Кога бев основно, мислам 7мо, почнавме тогаш со физика. Нему му одат и ги разбира природниве науки. Не ми беа јасни некои прашања или задачи и го седнав да го распрашувам.
Ми рече - Си ја прочита убаво лекцијата? Викам - Не.
Ај седни прочитај си, па ако имаш нешто нејасно тогаш дојди прашај ме. Јас му се налутив, тато не сака ништо да ми покаже. Но, откога прочитав и разбрав сама, не ми требаше да ми покаже ништо.
Пред некое време уствари сфатив дека можеби затоа се научив сама прво да пробам да решам нешто, било што во животов, а не секогаш да барам само помош.
Искрено од дно на душа го сакам човекот.
Најмногу на светов. Си ја сакам и мајка ми, и брат ми, али овој човек ми е идол, го обожавам.
Не би го заменила за ниеден татко на светов.
Мислам дека само тој толку добро ме познава, од поглед може да каже дали сум или не добро. Само тој знае да ме утеши, со тие зборови кои така оптимистички ми влијаат, тоа е чудо едно. Иако имале многу глупости и препреки во животот, тој си е секогаш сталожен, присебен, гледа секогаш за напред, дека ако веќе се случило, нема жалење за тоа, нема застанување.
Никогаш не ме фалел како што сите родители си ги фалат децата на комшиите, никогаш ни јас не сум му кажала дека сум ужасно среќна што од него научив се и станав каква што сум, но и јас знам дека се гордее со мене (засега), а и тој знае јас што мислам.
Родител во вистинска смисла на зборот. Никогаш не ме опсипувал со подароци, што дека не можел во моменти, што од тоа дека не сум ни барала, но внимание, разбирање, совет, љубов сум имала секогаш. Дури и кога не сум барала.
Се што ми било потребно, сум добивала.
Одличен е со деца, ужасно смешен.
Како што е одличен татко, сигурна сум дека ќе биде уште подобар дедо.
Доста е младолик, сите му кратат 7-8 години од тоа колку е навистина. Уште нема бело влакно, па се надевам дека и јас после 50 и некоја ќе почнам со фарбање, бар тој ген од него да сум го наследила, оти физички немаме никаква сличност.
Пред некој ден гледавме видео кога сум била мала, 2-3 годинки имам. Се смеевме скоро пола саат зборувајќи каква жолта зелка сум била. Дека бев ко сонце во косата, природна плавуша.
Тој има онака бушава коса, па ми раскажуваше дека секогаш кога дремел поручек, кога станувал на коса имал мали шноли кои сум му ги ставала во меѓувреме.
Секогаш кога ме испраќа на воз, сите си заминуваат, тој чека да тргне вовчето.
Ми се јавува скоро секој ден кога сум во Ск.
Заштитнички е настроен кон мене. Кога му кажав за дечко ми, само ми измрмка дека секако не можеле во манастир да ме стават.
Има многу доверба во мене и во моите одлуки, ме проверува, но остава сама да си завршувам тоа што сум замислила. Секогаш викам, никогаш нема да си простам ако него некогаш го разочарам.
За замерка му ставам дека некогаш се нервира за тотално банални работи. Е, тој ген сум го наследила!
Доста пишував. Уште многу да ми е жив и здрав, цел живот ќе ми биде потребен. Горда сум што го имам за татко и многу, многу си го сакам.