„Дојче веле“ пред една година во својот прилог предупреди за растечкиот исламски радикализам во Бугарија. Германската дрќавна ТВ излезе со податокот дека во Бугарија само во последните 10 години се изградени 150 нови џамии во јужниот дел на Бугарија каде живеат Турците и Помаците (говорници на бугарскиот јазик со исламска вера). Германските медиуми велат дека финансиите доаѓаат од Саудиска Арабија. Со најновиот самоубиствен напад во Бургас безбедносните експерти видоа потврда на фактот дека радикалниот ислам се засилува во Бугарија и на Балканот.
Муслиманското население во ниту една друга земја од ЕУ процентуално не е толку бројно како во Бугарија. Набљудувачите се вознемирени од засилената финансиска поддршка од Саудиска Арабија на муслиманските верски заедници,
пишува Дојче Веле.
Бугарската тајна полиција се сомнева дека имамот во Сарница, Саид Мутлу, е член на исламистичка организација. Мутлу смета дека обвинението дека проповеда радикален ислам е апсурдно:
„Постои само еден ислам. Што е радикално во нашата намера во оваа земја да воведеме нова, чиста, религиозна свест? Исламот е вистинскиот пат.“
Училиштето во задните простории на џамијата требаше да се затвори уште пред пет години. Тајните служби велат дека бројот на вакви училишта е голем. Ова училиште наводно е финансирано од организацијата Ал Вакф ал Ислами од Холандија, која е забранета поради учество во терористички напади.
За разлика од оние во запaдноевропските земји, Бугарските муслимани не се доселеници. Дел од нив припаѓаат на турското малцинство, другите се таканаречени Помаци, исламизирани Бугари. Повеќето од нив практикуваат умерен ислам.
Водачите на верската заедница во Софија се противат на генералното сомневање, а надлежниот муфтија во Бугарија, Мимин Бирали вели:
„Ние ги поддржуваме тајните служби и јавното обвинителство во борбата против радикалните муслимани. Но обидите за радикализација доаѓаат од странство. Ние сме лојални граѓани на нашата земја, и покрај големото потиснување од страна на комунистичкиот режим.
Надлежност во истрагата има јавното обвинителство во Пазарџик. Моментално се вршат претреси во домовите на повеќе градоначалници и имами од муслиманските села, но јавниот обвинител не дава изјави. Медиумите добиваат недоволно податоци.
Но критичарите предупредуваат дека тоа не е добро за демократскиот развој на Бугарија. Тоа е опасно исто како и исламизмот кој е во пораст. Експертот по политички науки Димитар Аврамов истакнува:
„Обидите за ширење на радикализмот не се само напад против нашата земја, туку и против целата ЕУ. Во секој случај тие мора да се спречат. Во спротивно постапувањето на нашите тајни служби и на нашите власти ќе мора да се промени. Тие се‘ уште работат според старите комунистички принципи, формираат држава во држава, без пристап за медиумите и јавноста.“
Економската помош во борбата против исламистите би била покорисна од тајните служби. Бугарските муслимани живеат во општини коишто често се неразвиени и во нив владее голема сиромаштија, а тоа е плодна почва за радикални идеи. Велин Белев од Универзитетот во Софија вели:
„Во сиромашните делови очигледно парите од богатите земји како Саудиска Арабија имаат големо влијание и го поддржуваат ширењето на радикалните тенденции. Да потсетам, вахабизмот е официјалната религија во Саудиска Арабија.“
Овој строг ислам зема замав во Бугарија и отфрла се‘ што е туѓо. Во изминатите години во селата се изградени над 150 нови џамии, поголемиот дел финансирани од Саудиска Арабија, пренесува Дојче веле.
http://www.kurir.mk/svet/region/78420-Germanskata-drzavna-TV-150-novi-dzamii-vo-Bugarija
извор