АНАЛИЗА НА ПОРАНЕШНИОТ УКРАИНСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ
Кравчук: Путин нема да запре со Украина, ова е најава за Трета светска војна!
Некои украински аналитичари од областа на безбедноста изразија загриженост дека Русија би можела да преземе контрола над делови од Украина или соседна Молдавија
Првиот претседател на независна Украина, Леонид Кравчук предупреди дека преминувањето на руските војници отаде украинската граница би значело почеток на Трета светска војна. Кравчук се надева дека меѓународниот притисок ќе ја спречи понатамошната агресија врз Украина по припојувањето на Крим од Русија. Од друга страна, поранешниот украински претседател смета дека апетитите на Путин одат подалеку од Украина. "Тука нема да биде точката каде што тој ќе запре и ова би можело да биде почеток на Трета светска војна", порача Кравчук во разговор за ВОА.
Некои украински аналитичари од областа на безбедноста изразија загриженост дека Русија би можела да преземе контрола над делови од Украина или соседна Молдавија, каде живее големо руско малцинство. Русија пак тврди дека не планира понатамошна воена акција во Украина туку само покрај границата спроведува воени вежби.
Од друга страна, многумина денес се прашуваат дали Украина ќе се најдеше во оваа позиција да стравува од Русија доколку токму Кравчук, по распадот на СССР, не одлучи да им врати 1800 нуклеарни боеви глави на Русите. Тој ја потпиша Спогодбата за отстранување на нуклеарното вооружување од Украина со тогашниот руски претседател Борис Елцин и неговиот американски колега Бил Клинтон. До тој момент Украина беше трета нуклеарна сила во светот според бројот на вооружување, а по потпишувањето на споменатиот договор во Будимпешта Украина доби гаранции за својот суверенитет и од Русија и од Западот.
Кравчук за Владимир Путин вели дека е КГБ-оперативец кој цел живот одел наоколу со полна торба наредби. "Ги има попримено најлошите методи на КГБ", вели Кравчук и потсетува дека "Путин е дете на КГБ".
Во прилог на овие тези е и веста од молдавскиот проруски сепаратистички регион Придњестровје дека било урнато украинско беспилотно летало кое било во разузнавачка мисија. Инаку, Придњестровје прогласи отцепување од Молдавија во 1990 година и таму се распоредени околу 1.500 руски војници, кои се задолжени за обезбедување на стотиците тони оружје.
На Крим, пак, руски знамиња се кренати на сите 193 воени објекти на Полуостровот, соопшти началникот на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, Валериј Герасимов. Руските сили ја презедоа контролата и врз последниот украински брод на Крим. Со ова за само три недели и без испукан куршум Крим целосно премина под контрола на Русија. Сега поранешниот украински министер за одбрана, Игор Тењух, соопшти дека само 4.300 од вкупно 18.800 украински војници на Крим имаат намера да се повлечат оттаму за да останат во армијата на Украина. Ова го потврдија и руски безбедносни извори. Началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, Валериј Герасимов соопшти дека украинските војници кои сакаат да го напуштат Полуостровот тоа ќе го направат со возови и без оружје согласно договорот помеѓу Русија и Украина постигнат неделава.
САД и ЕУ не ги забележуваат националистите во Украина
Претставникот на руското Министерство за надворешни работи Роман Кашајев на 25. седница на Советот на ОН за човекови права ги критикуваше ЕУ и САД дека се кратковиди во нивниот пристап кон ултранационализмот во извршната власт во Украина.
- Нивната кратковидост тешко е да се објасни и таа очигледно е поврзана со нивната фасцинираност од геополитичките игри, посочи Кашајев.
Тој наведе дека Русија постојано ги предупредува партнерите во Европа и САД на опасностите кои се кријат зад ширењето на ултранационалистичките идеологии и движења, вклучително и неонацистите. Кашајев додаде дека подемот на неонацизмот во Европа прераснува во "терор на екстремната десница".
Резолуција на ОН за Крим за Русија не значи ништо
Евентуалното прифаќање на украинската резолуција од Генералното собрание на ОН, во која се критикува референдумот на Крим, нема да има никаков ефект врз руската позиција, изјави рускиот министер за внатрешни работи Генадиј Гатилов, цитиран од француските медиуми.
- Овој документ е нагласено антируски. Ние сметаме дека доколку биде предложен за гласање, само ќе ја усложни ситуацијата, додаде Гатилов.
Генералното собрание на ОН денес треба да се произнесе за необврзувачката предлог резолуција која беше предложена од Украина, а во која се критикува референдумот на Крим и присоединувањето на Полуостровот кон Руската Федерација.
Обама: Ставот на Русија кон соседите е знак на слабост
Американскиот претседател Барак Обама во Хаг изјави дека Русија е "регионална сила" чиј став кон соседите е "знак на слабост, а не на сила".
- Русија е регионална сила која се заканува на некои од најблиските соседи, а тоа не е знак на сила, туку на слабост, изјави Обама пред новинарите по завршувањето на Самитот за нуклеарна безбедност во Хаг.
Секс-патриотизам: Не се сексајте со Руси!
Русија го припои Крим кон својата Федерација и покрај демонстрациите и заканите од Западот. Затоа, Украинските одлучија да се обидат да и помогнат на својата земја со друг пристап - повикуваат да им се ускрати секс на Русите. Група Украинки започнаа кампања која има за цел руските мажи да ги лиши од секс. За потребите на кампањата отпечатија маички на кои пишува "Не им давајте на Русите!" Маичките се продаваат преку Фејсбук, а приходот ќе биде дониран за украинската војска. Вакви акции за спречување воени дејствија веќе имаше во Кенија и Либерија, пишува Тајм.
http://www.vecer.com.mk/?ItemID=8E67DD766F14684FABAAE515DD2D2416