Уште нешто фино!
Не ми се верува каков карнивор сум, а правам ултра вегански рецепти.
Нудлс со зеленчук!
Потребно ви е:
2 пакувања нудлс, од оние од 30 ден, ги има по сите маркети,
маслиново масло, сол, бибер, кари
500 гр свежи шампињони сечкани на листови
1 главица кромид ситно рендана
половина чешне лук ситно сечкано
рака кикирики, исчистени од лушпа и исчукани во аван
рака ситно рендана кинеска зелка
еден морков на ситни стапчиња
соја сос
Нудлите варете ги во посолена вода со малку маслиново масло. Кога ќе бидат омекнати и сосема сварени, процедете ги. Не ги ладете во вода, оставете ги да се цедат природно додека го правите сосот.
Во длабока тава (вок е најсупер, ама ако немате, пробајте и во подлабоко тавче), ставете од маслиновото масло, и тивко пропржувајте ги кромидот и лукот. Кога ќе добијат карамелеста боја (внимавајте да не ги изгорите), додајте ги печурките и динстајте на среден оган, за печурките да пуштат вода. Кога ќе испари сета вода, додајте ги кикириките, кинеската зелка и морковот. Мешајте додека да добие сосот густина и налејте соја сос, околу две супени лажици. Пробајте за сол, бидејќи соја сосот природно е соленкаст, да не претерате многу.
Зачинете со кари и бибер и пропржете за да се соединат сите чудесии.
Нудлите истурете ги во длабок сад и направете дупче во средина и налејте од сосот.
Ако имате стапчиња, можете да се фолирате со нив, ако не, вилушка му е мајката
