Не треба посебно да се нагласува дека во дипломатијата, како впрочем и во политиката, најлесно се доаѓа до суштината преку анализа на изјавите на врвните личности. Во продолжение е кус избор на изјави и пораки на најистакнати американски дипломати кои биле директно ангажирани околу нашата земја.
1. Неколку изјави на поранешниот американски амбасадор во Македонија,
Филип Рикер:
„Земјата треба да најде име за да почне да се движи кон натамошна целосна интеграција. Идентитетот е ваш, на секој поединец и на секоја група. Тоа е нешто за што не може да се преговара“!
„Ќе мора да се најде нешто што ќе го зацврсти ЕВРОПСКИОТ ИДЕНТИТЕТ на Македонија, за да се најде решение за името и земјата да стане вистински член на евроатлантската заедница“.
„За нас, Американците, да се биде двојазичен или повеќејазичен е предност, нешто од што луѓето од оваа земја можат да имаат корист. Треба да се има предвид таа корист и на различноста која овде ја имате и можете во многу да се обезбедите доколку ги прифатите другите јазици и култури што егзистираат во Македонија“! (Цитатите се од интервју во „Дневник“ од 8 јуни 2009)
Попрецизно не може да биде – најдете си име и, потоа, сакате НАТО, сакате ЕУ... Да не ви звучи ова како уцена?! Идентитетот е ваш ама ајде да градиме ЕВРОПСКИ! Баталете го веќе еднаш тој Балкан. Колку убава порака – Македонци, учете албански за да имате корист! Албанците не мора да учат македонски! Има уште.
„Верувам дека е можно даима решение релативно брзо... фокусирајте се на она што треба да се направи, А ТОА Е НАОЃАЊЕ НА ИМЕ ЗА МЕЃУНАРОДНА УПОТРЕБА, со кое двете страни би се сложиле“! („Нова Македонија“, 18 јануари 2010).
Име за меѓународна употреба е најголемата ујдурма и измама која ни ја туркаат на мала врата токму – САД! И, нормално, и тоа име треба да го аминува – Грција! За себе ќе бидеме Македонци, а за сите други – нешто друго. Од тој момент, единствени „Македонци“ за светот ќе бидат измислените од Грција!
„Македонија ги исполни критериумите и на земјата ќе ѝ биде дадена покана за членство (во НАТО) штом го реши прашањето за името со Грција. Разочарани сме што сè уште тоа не е постигнато. Како и да е, ОДГОВОРНОСТА е на лидерите и на народот на Македонија да се најде конечно решение“!
Кој ни го поставува името како услов за НАТО? Грција? Рикер не вели така. А, зошто е само наша ОДГОВОРНОСТА за проблемот?! Што сме згрешиле? Има ли Грција некоја улога во сето тоа? Или, одговорен е тој што треба да – капитулира?!
„Не би сакал да ја прејудицирам одлуката на Хашкиот суд. Но, основната ситуација е иста: НАТО мошне јасно наведе и во многубројни пригоди повтори дека Македонија ќе добие покана да се приклучи по решавањето на прашањето за името“! („Дневник“, 3 декември 2011)
Зошто некои „експерти“ постојано нè уверувааат дека Грција не блокира во НАТО?
„Мислењето на Меѓународниот суд на правдата се однесува на спорот меѓу Грција и Македонија... Тоа е и ставот на НАТО, што значи дека кога ќе се реши спорот со името... Македонија ќе напредува кон НАТО“! (“Нова Македонија“, 10 јануари 2012)
Зарем судовите во САД не пресудуваат, туку даваат мислења?! И, кој ни порачува прво името потоа членство? Грција или САД и НАТО? А овие две се едно – исто!
2. Сегашниот амбасадор,
Волерс, изјави:
„Ова е прашање што го надминува името, се работи за идентитетот“! (“Нова Македонија“, 20 јули 2011)
Искрено и точно!
„Не може таму некоја институција (Хаг, де) да му кажува на НАТО кого ќе прими, а кого не во членство“! („Нова Македонија“, 19 март 2014)
Кој нè попречува, ве молам? Грција? Не ќе да е баш така!
„Вие како жители на Македонија треба да решите како ќе се дефинирате себе и врз основа на кои вредности. Не можете да се дефинирате според својата националност, која е различна, ниту според верата, која исто така се разликува, или според културата, која е слична, но не е иста“! („Дневник“, 27 ноември 2013)
Човекот е од збор: уште пред да дојде ни порача дека идентитетот е во прашање. Сега само нуди решение!
3.
Филип Гордон, помошник-државен секретар:
„Во случајот со Македонија, НАТО-членките јасно ставиле до знаење дека поканата ќе се ефектуира откако прашањето за името ќе биде решено“! (“Нова Македонија“, 11 јули 2012)
Ај, сега, каде е тука Грција? НАТО и САД се синоними!
„А Македонија ќе се придружи откако ќе биде решен спорот со името“! (Гордон, зборувајќи во Сенатот за перспективите на балканските земји за членство во НАТО.)
Ова е директна потврда дека е тоа американска политика! Инаку, би објаснил дека некој друг прави пречки!
4.
Даниел Фрид, помошник-државен секретар:
„Зграпчете го последниот предлог на Нимиц и направете ја светла иднината на вашите деца. По македонското прифаќање, ЕУ ќе ја притисне Грција и таа да одговори позитивно“! (Дневник“, 28 октомври 2008)
Кој ако не менаџерот може да ги отвори картите? Едноставно – Нимиц ни го дава нивниот предлог и ако ние капитулираме, Грција ќе нема избор. Како знаат дека ЕУ ќе ја притисне Грција? А зошто цело време не тераат да се договориме со Атина?!
5.
Томас Кантримен, помошник-државен секретар:
„Вашингтон сè уште е заинтересиран за членство на Македонија во НАТО. Со чекањето губи Македонија, а не Грција. За Атина нема долгорочна штета од нерешавањето на спорот“! („Дневник“, 27 октомври 2010)
Видовте што значи „стратегиски партнер“? Каква отворена подршка!!! За Грција, де!
6.
Џејмс Стајнберг, заменик-државен секретар:
„Разбираме дека на премиерот Груевски му претстои тешка одлука – секогаш е тешко во ситуации како оваа. Но, мислам дека е важно македонското раководство да се фокусира на наградата, а тоа е солидна иднина во рамките на НАТО и ЕУ, што е примамливо“! (“Нова Македонија“, 10 јуни 2010)
Стратегиски повик, од „докажан“ партнер, за – капитулација!
И, за крај, ама не како најмалку важно! Напротив!
7.
Хилари Клинтон, државна секретарка:
„Владата во Скопје треба да знае дека нема да може да напредува во евроинтеграциите сè додека не го реши ова прашање за името, а, од друга страна, очигледно е дека Грција мора да биде подготвена да прифати решение“!? (“Дневник“, 20 јули 2011)
Сè на тацна: според политиката на САД - Хилари не зборува во име на туѓи политики – за нас нема НАТО и ЕУ додека не се прекрстиме. Иако немаат мандат да зборуваат и за Унијата, неспорно е дека и таму доминира американското влијание. Ова е директен доказ дека решението – Нимиц - кое би ни било наметнато, а кое Атина ќе мора да го прифати, ќе дојде од Стејт департментот и ќе биде претходно усогласено со Грција! Поинаку не е можно. Вашингтон не би рескирал. Тоа е играта.
Иако додатен коментар не е потребен, да потсетиме дека, по распадот на Југославија, САД доминираат и на Балканот и имаат клучна улога и во проблемите со кои се соочува Македонија: името, членство во НАТО и ЕУ, скротување или разгорување на аспирациите на соседите, лојалноста на малцинствата кон земјата... Горните изјави апсолутно потврдуваат дека најголемиот дел од овие проблеми, повеќе или помалку, директно се менџираат од Вашингтон. Токму затоа, крајно време е односите со САД да ги квалификуваме според вистинснките елементи, без да ги пикаме главите во песок зборувајќи за некакво „стратегиско партнерство“ и правејќи се дека не разбираме што и од кого ни се случува. Не е лесно да се истопориш пред американските намери, планови и ангажмани на Балканот и да им кажеш – доста е, не може повеќе вака! Крајно е тешко да се покаже таква политичка храброст бидејќи Вашингтон воопшто не толерира таква непослушност. Меѓутоа, дојде време кога друг избор немаме. Додека не е предоцна.
Никој нека не се залажува дека со молчење ќе постигнеме нешто. Изминатиот четврт век тоа недвосмислено го потврдува. По Букурешт (2008), нашата позиција слабее. Полека ама сигурно (про)паѓаме. Ако сами не се удриме по глава и оцениме дека вака повеќе не може, никој нема да не потсети. Симулирањето на незрелост води само во – неповрат. Нелогичното инсистирање на консензуален претседател и непризнавањето на избраниот потоа, се само најнова потврда дека ножот е до коска.
http://www.mkd.mk/kolumni/amerikanskiot-tretman-na-makedonija-vo-izjavi-na-nivni-vrvni-pretstavnici