Темава е бааги лизгава зашто никој никогаш нема да дознае/поверува нешто што не сетил на своја кожа, но умот е срча - можеби невербата е самоодбрана од исконскиот страв од непознато, а прекумерното верување е симптом на надеж или презаситеност со информации.
Нејсе, мојата приказна е следнава: Сметам дека некои од нас се поосетливи на непознатото (не велам поподложни). Јас отсекогаш сум занемарувала многу,многу случувања од страв дека ќе ме направат ненормална (и онака не се вклопував во средината, па уште и нездрава да ме направат ми фалеше!).
1. Едно од најужасните искуства што сум ги имала беше во 2003 летото, бев во Словенија на поседок јас тетка ми, во голем стан. Тие двајца со тетин ми спиеја во спална а јас и малечката братучетка во детската (јас патем имав 17 години тогаш и спиев на под, на душек а малово 7 годинки, во детско креветче). Наеднаш се рабудив како да ми пукнал некој со пиштол во глава - нагло, отсечно-гром. Срцето ми чукаше 300 во секунда а во желудникот како да имав санта лед. И слушам - глас од девојче пее тажно како да плаче едни исти 2-3 неразбирливи стиха, повторно и повторно, 100 пати...Гледам во креветот на братучетка ми - детето си спие. Станав и се чувствував како да сум од желе и дека ќе се распаднам. Одам во вц и упорно го слушам пеењето и ме тера на плачење. Ја разбудив тетка ми и таа ми вели "што е ра..." и прекина да збори и се заслуша... и таа го слушна. Одиме двете до купатило, таа сонлива а јас посвесна од кога и да било, наслушуваме на ѕид и заклучивме дека од таму иде. "Легнувај да спиеш" ми вика тетка ми и без збор си легна. Си легнав и јас и не склопив око цела ноќ. Сабајле и спомнувам за случката, а таа ми вика "што збориш ти, кога станав јас? цела ноќ спиев како топ, имаш сонувано нешто" и упорно ми негира. И ѕидот како што установив другиот ден, бил надворешен ѕид кој не е во допир со ни еден стан. Патем, со тетка ми сме родени во ист ден и ист саат.
--- надополнето: 6 јуни 2012 во 17:59 ---
2. Следна работа (една од понејезивите) е таа со чашите. Значи седам на маса на крштевка дома кај пријатели, масата со чаршав, врз неа тешки чаши кристални со пијалок... Детето постојано вриштеше, се додека не се доближив до него. Секогаш имам хипнотички ефект врз деца - само зјапаат во мене како замаени и прекинуваат да плачат. Иначе мајка му на тоа бебето, муслиманка женичката, и таа намачена вика по цели ноќи не спие го влече детето по оџи оти плаче постојано. Јас го земам детето и си играм со него и ова не плаче - се смее, мавта со рачињата, а луѓево се чудат... Го оставив во лулка откако заспа и седнувам на маса. Сите зазборени за политики, телевизија итн. не ми обраќаат внимание, само дечко ми карши мене на масата,кога сркнуваше со лажицата од чинијата ја подисправи главата и ме погледна и остана подзинат - сите чаши од пред мене се поместија накај него. Пак ќе кажам, чаршаф, тешки кристални чаши. Ништо не рековме и двајцата, ради тоа што тој знае дека не ми беше првпат и плус ради тоа што јас знам дека никој не верува. Детето од тој ден заборавило да плаче - нон стоп се кикотело и спиело како топ.
3. Не толку страшно ама чудно... Еден човек што се познаваме има силна биоенергија и лекува со неа (повеќе би рекла, дијагностицира и ти кажува да отидеш на лекар за тоа и тоа). Човеков кога ќе влезе во просторија со електроника, компјутери, монитори и сл, пореметува се во просторијата - трепкаат апаатите и сл. Кога ќе се поздравува, не подава рака секому туку само вели здраво. Мене ми подава рака. Сите што ги фатил за рака или ги допрел,( меѓу кои и дечко ми кој имаше проблематично колено па одеше кај него) викаат дека омалаксуваат и сета крв им се собира каде што ги допрел, дека не можат да стојат на нозе. Јас никогаш не пошувствував ништо.
Еднаш бев во многу лоша психичка состојба (за која ќе напишам подетално подолу) и отидов кај човечето да ми направи една терапија. Него терапиите м траат по 5-10 минути обично, па јас така на брзинка по влечки отидов. Човеков вели затвори очи и полека диши и застанува зад тебе. Па си работи тој, јас си дремам и ми вика - "толку јас, не можам повеќе..." Се вртам јас и го гледам блед како крпа, очите наоколу помодрени и се потпира со рака на ѕид, ти се чини ќе падне на земја. Јас му викам нешто како "еее за 2 минути работа се умори" и ми вика тека 40 минути поминале а тој не можел да ми влијае на енергијата никако. Оттогаш само еднаш ми има подадено рака и тоа за да му дадам цигара.
--- надополнето: 6 јуни 2012 во 18:35 ---
4. Во 2010, ноќта на 24 спрема 25 октомври сонував ужасен сон. Отворам плакар а во него стојат на едната полица зимските алишта на татко ми а на другата моите. Нешто барам меѓу полиците и напипувам нешто големо. Бучи, зуи, се тресе. Вадам кошница (гнездо) од пчели и пчелите се разлетуваат на сите страни а јас вриштам пошто имам страчна фобија од инсекти. Се будам во 9.35 наутро и некое гадно чувство ме тресе. Мобилниот ми заѕвонува - некој странски број,а истовремено портата надвор тропнува и некој панично ѕвони на врата. Си викам, ај не отворам, може е некој инкасатор или циган. Ѕирнувам од прозорецот кој гледа во двор и со дел од окото ја фаќам мајка ми во униформа од работа. Само ми светна - баба ми, нешто и се има случено. На телефон упорно не одговарам. Слегов долу, отворив врата а мајка ми во бунило и неколку жени расплакани ме внесуваат в соба и ми даваат лексилиум а јас поим немам што се случува. "Татко ти умре" ми вика мајка ми. Јас како да не сум слушнала, како да не сум свесна дали сонувам или е јаве, се чувствувам вештачки како кукла што не знае како да изреагира на команда. Од следните 2 дена имам само матни слики во главата, како инсерти од филм што си го гледал пред 20 години. Најјасната слика што ја паметам од погребот се повторуваше секој ден месец ипол. Одевме на гробишта секој ден 40 дена. Како зомби - стани, појди, зјапај бледо, замини си. Од денот на кој го испративме татко ми па се до 40, а може и повеќе денови, мене на гробот ми се собираа пчели. А јас не се плашев, не ги бркав. Не знам како и зошто. Од нигде-никаде, и тоа само мене. На ниеден друг гроб немаше. Да потсетам - тоа беше период од 25 октомври па до декември - значи прво не можам да си објаснам од каде пчели во тоа време. Имаше снег. Ладно беше. Зима, човече. На 40 дена отпевачката, кога подавав храна за душа на еден човек, пчелата ме касна. Ме заболе многу и го испуштив послужавникот. Мајка ми рече дека се подуло местото, да седнам. Се држев за отокот цело време. Кога си отидовме дома немаше апсолутно ништо на раката, ништо - ни болка, ни оток.
* Иначе, татко ми од ништо не боледуваше, беше здрав како дрен и се се случило за неполна минута, кога отишол на работа кај мајка ми да и однесе кутија со алишта од мене и брат ми за некое сиромашно детенце што собирале луѓево на работа.
*Неговиот мобилен беше нов, купен пред некој месец, Нокиа стар модел со лизгач. Го оставивме на наткасна во кујна и си стоеше таму. Го фатив по некој ден, не знам зошто, сакав да го осетам како да е татко ми уште тука. На екранот имаше сина позадина, фиксна, како што го купивме телефонот, а на неа - црвен отпечаток од палец. Како некој да го држел прстот на екран. Им го покажав на мајка ми, брат ми и дечко ми и тие не можеа да поверуваат на очите. Го оставив и не го чепнав долго време. Кога на брат ми му цркна телефонот, зеде да види дали овој од татко ми може да се користи. На екранот немаше ништо. Беше чист како солза.