На охридскиот аеродром пристигна првата организирана група туристи од Холандија
Вести | Охрид | 02.05.2014 12:52 Посети : 799
На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ претпладнево пристигнаа првите 189 холандски гости за оваа сезона, со чартер лет на Корендон и тур- операторот Фибула Ер Травел.
-
Осми пат доаѓам во Македонија. Прв пат бев тука пред 7 години и навистина се вљубив во вашата земја. Среќна сум што сум повторно тука, ми надојдоа солзи во очите кога авионот слетуваше на аеродромот во Охрид, се осеќав како да си доаѓам дома , изјави една од гостинките од Холандија кои денес пристигнаа во Охрид.
Оние гости кои за прв пат се во Охрид велат дека за нашата земја се информирале од туристичките книги во кои виделе дека Македонија располага со прекрасна природа и богата култура, што ги привлекло да дојдат во Охрид.
Гостите од Холандија и официјално ја отворија годинешната туристичка сезона, за кога се очекува за 20% поголем број гости од земјите на Бенелукс, споредено со минатата година.
-
Минатата сезона во охридско- струшкиот регион престојуваа околу 23.000 гости од земјите на Бенелукс. Оваа година очекувањата се дека бројката ќе се зголеми од 20 до 30%. Се работи на адапатација и реновирање на постоечките хотелски капацитети, како и на збогатување на туристичката понуда за гостите. Новина е што Фибула Ер Травел оваа година, од средината на месец јуни до крај на септември воспоставува и чартер лет од Анталија до Охрид, изјави Асим Меџедовиќ, извршен директор на Фибула Ер Травел .
Од Агенцијата за промоција на туризмот потенцираат дека зголемувањето на бројот на странски гости е доказ дека напорите кои ги вложува владата за привлекување на странски туристи резултирале со плод.
-
Секоја година сме се подобри, и гостите се чуствуваат подобро, а и ние учиме од гостите. Еве охридско- струшкиот регион е се подобар во однос на самиот дочек и организација и содржините кои им се нудат на гостите. Сметам дека ги задоволуваме вкусовите и на најпребирливите гости, додава Насер Хот, советник во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
OhridNews
Со чартер од Амстердам започнува туристичката сезона, наскоро директен лет до Охрид и од Турција, ХОТАМ смета дека треба повеќе
© 2014 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Се повеќе странци купуваат имоти во Охрид
Вести | Охрид | 02.05.2014 15:15 Посети : 1003
Охридската ривиера во последните неколку години стана привлечно место за странските државјани, кои сакаат да купат имот за викенд потреби или за одмор. Според упатените во пазарот со недвижности, најголемиот дел од странците кои имаат имоти во Охрид, потекнуваат од Германија, Холандија и Австралија. Освен што купуваат станови и куќи странците се заинтересирани и за инвестиции и изградба на станбени објекти.
Таков е примерот со Холандската градежна компанија „BNC“ (Building New Concepts) од Амстердам која веќе има изградено станбен комплекс на крајбрежјето во село Пештани и становите ги нуди на странскиот пазар.
-Се работи за чисто холандска градежна оператива со регистрирана фирма за градба во Македонија, која градежната парцела ја купи пред околу 3 години. Ние како агенција имавме долги и повеќекратни преговори со инвеститорот, кој бараше исклучително сериозен пристап и сигурност во правната регулатива. Дојдовме до договор за деловно-техничка соработка, така што нашата агенција е единствена агенција на овие простори, која што има овластување за ексклузивна продажба на становите од комплексот во Пештани, вели Никола Иванчиќ, од Агенцијата за недвижности „Наш Ваш Дом“ од Охрид.
Холаѓани купиле 22 стана
Тој информираше дека до сега во овој станбен комплекс, биле продадени вкупно 22 стана на холандски државјани.
-Сопствениците на становите се претежно пензионери, кои имаат намера становите да ги користат за свои потреби во поголемиот дел од годината. Становите се со површина од 67 до 140 метри квадратни, а се продаваат по цена од 1.450 евра матар квадратен. Ова е апсолутно прифатлива цена, со оглед на тоа дека зградата е изградена по најсовремени европски стандарди и се наоѓаат на многу атрактивна локација на крајбрежјето, со отворен поглед кон Охридското Езеро, појаснува Иванчиќ.
На Охрид му треба нова планска регулатива на земјиштето
Освен оваа зграда, холандскиот инвеститор „BNC“ гради уште еден стамбен објект, во близина на истата локација.
-Истата компанија е заинтересирана и за други локации за градба во Охрид, но потребно е да се задоволат некои услови во делот на планската регулатива на земјиштето. Потребно е да се донесе Детален Урбанистички План, особено за делот на крајбрежјето со комплетна инфраструктура, но и насоки за тоа во кои делови е лоцирано државното или општинското земјиште. Само на овој начин ние ќе имаме сознанија што точно може да понудиме, потенцираше Иванчиќ.
Тој апелираше до надлежните во Локалната самоуправа во Охрид, во најскоро време да воспостават соработка со агенциите за продажба на недвижности, бидејќи тоа е клучен чекор за поголем број странски инвестиции во Охрид.
Е.М
1
© 2014 Ohridnews.com. Сите права се задржани.