
Бивши функционери бараат прием на Македонија во НАТО, актуелните одбиваат да не' стават на агендата
Слободанка Јовановска
Има ли Македонија пријатели меѓу странските држави и дали е навистина несакано дете на Европа, како што изјави еднаш премиерот Никола Груевски? Каква е користа за државата ако јавно и грубо се прави листа на земји што ја сакаат повеќе Грција? Точна ли е констатацијата дека САД ја смениле страната, па сега се поблиску до позицијата на Атина? Кој застана зад Македонија во Чикаго и зошто тие пријателства немаа тежина да го сменат исходот?
Вакви и слични прашања се намножија по интервјуто на премиерот и по информациите дека на самитот само Турција, Унгарија, Канада, Холандија и Словенија од 28 земји членки застанале зад барањето да се отвори прашањето за приемот на Македонија. Колку и да се ценат поддршките што во лавина дојдоа пред самитот, не може да не се забележи дека поканата за Македонија ја фаворизираа главно бивши функционери и аналитичари поблиску до терминот лобисти, а од актуелните функционери стигаа само пораки дека ќе не' нема на агендата.
Според Стево Пендаровски, Чикаго покажал дека единствен пријател на Македонија сега е Турција, и дека билатералните односи со САД се на историски минимум, односно не биле полоши никогаш досега. Тој смета дека власта изгубила пристап до коридорите на моќта во Вашингтон, па и нашата дијаспора, која нема контакт со администрацијата на Барак Обама.
„Ние со клучните играчи во САД и во Европа немаме односи. И германската канцеларка Ангела Меркел е поблиску до грчката отколку до македонската позиција околу спорот, а во оваа земја Социјалдемократската партија има помакедонски став околу демохристијаните, кои се сродна партија на ВМРО-ДПМНЕ. Немаме никакви контакти и со Франција, а сакаме да го решиме спорот“, коментира Пендаровски со оценка дека премиерот бара пријатели главно меѓу оние кои во своите држави владеат на сличен начин како во Македонија и не го критикуваат“. Премиерот ја навреди ЕУ по заклучокот на самитот, сега го откачи НАТО. По вакви изјави најлогично е да ги повлече војниците од Авганистан, коментира тој, заклучувајќи дека сепак пораките не се за надвор, туку за домашниот аудиториум. Потсети дека за Македонија и во минатото се носеле тешки и неправедни одлуки, но не се сеќава дека претседателот Киро Глигоров по Лисабонската декларација или некој друг по друг повод излегол со вакви навреди и емоции. На тоа каде ќе оди Македонија по самитот, тој нема дилема и вели „никаде“.
„Нема да оди никаде. Ќе стои на место. Владата нема алтернативен план, ни за Русија, ни за Кина... Само ќе глуми дека оди во различни насоки, дека соработува со светот“, вели Пендаровски.
Суад Месини, пак, се согласува со изјавата на премиерот дека САД и' се пријатели за Грција, но тоа според него не исклучува дека се пријатели и на Македонија. „Клучната неспособност на премиерот е да сфати дека работите не се црно-бели како што ги преставува и дека не може да очекува САД да фатат страна во спорот и да ги нарушат принципите. Ние храниме нереална слика за нас самите, како да сме ангели. Дека сите сме убави, по манекенски писти одиме, секаде злато копаме... нешта што немаат врска со реалноста. Не гледам зошто САД би си направиле проблем во Алијансата со тоа што нас би ни одработиле нешто кога ние малку се трудиме, колку и да е Грција лош сојузник“, прашува Месини. Според него, големата нервоза што се појави пред Чикаго ќе остане и натаму и може да се зголеми, без оглед што сите беа свесни каков ќе биде резултатот.
Впечатокот дека САД ни се непријатели, според Денко Малески, произлегува од убедувањето дека тие се семоќни, но ете не сакаат да го решат проблемот во наша корист. „Се разбира, доведена до апсурд, оваа теза е исправна. Зашто САД можат, во крајна линија, да ја нападнат Грција и да ја принудат да не' признае под уставното име. Меѓутоа, само некој кој не ја знае азбуката на меѓународната политика може вака да размислува“, вели тој. Според него, интересот на големата сила не е да се заплетка во проблемите на една мала држава и поради тоа да завојува со трета држава. Максимум што може да се очекува е да ги земе предвид и нашите позиции, но ако се притисне да избира „или-или“, ќе ја одбере земјата со која ја врзуваат посилни интереси. „Впечатокот дека Америка ни е непријател произлегува од отсуство на знаење за опасните мориња на светската политика во која пливаат и китови и сардини. Малку повеќе знаење и малку повеќе паметење ни кажува дека токму со поддршката на Америка станавме самостојна држава“, вели Малески. И тој очекува насоката во која ќе се движи Македонија по Чикаго да остане иста, барем до мандатот на оваа влада и претседател.
„Перцепцијата кај граѓаните дека во Чикаго на Македонија и' е направена уште една историска неправда од страна на големите сили го активира чипот всаден одамна во историјата во свеста на Македонецот. Врз оваа доминантна, а денес веќе искривена свест, ќе продолжи да опстојува политиката на сегашната влада. Всушност, според универзалното правило дека што поголем отпорот кон надвор, посилен аплаузот дома, отпорот не само што ќе продолжи, туку ќе мора да се зголемува во наредните години. Меѓутоа, резултат од ваквата политика ќе биде создавање нови конфликтни ситуации кои можат да ја дестабилизираат земјата“, порача Малески.
--- надополнето: 23 мај 2012 во 07:31 ---
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=1720F4FA88AE1943BE8B4653ED6E0ED1