Недолжни војници заглавени во долг: срамота е да се крши и Устав и закон за да се земат пари од припадници на АРМ!
Од војниците на АРМ на кои до 2011 година државата им давала пари за стан и за превоз сега Министерството за одбрана решило да си ги врати парите, без разлика на тоа што велат Уставот и законите. Уставот вели дека законите немаат повратно дејство, а Законот за служба во АРМ дека за платите и за надоместоците одлучува министерот или овластено лице што треба да е државен службеник.
Во овој скандалозен случај ниту се почитува Уставот ниту законот затоа што, како што велат правни експерти, војниците (некои во септември 2012 година, некои и сега во јануари 2013 година) добиле решенија од командантите на единиците дека треба да ги вратат парите за закупнина. Во меѓувреме, како што предвидел законот пред да биде направена измената, плаќале кирија (не си ги ставиле в џеб) и сега во 2013 година треба да ги искешираат (или можеби ќе ги плаќаат на рати) затоа што во 2011 година биле направени измени во Законот за служба во АРМ, односно во членот 195 дека оној што зема пари за закупнина за стан, не може да зема и пари за превоз. Во членот 195, став 2 се вели:
„Надоместокот за закупнина на стан, правото на исплата на стварни трошоци за превоз и користење организиран превоз меѓусебно се исклучуваат.“
Нејасно е како надлежните решиле да направат ваква трампа кога оние војници што немаат каде да живеат, ако побараат закупнина ќе не можат да го користат организираниот превоз со армискиот автобус. На пример размислувал ли некој како тие ќе стасаат до касарната во Петровец, ако се знае дека градски автобус оди само до селото Петровец, кое е повеќе од четири километри оддалечено од касарната. Но очигледно законодавецот не мислел како тоа што го предлага ќе изгледа на терен. И колку неправда ќе донесе кога решил пред две години да го внесе како измена во законот.
„Не само што превозот и закупнината не одат едно со друго, па да се прави таков избор – стан или превоз, туку прават уште една неверојатна работа. Ни бараат да ги вратиме парите што сме ги зеле откако се случила промената во законот, а некои војници ги добиле решенијата за тоа во септември, некои сега ги добиваат дека треба да враќаат од 4.400 денари за самец, до 6.000 денари за семејство со две деца. Некои од нас имаат да враќаат по 30.000 денари, ама има и такви чии суми за враќање изнесуваат и по 3.000 евра. Во просек платите на војниците што се најзагрозени со овој потег изнесуваат од 20.000 до 25.000 денари. Може ли да замислите што ќе значи сега ова незаконско враќање на парите за нашиот буџет“, вели еден од професионалните војници, кој добил решение потпишано од својот командант.
Веле Крбалевски, претседател на Независниот синдикат на професионалните војници, вели дека постојано во синдикатот добиваат поплаки од војниците што се обесправени по неколку основи, поради што побарале правна помош и ќе следуваат тужби. И покрај сите досегашни обиди на синдикатот да седнат на заедничка маса со министерот за одбрана Фатмир Бесимии да поразговараат за сите проблеми на војската – опрема, униформи, закупнина, превоз, нема ниту одговор ниту покана за средба.
Веле Крбалевски
Крбалевски вели дека не е само овој министер недостапен за војската, дека од порано нема комуникација со главните во одбраната. Генералштабот, има отворени врати за проблемите на војската, но во случајов одговор е потребен од Министерството за одбрана, вели Крбалевски.
На обесправените војници засега им помага само Стамен Филипов,пензиониран потполковник во правната служба на АРМ, кој е рекордер во поднесување иницијативи за уривање одредени законски одредби и преиспитување на нивната уставност и законитост пред Уставниот суд. Тој вели дека некои од војниците добиле решенија да враќаат пари за закупнина што ги зеле и во 2008 година.
Стамен Филипов
„Ова е невидено и е голема срамота. Прекршени се и Уставот и законите по неколку основи. Прво, решението за надоместок за закупнина на стан го донел министерот, а на војниците им било врачено решение дека се укинува тој додаток, донесено од командантот на единицата во која служат војниците. Такво нешто нема ниту во еден закон – понискиот орган да ги укинува решенијата на повисокиот орган“, вели Филипов.
Министерот, како што објаснува Филипов, е надлежен за надоместоците и за платите или пак овластено лице што може да биде од редот на државните службеници, а не како што е направено во случајот, лице од армијата.
„Ова го нема никаде во светот – војниците треба да ги враќаат парите ретроактивно. Според членот 52, став 4 од Уставот на Република Македонија, законите не можат да имаат повратно дејство“, потсетува Филипов.
Измените на Законот за служба во АРМ биле направени во 2011 година, војниците ги добиле решенијата некои во 2011, а некои и сега ги добиваат и според нив треба да враќаат пари за закупнина кои им биле дадени во 2008.
„Ова е нонсенс. Невидено нешто. Си играат со војниците. Колку што можам ќе им помагам да дојдат до правдата“, вели Филипов.
Со негова правна помош некои од војниците добиле позитивни одговори на обжалените решенија, некои сè уште чекаат одговор од Второстепената владина комисија. Во исчекување се да се реши дилемата дали во случајов станува збор за управен спор или пак за граѓански и дали е направено прекршување и на Законот за работни односи. Во Министерството за одбрана најавија дека деновиве ќе одговорат на сите нејаснотии и прашања во врска со закупнината и реакциите на војниците.
С.М.