МОДЕН БОНТОН ЗА ГОСТИТЕ НА СВАДБА
Избегнете се што е провокативно и секси
Модните креатори даваат разумни совети за тоа како да се облечете на венчавка и на свадба, ако не сте невеста или младоженец, затоа што во такви пригоди дилемата пред огледало речиси е неизбежна.
Прва асоцијација на свадбена тоалета, секако, се нежни пастелни тонови и човечки фигури кои изгледаат како да се направени од марципан. Тоа е затоа што некои правила сепак се почитуваат, а тоа се: избегнувајте го црното (или макар не претерувајте), белото исто така (затоа што таа боја е резервирана за младенците), како и агресивни, нападни и чисти бои. Идејата е тој ден да не бидете во центарот на виманието, туку да се повлечете чекор назад и централната сцена великодушно да им ја отстапите на младенците. Најубава на венчавката треба да биде невестата, а не гостинката со "огнен“ црвен фустан и огромна шапка, со што би го привлекла целото внимание на себе. Тоа е прашање на бонтон. Не треба да се биде нападна, да се носи претерано нагласено деколте, многу кратко здолниште, да се избегнуваат мрежести чорапи, но и боси нозе, не треба да се претерува со силна ноќна шминка и накит.
Со други зборови, треба да се избегне се она што би било отворено и секси. Венчавките главно се преку ден, а наместо класична свадба, се повеќе младенци се определуваат за вечерна коктел-прослава. Тоа значи дека за преку ден треба да се облечете елегантно, било да е венчавка во црква или само во општина, а за навечер се препорачува елегантна вечерна варијанта. Креаторите велат дека во секој случај треба да се избегне неприродност и церемонијална "накитеност", која посебно кај нас често ја има, затоа што погрешно се мисли дека на тој начин му се придава значење на целиот настан. За жените се препорачува елегантен фустан или панталони, но никако не секси, како и одмерени цветни комбинации.
Според некое непишано правило, кич фризурите се заштитен знак на свадбените фотографии. Тоа е затоа што обично се инсистира на тоа фризурата да биде поинаква од секојдневната, па затоа често се експериментира и се претерува. Шапките со ленти не се препорачуваат. Само ако е голема горештина, добра е летна, но не премногу екстравагантна шапка. Секако, сево ова подразбира удобност пред се, затоа што знаеме како се весели и игра на нашите свадби. Бесмислено е да се облечете беспрекорно и затегнато, па целата свадба да ја проследите во шок. Затоа некогаш е вистинска уметност да се соединат сите овие модни забрани и предлози во комбинација во која ќе бидете во свој елемент, добро ќе се чувствувате и притоа ќе изгледате убаво и примерно. А кога со овие модни модни трикови ќе се наоружате и со добро расположение, свадбата може да почне.