Велигденскиот масакр – една година потоа... солзи и преголема болка
12.04.2013 - 12:52:52
Велики Четврток мината година ќе го паметиме како најкрвавиот во Македонија. Доцна вечерта со молскавична брзина се рашири вест која насолзи многу Македонци. Петмина свирепо се убиени на брегот на Смилковското Езеро, четворица на возраст до 20 години, и еден повозрасен.
Со болка во срцата и солзи во очите сите се прашуваат кој е монструмот, кој го стори тоа, зошто пукал во пет невини души? И по 365 ден, болката е иста, солзите непресеушени, а прашањето делумно одговорено, уште е непознато зошто некој сакал да убие пет невини души.
Првата официјална информација беше дека на брегот на Смилковското езеро во близина на Скопје се случило петкратно убиство. Четири млади тела едно до друго легнати на земја, малку погоре од нив, уште едно, на постар маж, најверојатно сведокот на грозоморниот чин.
Велики Петок, Црн Петок 13-ти, ден на болка, а уште потешко и поболно беше кога го открија идентитетот на жртвите, четири млади момчиња, меѓу нив и еден матурант, најмалиот, Александар Наќевски.
Жртви на монструмите се и Филип Славковски, 22-годишно момче кое завршил средно угостителско образование, Цветанчо Ацевски кој имал 18 години, а завршил средно образование во гимназијата „Цветан Димов“ и 22-годишниот Кире Тричковски кој студирал на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. На брегот на езерото ликвидиран е 45-годишниот рибар од Црешево, Борче Стефковски, кој бил на погрешно место во погрешно време и го видел тоа што не смеел.
На местото на злосторот, пет тела, многу крв и чаури околу нив, малку траги од монструмите, но доволно за МВР да спроведе истрага.
Црвениот „опел“ - клучен доказ
Ден по трагедијата, полицијата интезивно работеше и пронајде возило кое и денеска е еден од клучните докази во постапката.
Возило пронајдено 10 километри од местото на злосторството кај скопското село Смиљковци, каде што во четвртокот беа убиени пет лица, според најдените траги од вештачењето, има индиции дека возилото било на местото на грозоморното убиство.
Црвениот „опел“ остана врежан во мемеоријата на Македонците и секој за да и помогне на полицијата во решевањето на овој злостор се обидуваше да најде некоја трага, да го види.
Како биле убиени?
Никој никогаш нема да го заборави ланскиот Велики Четврток, нема доволно солзи за петминатата ѕверски убиени и по една година сите се прашуваат зошто? Но, едно е јасно, како биле убиени овие пет невини лица, кои само сакале да рибарат.
Според специјалистот за судски вештачења, проф. д-р Билјана Јаневска, на петте жртви им е пукано одзади, а само на две однапред, во пределот на стомакот, а според лабораториската анализа на нитринтите честички, на жртвите им е пукано одблиску. Кај неколку од жртвите се смета дека е пукано додека лежеле на земја или биле клекнати на колена. Суров и кукавички начин од страна на сторителите на грозоморното убиство.
Вештачењето пред судот го презентираа експертите од Институтот за судска медицина и Одделението за крим техника при Министерството за внатрешни работи.
Јаневска тогаш објасни дека вештањето е направено ноќта на 13 април и дека главна цел им била да откријат која е смртоносната рана, од која позиција и растојание им било пукано и во каква положба.
Според експертите, релативна близина е од метар и половина за оружје со долга цевка и метар за оружје со кратка цевка.
Кај покојниот Цветанчо Ацевски се утврдени четири огнострелни рани. Од нив смртоносна била раната од задниот дел на вратот. Покрај телото на починатиот е откриен проектил од 9 милиметри пара. Кај него е констатирано контузии или нагмечувања на лицетото, што според судските вештаци укажува дека му било пукано додека лежел на стомак, а сторителот стол над него, накај нозете.
Филип Славковски бил убиен со огнострела рана во пределот на грбот која предзвикала оштетување на белите дробови. Според положбата на телото на покојниот е утврдено дека му е пукано додека лежел на земја. Покрај раната која го усмртила, младото момче било застрелано и во пределот на слабината и грбот.
Кире Тричковски и Александар Наќевски, за разлика од другите ги гледале лицата на своите убијците пред засекогаш да ги затворат очите, бидејќи кај нив биле констатирани прострелни рани во пределот на стомакот. Тричковски е погоден со четири проектили, од кој едниот го погодил во пределот на стомакот. Смртта ја предизвикал проектилот што го погодил во левата страна на грбот при што му бил разнесен ’рбетниот мозок. И нему му е пукано од близу. Наќевски бил погоден со најмногу проектили. Од осумте испукани проектили, седум се прострелни, а само една застрелна рана. Тој е погоден и од предната страна од стомакот, со што експертите претпоставуваат дека му е пукано додека тој клечел на земја, а сторителот пред него. Останатите рани покажуваат дека му било пукано одзади, додека бил во хоризонталана положба.
Последната жртва на велигденскиот масакр е убиена додека се криела зад автомобилот „фиат уно“. Експертот по судска медицина образложи дека на телото на рибарот Борче Стефковски се констатирани четири рани од огнено оружје. Смртоносен бил проектилот што го погодил во главата. Јаневска појасни дека на хаубата на автомобилот биле откриени траги од биолошки потекло, поточно мозочно ткиво, што посочува дека тој или се криел или стоел во близина на автомобилот.
Пукано со автоматски пушки и пиштол
Балистичарот Неџад Муриќ пред судот објасни дека сторителите на маскарот користеле автоматски пушки и со пиштол таканаречен “долга деветка“. На местото на убиството биле подигнати 13 чаури од пушка и осум чаури од пиштол.
Големото апсење на 1 мај
Како што се прошири веста за масакрот на Велики Четврток, така на први мај се прошири веста за големото апсење на осомничените убијците. Дваесет лица, најголем дел македонски државјани, се приведени во специјалната операција која го доби името „Монструм“. Сите од нив, како што информира Министерството за внатрешни работи, се следбеници на радикалниот ислам и се оспособени да извршуваат најрадикални акции.
“Кога се работи за кривично дело тероризам жртвите не секогаш директно се поврзани со извршителите и мотивот за кој е направено кривичното дело. Нашето сомневање е дека токму и во овој случај се работи за едно такво убиство каде жртвите не се во никаква конекција со ивршителите, но меѓутоа позади кривичното дело стои намерата да се создаде чувството на несигурност и страв. Мотивот е нивната идеја, убедување, верување во радикалниот ислам“, објасни министерката Гордана Јанкуловска за апсењето.
Ден потоа, Јавното обвинителство побара максимална казна – доживотен затвор за убијците на петмината скопјани.
“Законот е многу ригорозен. Се работи за најтежок вид кривични дела-тероризам, за кои е предвидена максимална казна - доживотен затвор. Се надевам дека полицијата врз основа на биолошките и материјалните докази што ги има прибрано ќе срочи квалитетна кривична пријава која ќе може да ја процесуираме во најкраток можен рок“, изјави Шврговски.
Таксист, земјоделец, автомеханичар, пензионер, па дури и една домаќинка се меѓу дваесетте приведени во полициската операција „Монструм“
Шеесетгодишна домаќинка од липковско Отља е меѓу приведените осомничени за инвловираност во петкратното убиство кај Смиљковското езеро на 12-ти април.
Фериде Билали е уапсена во понеделникот и кај неа полицијата пронашла пиштол. Билали живеела сама веќе 15 години откако нејзините синови заминале во странство.
Браќата Чани Азири (64), Фејзи Азири (50), Хаки Азири (32) од Шуто Оризари се меѓу уапсените во акција. Најстариот од браќата е пензионер, средниот е земјоделец, најмладиот е возач на камион.
Во акцијата беа приведени и Мерван Џавити (24) од Арачиново, кој работел како автомеханичар, како и неговиот соселанец Исни Асани (34), таксист. Меѓу приведените е и дваесет и шестгодишниот Џевад Зендели од населбата Гази Баба.
По 48-часовен притвор, десетмина од осомничените беа ослободени, а три лица се осомничени дека се директни извршители на убиството на петмината скопјани кај Смиљковското езеро на 12-ти април.
Пет убијци и еден заштитен сведок
Јанкулоска тогаш информираше дека е поднесена кривична пријава против пет лица за тероризам, тројца од нив се директни извршители, Агим Исмаиловиќ (33), триесет и двегодишниот Африм Исмаиловиќ и дваесет и седумгодишниот Алил Демири, Фејзи Азири (54) и Рами Сејди (24), а двајца помагачи. Исмаиловиќ и Демири беа во бегство, успеале да побегнат на Косово пред полицијата да открие дека и тие дел од грозоморниот чин.
Контрадикторноста на заштитениот сведок
Хаки Азири, од заштитен сведок стана обвинет, бидејќи ја смени својата изјава во која пред истражниот судија кажа дека тој ги возел обвинетите на кобната ноќ. Со отфрлање на својството заштитен сведок и таксистот се товари за убиството на брегот на Смилковското Езеро.
Обвинетите за масакрот седнаа пред лицето на правдата
На 20-ти декември лани во Основниот суд 1 во Скопе четвроица од шестмината обвинетите за директно извршување на убиството седнаа на обвинителната клупа и се соочија со правдата.
Алиби на обвинетите: во џамија, на фарма, на гости
На почетокот од судкиот процес „Монструм“, четворицата обвинети, ги дадоа своите изјави пред судот.
Сејди Рами пред судот тврдеше дека никогаш во животот не бил на местото на злосторството. Критичната ноќ, на 12 април 2012 година, како што рече Сејди Рами пред Судот, со негов муштерија од работилницата за поправка на автомобили која се наоѓала во скопското село Арачиново, биле кај железничката станица во Скопје со уште еден човек од македонска националност за да извршат размена на возилата. Потоа тројцата останале заедно на кафе до полноќ.
Првообвинетиот, Агим Исмаиловиќ пред судот кажа дека во времето кога наводно заштитетниот сведок, Е1, го видел покрај местото на грозоморното убиство бил на молитва во „Џамијата на хероите“ во Синѓелик. Како што вели, петпати дневно се моли и како верник не пропушта ниту една молитва.
“Јас никогаш не сум имал брада долга 4-5 прсти како што тврди сведокот, секогаш ја бричам“, изјави Агим кој ги негираше исказите од сведокот дека на 9,10, 11 и 12 април во 18.30 часот го видел покрај местото на злосторството и го опишал како човек со долга брада.
Тој објасни дека на кобниот ден, работел на поставување канализициона мрежа во домаќинството, а вечерта, вообичаено околу 18.30 часот му почнала ноќната смена во Интернет кафето. Според зборовите на првообвинетиот, тој во Интернет кафето работел со брат му Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, обвинети за велигденскиот маскар. Африм и Алил работеле во Интернет кафето преку ден, додека тој со работа почнувал вечерта, па се’ до раните утрински часови следниот ден.
Фејзи Азири пред судот детално опиша како го поминал 12 април, и деновите пред тоа. Како и секој друг ден, тој се буди околу пет часот, се моли, а потоа ги зема своите браќа и заедно одат на фармата во Билимбегово. Во текот на денот тој бил на судење, а подоцна во општината Илинден на промоција за легализација на објекти, каде се сретнал со градоначалникот на општината, Жика Стојановски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Во текот на вечерта враќал стари парични долгови, а околу 23 часот се вратил дома и си легнал. Тој вели дека од петмината обвинети, ги познава само своите внуци, Алил Демири, внук од сестра и Хаки Азири, внук од брат. Со нив комуницирал само по потреба, кога му требало помош на фармата.
Хаки Азири во судницата рече дека на кобната ноќ во април кога беа убиени пет невини луѓе кај Смилковското езеро во Скопје бил на гости во Гази баба, а со него бил и неговиот братучед кој е обвинет и е во бегство, Алил Демири. Вели дека таму останал до следното утро. Азири рече дека само еднаш бил кај Смилковското езеро кога неговиот чичко Фејзи Азири, исто така, обвинет во „Монструм“ ја добил концесијата за нивата крај езерото.
Доказите од местото на злосторот
На неодамнешните рочишта за судскиот процес „Монструм“ беа презентирани и доказите.
Вештаците посочија дека траги од земјата од брегот на Смиловското езеро каде беше извршено петткратно убиство се пронајдени на автомобилот “опел омега“, а биолошките траги што биле пронајдени во автомобилот 99,9 отсто му припаѓаат на првообвинетиот за убиството, Алил Демири. Според податоците со тој автомобил избегале извршителите на велигденксиот масакар.
При вештачењето на автомобилот се откриени траги од пот и епителни клетки кои се совпаѓале со ДНК профилот на провообвинетиот Алил Демири. Форензичарот Роберт Јаневски тврди дека 99,9 отсто му припаѓаат на Демири. Тој објасни дека неговиот ДНК профил веќе бил во крим евиденцијата од 2009 година, откако бил уапсен за нелегално поседување оружје. ДНК профилот им го доставиле колегите од кумановската полиција.
Директните извршители фатени на Косово
На почетокот на месецот рацете на правдата ги стигна и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои скоро една година се криеја од органите на власта. Двајцата се уапсени во стан во елитната населба Сани Хил во Пришитина врз основа на меѓународната потерница која лани беше распишана по нив од Основниот суд 1 во Скопје. Веднаш се започна постапка за брза екстрадиција во Македонија каде ќе може да им се суди за петте животи кои безмилосно ги одземаа.
Од полицијата овие двајца се именувани како директни извршители на велигденскиот масакр, а наскоро, ќе седнат во обвинителната клупа, каде правдата конечно ќе ги стигне,а вистината ќе излезе на виделина.
Но, каква и да казната за овие монструми, ќе биде премала во споредба со болката која тие и ја нанесоа на петте семејства, на Македонија, на народот кој во страв веќе не ни го посетува езерото на чиј брег неодамна беше поствен темелникот на црквата за вечен спомен на петмината македонски синови.
автор: Нетпрес