За СПЦ, Македонија е БЈРМ
Живица Туциќ, верски аналитичар од Србија, вели дека последните години СПЦ ја именува Република Македонија со називот што го користи и Грчката православна црква, односно бивша југословенска република Македонија
Каков е ставот во однос на МПЦ: врвот на Српската православна црква
Покрај црквата, српските владици не ја признаваат и државата?
Српската православна црква не само што не ја признава автокефалноста на Македонската православна црква-ОА, туку го оспорува и нашето државно уставно име. Потврда за тоа се случи токму вчера, во пресрет на редовното пролетно заседание на саборот на СПЦ, кога митрополитот бачки Иринеј Буловиќ, воедно и портпарол на црквата, најави дека ќе се разгледуваат црковните прашања и тешкотии со кои се соочени во Црна Гора и во бившата југословенска република Македонија. Ваквата формулација на СПЦ, и покрај тоа што српската држава ја има признаено Македонија под нејзиното уставно име, како што објаснуваат верските аналитичари, ја користи по урнек на Грчката православна црква.
Живица Туциќ, верски аналитичар од Србија, вели дека последните години СПЦ ја именува Република Македонија со називот што го користи и Грчката православна црква, односно како бивша југословенска република Македонија (БЈРМ).
- Ова не треба да ве загрижува. Во овој момент покорисно е да се обрне внимание на почнувањето на преговорите со СПЦ, отколку да се занимавате со Вранишковски. Тој и така сам ѝ се предал на македонската полиција. Но не треба да се заборави дека Вранишковски важи за официјален митрополит за православниот свет - додава аналитичарот Туциќ.
Според него, ако било решено името на Македонија, и прашањето за статусот на црквата ќе се одвивало поинаку.
Црковен Белград изминатиот викенд ја осуди пресудата со која во Велес беше осуден митрополитот Јован на две и полгодишна казна затвор, за проневера на 250 илјади евра црковни пари од неколку епархии на МПЦ.
И македонските аналитичари ја потврдуваат практиката на српските владици. Сметаат дека во нивните обраќања почесто може да се сретне именувањето како БЈРМ отколку државата да ја наречат по уставното име, кое како такво е признаено и од српската држава.
- Тоа не е непознато поведение на СПЦ. Српските архијереи се повикуваат на тоа дека се независни од државата и дека можат да го користат тоа име. Ние сме прифатиле така да ни се обраќаат во меѓународната заедница - истакнува Цане Мојановски, поранешниот претседател на Комисијата за односи меѓу заедниците.
Од МПЦ вчера не сакаа да го коментираат именувањето од страна на српскиот митрополит.
Инаку, и поранешниот патријарх Павле, кој најмногу инсистирал да се продолжи дијалогот меѓу СПЦ и МПЦ, при честитање на големите православни празници, редовно Македонија ја именувал БЈРМ.
Автор: Радмила Заревска
ИЗВОР