На стогодишнината од независноста на Албанија, Скопје ќе биде обвиткано во знамето на Албанија и ќе се обои во „црвено-црно", најавија денеска од невладината „Разбуди се ".
Од оваа невладина организација денеска пред споменикот на Хасан Приштина во Скопје, заедно со градоначалниците од ДУИ, промовираа донација од стотици албански знамиња кои им ги подарија на Албанците за да ги закачат на видни места како што се тераси, дворови, домови, продавници.
„Изразуваме почит за високата национална свест на сите придонесители кои што без ниту едно двоумење ѝ се придружија на нашата иницијатива за да го оцрвениме Скопје во духот на најголемиот албански национален празник. На овој начин Скопје ќе им испрати најтопли поздрави на Валона и Тирана", изјави Теута Златку од невладината организација „Разбуди се".
Знамињата ги купиле бизнисмени, а како донација беа поделени на сите градоначалници Албанци".
„Активностите на Движењето „Разбуди се“ ќе ги поплават улиците на Скопје со албански знамиња за сите домови кои што сè уште немаат национално знаме со молба да ги виорат овие знамиња на нивните тераси и прозори и на овој начин Скопје ќе им испрати најтопли поздрави на Влора и Тирана. Ги каниме сите граѓани да започнат со поставувањето на Албански знамиња на видлива места во нивните домови, продавници, излози и институции за нашите очи да гледаат само црвено црно во овие празнични денови за aлбанската нација. Ги каниме и медиумите да се мобилизираат максимално во овие празнични денови за Албанците како што тоа го правеа секогаш за национални прашања", велат од „Разбуди се!".
Во петокот ДУИ започна со поставување знамиња во општините каде има доминантно албанско население. Али Ахмети лидерот на ДУИ, нога повлече во кичевско, во селата Грешница и во Колибари.
На јарбол од 35 метри заедно со амбасадорот на Албанија во Македонија Агим Чејку развиорија шестметарско албанско знаме во приватна нива.
Со тоа ја заобиколија законската регулатива која налага пред официјална институција освен знамето на националната заедница задолжително да стои и државното знаме.
„Знамето во Кичевско е декоративно, ставено во согласност со Законот за употреба на знамињата и сметаме дека нема ништо нелегално и не претставува никаква провокација кон никого", изјави Артан Груби од ДУИ.
На денот на поставувањето на двете шестметарски знамиња лидерот на ДУИ Али Ахмети испрати силна порака со зборовите „Албанците нема да дозволат ниедна црна рака да го чепне знамето. Ова знаме ќе се вее со векови, тоа треба да го знае секој злонамерник што ќе се обиде да го симне од јарболот нека не се осмелува да го направи тоа, затоа што тоа нема да го дозволат Албанците, а тоа се Албанците кои живеат во овој крај", потенцираше Ахмети.