БОГ ТЕ ПОВИКУВА НА ПОКАЈАНИЕ
Грешникот, кој се одвојува и оддалечува од Бога, него Бог не го остава, туку оди по него и го повикува со татковски глас: „Чедо, каде се оддалечуваш од Мене? Каде ќе најдеш блаженство без Мене и надвор од Мене? Насекаде ќе те сретнуваат неволји”. И така, повикувајќи го, го приближува кон Себе.
Господ Исус Христос ги повикува луѓето преку покајание да се вратат при Него: Зошто ти, грешнику, Ме остави? Зошто се оддалечуваш од Оној, Кој те љуби? Сети се дека Јас зедов обличје на слуга и се изедначив со луѓето и по вид се покажав како човек. Заради тебе бев дете, осиромашив, се понижив, на земјата живеев, плачев, се трудев, претрпев гонење, понижување, навредување, рани, плукања, потсмев и секако страдање. На крајот, умрев со срамна смрт на Крстот. И сето ова го направив заради твоето спасение. Слегов од небото, за тебе на небото да те издигнам; се понижив, за тебе понижениот да те издигнам; осиромашив, за тебе сиромавиот да те обогатам; се предадов на потсмев, за тебе посрамотениот да те прославам; бев ранет, за тебе ранетиот да те исцелам; умрев, за тебе умрениот да те оживеам. Ти згреши, а Јас твојот грев го зедов врз Себе; ти си виновен, а Јас ја претрпев казната; ти си должник, а Јас го платив долгот; ти си осуден на смрт, а Јас умрев за тебе. И на сите овие Мои страдања заради тебе, ништо друго не ме привлече, освен љубовта кон тебе. И зошто сета оваа Моја љубов, подвизи и страдања заради тебе, ти самоволно ги запоставуваш и самиот сакаш да се убиеш? Сети се колкава е и колку скапоцена цената, која е платена за тебе: со Мојата крв и со Мојата смрт си искупен! Сети се на сите овие Мои заслуги, преку кои си стекнал прошка на гревовите и вечен живот и покај се, па така ќе се спасиш. „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене” (Откр. 3, 20).
Господ Исус Христос нѐ повикува кон Себе и ни ветува пресладок покој за нашите души: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно” (Матеј 11, 28-30). Со ова Он како да ни рекол: Барате ли добро? Секое добро е во Мене и од Мене извира. Блаженство ли сакате? Го нема никаде надвор од Мене. Слава ли посакувате? Па кој е пославен од Мене? Богатство ли сакате? Во Мене и во Мојата рака сето богатство е нераспадливо. Мудрост ли сакате? Јас сум Божја Премудрост. Пријателство ли сакате? Па кој е пољубезен и поголем пријател од Мене, Кој својата душа за вас ја положи? Барате ли помош и заштита? Па кој може да ви помогне и да ве заштити, освен Мене? Барате ли лекар? Па кој ќе ве излечи освен Мене, Лекарот на душите и телата? Барате ли спокој и мир за себе? Јас сум мир и спокој душевен и никаде нема да најдете такво нешто, надвор од Мене. Светлина ли сакате? Јас сум Светлина на светот, кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот (Јован 8, 12). Не сакате да бидете измамени и заблудени? Јас сум Вистината! Сакате ли да се доближите до Бога? Јас сум Патот! Не сакате да умрете, туку сакате вечно да живеете? Јас сум Животот! Јас сум патот, вистината и животот. (Јован 14, 6). Не смеете ли да Ми пристапите? Сите ги повикувам и сите ги примам – дојдете при Мене! Се плашите ли да Ме замолите? Кому до сега, од оние што молат, Јас сум му ја отфрлил молбата? Напротив, вашите гревови ве одбиваат од Мене. Јас за грешниците, Својата душа ја положив. Ве вознемируваат ли безбројните гревови? Кај Мене има многу повеќе милосрдност и љубов, отколку што има гревови во целиот свет.
ЗАТОА, ДОЈДЕТЕ ПРИ МЕНЕ...