ШОKАНТНА СТУДИЈА НА АЛБАНСKИ ЕМИГРАНТ
Грчки полицајци и неонацисти за 18 години убиле 154 Албанци
Од 1992 до 2010 година грчката полиција и неонацистите убиле 154 албански емигранти, стои во студијата на Шптим Зинџирија, директор на весникот „Фјала јон“, наречена „Страшните некажани работи и реалноста на емигрантите во Грција“, за која тој вели дека потрошил 13 години за да ја изработи. Самиот Зинџирија е емигрант, чија втора татковина е Грција каде што живее од 1991 година и каде што се бори за изнесување на одговорните пред лицето на правдата.
- Истражувањето за овие убиства го започнав во јули 1999 година поттикнат од тогашниот грчки весник „Елефтеротипија“ каде што беа третирани првите убиства на емигрантите во периодот од 1992 до 1997 година. За 50 месеци беа убиени 47 емигранти, од кои двајца Роми. Албанија под секој услов треба да бара од Грција започнување истраги за убиствата на албански емигранти, за лошото однесување кон нив и за мачењето - истакнува Зинџирија за „Дневник“.
„Елефтеротипија“ на први јули 1999 година, поддржана од Европската антирасистичка организација во Атина, објави текст во кој наведува дека полицијата извршила 86 напади над емигранти, а 67 од нападите биле извршени од страна на самите граѓани. Токму овој текст го поттикнува Шптим Зинџирија да го направи своето истражување.
- Мислам дека бројот на убиствата е поголем од оној што го прикажав во студијата – истакнува Зинџирија.
Зинџирија ни приложи хронологија на убиствата и имиња на убиени емигранти, заедно со годината кога се убиени, но и имиња на полицајци, кои, според него, убивале невини албански емигранти.
- Во овие истражувања се помачив да најдам дел од имињата на убиените Албанци (околу 50 имиња), значи, една третина, како и дел од имињата на полицајците (30 имиња), кои ги извршиле овие убиства. Од истражувањето излезе дека невините албански емигранти биле ранети со различно оружје и мачени од полицијата, а до ден-денес никој од нив не е осуден - објаснува Зинџирија.
Просечната возраст на убиените емигранти, како што е наведено во студијата, е 26 години. Највозрасниот убиен емигрант имал 48 години, а најмладиот само 13. На прашањето кои се причините за убивањето на емигрантите, Зинџирија ни одговори дека и тој и фамилиите на жртвите чекаат грчката влада да започне истрага за откривање на истите.
- Овие повремени убиства само против Албанците оставаат впечаток на убиства со цел затоа што жртвата не е со грчка националност. Ова се гледа и во грчкото правосудство каде што убијците не се казнуваат кога убиваат Албанци. Kонкретен пример е кога полицаецот Јоанис Ризопулос во ноември 2001 година на плоштадот Америкис во Атина го уби Албанецот Гентијан Челику, а по судењето беше пуштен на слобода. Неказнувањето на ниеден убиец на албански емигрант и на Ром покажува дека во оваа земја законите се применуваат само на штета на жртвите затоа што оружјето во сите случаи само излегло од ременот и само се упатило и чкрапнало без свесност на полицаецот - објаснува Зинџирија со тон на ироничност.
Долгите процедури на дисциплинската комисија во Грција, каде што судењата се чекаат и по 10 години, исто така се проблем од кој произлегува неказнувањето на убијците. Го запрашавме Зинџирија и дали грчките власти се запознаени со убиствата на емигрантите.
- Секако дека се! Не е можно грчките власти да немаат информации за овие убиства затоа што најголем дел од албанските мигранти се убиени од пограничните сили и од грчката полиција, која е одговорна - објаснува Зинџирија.
Фамилиите на албанските жртви с` уште немаат добиено официјален одговор од Атина или од Тирана во врска со истрагите за овие убиства. Зинџирија рече дека од албанската страна досега имало само нагласена индиферентност. Тој во обидите за разобличување на Златна зора гледа добар повод за расчистување на убиствата извршени над албанските емигранти.
- Kонкретен факт е дека во сите извршени убиства на емигранти албанската амбасада никогаш не го крена својот глас играјќи двојна игра во период кога се задоволи само со регистрирање на жртвите и со незавршување на верификацијата поврзана со убиствата – појасни Зинџирија, завршувајќи со прашањето дали грчката влада ќе има политичка волја за да ги изнесе убијците да одговараат?
Има 19 неверификувани убиства
Од 1992 до 1999 година се убиени 75 емигранти. Од нив 60 се извршени од страна на полицијата и од граничната полиција, а другите од жителите.
Од 2000 до 2010 година се убиени 58 емигранти. Од нив 33 се извршени од страна на полицајци и граничари, а другиот дел од граѓани.
Од 1992 до 2010 година се убиени 154 емигранти. Верификувани се 135, а за верификација остануваат 19 убиства. Од 135 извршени убиства, грчката полиција е одговорна за 93.
БилJана Арсовска