Да го споделам и јас моето досегашно искуство.
Дојдов пред една недела во југоисточен Лондон и сум кај роднини. Уште вториот ден почнав да одам по банки. Прво бев во Santander каде што госпоѓата на шалтерот ме измаршира со зборовите "we only give accounts to UK citizens" и ме погледна како да сум најдолниот криминалец на светот.
Веднаш после тоа отидов во Barclays и во Lloyds. Во Barclays рекоа дека им требаат сметки на мое име како доказ за адреса, додека во Lloyds рекоа дека е во ред само со пасош и со сметки на името на роднините. Ми закажаа интервју за два дена.
Истиот ден се јавив во Jobcentre да закажам интервју за National Insurance Number (NINo). Ми закажаа интервју за околу две недели по јавувањето.
Четвртиот ден отидов во Lloyds на интервјуто и се одеше во ред се додека службеникот не ми го виде бугарскиот пасош. Ми покажа една веб страна каде што се гледаа земјите за кои отворање сметка на тој начин е дозволено, меѓу кои беа Полска, Италија и други...но не и Бугарија. Ми кажа дека ми треба доказ за адреса (сметка на мое име или слично).
Истиот ден отидов во уште 5 банки (HSBC, Natwest, Metro, Halifax и RBS). Секаде ми го кажаа истото - освен бугарски пасош треба и некој документ за потврда на адреса, и тоа не може било што, секоја банка си има листа со дозволени документи.
Единствено во HSBC ми кажаа дека е доволен бугарски пасош, introductory letter од роднините и сметки на нивно име како доказ за адреса. Ми закажаа интервју за наредниот ден.
На петтиот ден отидов на закажаното интервју. Не бев многу голем оптимист по досегашното искуство, но се појде како што треба. Ги разгледаа документите и почнаа со отворањето на сметката, и ми кажаа дека сметката ми е одобрена, но дека треба да донесам уште годишен преглед за Council Tax на името на роднините (не ги интересираа сметките за вода и струја, исклучиво тоа) и име и адреса на мојот работодавец.
Работодавец сеуште немав, но најдов еден човек кој дозволи да го дадам неговото име (пријател на роднините), a и роднините го најдоа документот за council tax.
Шестиот ден отидов пак без интервју, и го оставив бројот на службеничката и кога успеа да најде слободно време ми се јави. И го дадов прегледот за council tax и името и адресата на работодавецот (претходниот ден и дадов и introductory letter од страна на роднините и бугарскиот пасош). И тоа е тоа, веќе имам сметка во HSBC.
Сега да видиме како ќе помине интервјуто за NINo.