Јас лично не славам 8 март. За мене е глупост по кафани, со торти на глава и една толпа жени како игра оро, да се слави, да речам, најсветиот празник за еманципација и добивање на право на еднаквост. Дури и се срамам ако некоја од моите другарки ми рече да одиме да го славиме.
На тој ден треба да се излезе на улица, и да се искаже незадоволството од третманот на жената во нашето општество. Треба да се прослави борбата која ја започнале Клара Цеткин, Роза Луксембург и ред други жени кои биле доволно храбри да го изразат своето незадоволство од подредената улога на жената во која живеела и уште живее во овој машки свет.
На овој ден треба секоја од нас да направи нешто повеќе за да еднаквоста меѓу половите биде реалност(која за жал не е сеуште и во овој 21 век). Замислете колку пари би се собрале од сите жени кои даваат по 500, па и повеќе денари по порција во некое ресторантче, само за да слават нешто кое не го разбираат, а камоли да го ценат тоа што некои жени во минатото го направиле за нив. А да не зборувам за парите кои нашиве мажи и деца ги даваат за незначајни поклончиња, само за да ја потцетат жената дека ова е нејзин ден на кој може да оди кај сака и да го слави како таа сака. А што е со останатите 364 дена во годината? Е па тие денови нема одење никаде и нема што да се слави. Ќе седат дома или ќе одат на работа, ќе готват, чистат или не дај боже ќе бидат малтретирани на секој можен начин, само затоа што тие денови не се нивни, не се „значајни“ како овој. На тие денови нема почит за жената.
А од сите дадени пари за славењето на овој ден, замислете што се може да се направи...
Тука ве оставам за да дадете креативни идеи. И се надевам дека ќе ве предомислам вас Жени, оваа година да не плаќате порција по ресторани, туку да ги донирате парите кои сте мислеле да ги дадете за порција, во некоја друга намена.
Еве идеја од мене...Подобро помислете што вашето дете сакало и побарало од вас во изминатата година, а вие не сте биле во можност да си го дозволите и да му го пружате тоа. Е па сега дозволете му го, сепак вредноста на насмевката на едно дете е бесценета...