал својата толерантна страна, фундаментализмот покажува дека длабоко се вкоренил во етничкиот мозаик што го направи Тито“, пишува Л`Еспресо.
Италијанскиот весник наведува дека терористичките ќелии се финансираат од страна на невладини организации од Саудиска Арабија, Англија и Турција, а дека главно ги сочинуваат поранешни борци на Ослободителната војска на Косово.
Доказ дека во ИС има повеќе од од 43 албански државјани, колку што тврди Тирана, е и тоа дека извесен Блерим Хета, роден и пораснат во Германија, во самоубиствен напад во Багдад убил 52 полицајци, и дека прогласот за калифатот на ИС бил преведен и на албански јазик.
Како начин на регрутирање, главно на тинејџерите, се истакнува Интернет, а доказите за извршените злосторства џихадистите ги постираат на социјалните мрежи, како што беше случајот со Лавдрим Мухаџери, наводниот командант на Балканската бригада на ИС.
Л`Еспресо како најголем проблем го истакнува тоа што по враќањето на Косово џихадистите не можат да одговараат за злосторствата бидејќи не постои соодветна законска процедура. Исто така, како куриозитет, се истакнува дека и Мухаџери и Хета работеле во Бондстил, американската воена база на Косово.
Базата се наоѓа во близина на Урошевац, кој се наведува како главна регрутна точка за џихадисти, а весникот истакнува дека српската тајна служба во 2003 утврдила дека во хотелот „Лион“ се наоѓа седиштето на исламската невладина организација Релиф, која регрутирала деца без родители за изведување самоубиствени акции.